• среда, 03 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

3 јули 2024 

 

Кавадарци - Бране Паласков е нов началник на СВР Велес, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес. Тој на оваа позиција е назначен со решение на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

- Паласков ја вршеше функцијата началник на СВР Велес и за време на техничката влада пред последните избори. Тој ќе раководи со целото подрачје на СВР Велес. Тука спаѓаат општините Велес, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Градско и Чашка, соопштија од Секторот. 

Оттаму појаснија дека Паласков е дипломиран економист и во својата 10-годишна кариера како полициски службеник има работено на неколку позиции во СВР Велес. Како помлад инспектор во отсек за општ криминал, виш инспектор во отсек на општ криминал, виш инспектор во надворешна канцеларија за криминaлистички работи во Свети Николе, како и виш инспектор – главен дежурен во центар за известување и командување при СВР Велес. 

 

Ново Село/Босилово - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски отвори Подрачна единица на ова министерство во Ново Село и подрачна канцеларија во Босилово.

Според министерот, со тоа Министерството и неговите вработени се стават во служба на земјоделците и се институции поблиску до граѓаните.

-Овие ПЕ и ПК на МЗШВ во Општина Ново Село и Општина Босилово ќе значат побрз и поедноставен начин за поднесување апликации, регистрации и информирање на земјоделците од овие две општини, изјави Трипуновски. 

Тој посочи дека Подрачната единица во Ново Село била отворена во 2014 година, но претходната власт од непознати причини истата ја ставила вон функција за сега повторно да се реотвори и да биде во служба на земјоделците од оваа општина.

Министерот изрази благодарност до граданачалницте на Ново Село, Ѓорѓе Божинов и на Босилово, Ристо Манчев за нивната соработка и обезбедените простории во рамки на општинските згради и најави дека и во наредниот период ќе продолжи отворањето на подрачни канцеларии кадшто досега ги немало

 

Штип - Секој маж над 50 години мора да прави специјалистички прегледи, вели Влатко Филипов, специјалист уролог во Клиничка болница-Штип. Статистичките податоци, како што посочува, покажуваат дека поради тоа што мажите ги избегнуваат прегледите се регистрираат и поголем број случаи на карцином на простата.

-Основните прегледи кај уролог се вршат со претходна припрема кај матичниот, со правење на ехо и лабораторија со ПСА тумор и со тие два документа, пациентот треба да се јави на уролог. Пациентите не се јавуваат навремено, значи имаме пациенти кој во последната статистика од 300 направени биопсии, 200 се со карцином и од тие 200, 180 се со касни откриени карциноми, што значи голема е бројката на пациенти, кој касно се јавуваат на уролог. Така да, со новите методи имаме драстичен раст на ново откриени пациенти со карцином на простата, вели Филипов.

Податоците се однесуваат за прегледите во рамките на Клиничка болница на Одделението за урологија. Филипов забележува дека мора да се работи на свеста кај машката популација над 50 години да прават основни прегледи кај уролог.

 

Кочани – Во ОУ „Раде Кратовче“ од Кочани почнаа градежните работи за обновување на старата и дотраена кровна конструкција, а за што се обезбедени 70 илјди евра како јапонски грант.

Со реконструкцијата ќе се обезбеди исполнување на сигурносните стандарди, како подобрување на условите за квалитетно образование на над 450 ученици и за работа на наставниот и друг кадар.

- Откако е изградено училиштето во 1936 година, кровот бил реконструиран само еднаш пред околу 45 години. Се работи за стара дрвена градба со површина од 785 квадратни метри, без хидроизолација, а таванот е граден со трски. Целата конструкција беше во многу лоша состојба, со протекување на водата близу до електричната инсталација и претставуваше потенцијална закана за пожар. Поради тоа вработените и учениците изразуваа сериозна загриженост од можноста кровот да пропадне, истакна Глигор Гацовски, директор на ОУ „Раде Кратовче“.

 

Кавадарци – Вински музеј Кавадарци е посетен од околу 13.500 посетители за неполни четири години, информираше денеска директорката Весела Честоева. Таа истакна дека во овој летен период најголем дел од гостите се од различни делови на светот.

- За првата половина од оваа година имаме евидентирано околу 1.600 гости од земјава и странство, лани бројот на посетители изнесуваше околу 3.500, соопшти Честоева.

Таа нагласи дека расте интересот за посета на овој музеј од страна на заинтересирани туристи, ученици, обични граѓани, љубители на историјата, традицијата и културата на овие простори.

- Со отворањето на две винотеки во склоп на винскиот музеј, посетителите не само што може да уживаат во винската приказна на Тиквешкиот регион како најголем лозаровинарски регион во државата, туку имаат можност и да дегустираат од надалеку познатите тиквешки вина и ракии и да си купат од нив, како и маџун, производ од грозје за кој како и за виното, се верува дека има лековити својства, подвлече Честоева.

Таа го најави и претстојниот гурмански викенд што ќе го организира овој музеј во наредниот период, а на кој ќе се спојат тиквешките вина и ракии со традиционална храна, типична за ова поднебје.

 

Штип - Општина Штип во летниот период ќе инвестира во шест игралишта, детски катчиња за најмладите, од буџетот издвоени се пет милиони денари за нивна реализација, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој денеска изврши увид во изградбата на новиот забавен парк „Пролет“, кај стариот Градски пазар и зградата на СВР-Штип. Во рамките на овој забавен парк предвидени се низа на содржини, а децата ќе можат да играат шах, не лути се човече, икс – точка и други игри. Се очекува паркот да биде завршен за две недели. Градоначалникот Иван Јорданов посочи дека летниот период освен забавниот парк, ќе се постават детски катчиња во неколку населени места во градот.

-Овде се започнати активности за изградба на еден забавен парк веднаш до постоечките детски реквизити. Станува збор за една содржина која верувам дека ќе ги анимира најмладите, затоа што летните месеци се вистинска причина да се создадат детски катчиња, преку кои тие ќе се анимираат. Освен оваа содржина се предвидува во неколку населби да се изградат детски катчиња во Железничка, Балканска, Чардаклија и други, вели Јорданов.

Тој упати апел до граѓаните, пред сè до помладите да не го уништуваат она што се поставува на јавна површина. Детските катчиња се за граѓаните и во нивен интерес и затоа треба да се чуваат. Апелира родителите повеќе да работат на свеста на нивните деца.

 

Гевгелија - Општина Гевгелија ги известува граѓаните дека од утре можат да пријават штети од вчерашното невреме кое го зафати регионот. 

Како што соопштија од локалната самоуправа, Општинската комисија за утврдување на висината штетите од елементарни непогоди и друго несреќи констатирала дека невремето проследено со пороен дожд, град и ветер предизвикало сериозни штети на посевите во селата Миравци, Милетково, Петрово, Габрово, Смоквица и Серменин.

Штетите се пријавуваат со барање за утврдување на висината на штетата, а за земјоделците со опис на културата, број на насад и година на садење. Во прилог на барањето потребно е да се достави имотен лист или договор за закуп на земјиште или објект, копија од лична карта и трансакциска сметка.

 

Куманово -  Две лица, татко и син се повредени при меѓусебна пресметка претпладнево во кумановската населба „Иго Тричковиќ“, соопшти СВР Куманово.

- Денеска 10:40 часот во СВР Куманово било пријавено дека во населбата „Иго Тричковиќ“ бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу татко и син, во која бил употребен и остар предмет. Двајцата со повреди биле пренесени во општа болница Куманово, информираше СВР Куманово.

Полициските службеници се на терен и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Од кумановската болница информираат дека едниот од повредените поради сериозноста на повредите е транспортиран на една од скопските клиники. 

 

Крива Паланка - Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ја повика Владата на Република Северна Македонија да овозможи државна помош за Општина Крива Паланка за справување со штетите од невремето што ја зафати целата држава деновиве,  кое во општината оштети над 40 километри земјена патна инфраструктура.

-Потребни нѝ се помош и поддршка од надлежните национални институции и претпријатија за справување со штетите од невремето што општината не е во можност сама да ги санира. Бараме владина, државна помош за брза санација и ефикасно справување со последиците, со цел избегнување поголеми проблеми за мештаните и локалното население во руралните средини и големиот број оддалечени села каде се настанати штетите. Општина Крива Паланка за овој, како и за секој проблем, работи темелно, но решавањето на настанатата состојба не е можно без неопходната поддршка надлежните институции. Само за потсетување, во јуни 2023 година по невремето, Општина Крива Паланка со заеднички сили и државна помош, заедно со ЈП Државни патишта и тимовите на Инженерскиот вод на АРМ, со сите локални служби и расположливи човечки ресурси, успеа навремено да ги санира штетите и да ги врати во првобитна состојба локалните патишта, рече Митовски.

Тој посочи дека природните непогоди се непредвидливи, единствено што преостанува е како носители на одговорност истата секој чинител да ја прифати и со заеднички ресурси, со поддршка од државата, да се заложат за секој жител, зашто граѓаните се прв приоритет. 

 

Струмица - Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајната несреќа што се случила синоќа 30 минути по полноќ на автопатот од клучка Гевгелија кон Граничниот премин Богородица.

Како што соопштија од СВР Струмица, во сообраќајна несреќа учествувале товарно возило „ман“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Б.Ј.(35) од село Селемли, општина Богданци и товарно возило „ивеко“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од С.А.(26)  од село Стојаково, исто така од Општина Богданци.

-Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Б.Ј., кој на пат кон Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ им подлегнал на повредите, а смрт констатирал лекар. Другиот возач, С.А., се здобил со телесни повреди, констатирани во Општата болница Гевгелија, стои во соопштението на СВР Струмица.

На местото на несреќата увид извршила екипа од ОВР Гевгелија.

 

Кавадарци - Лишени од слобода биле вчера кавадарчанка која му се заканувала на сопругот и кавадарчанец кој обљубил сограѓанка, информираа денеска од СВР Велес. 

- Вчера во 11.15 часот полициски службеници од ОВР Кавадарци ја лишиле од слобода А.Б.(46) од Кавадарци, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом му се заканувала на нејзиниот 48-годишен сопруг. А.Б. била приведена во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против нејзе ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од СВР Велес. 

Синоќа во 18.40 часот полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода А.Х.(33) од Кавадарци, по пријава од 26-годишна сограѓанка, со која бил во љубовна врска. 

- Според пријавеното, на 09.06.2024 во хотелска соба во Кавадарци, А.Х.  физички ја нападнал и извршил обљуба врз неа. А.Х. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно  документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Велес. 

 

Дојран - По надминување на сите имотно-правни и административни проблеми, конечно почна изградбата на нова Пречистителна станица за третман на отпадните води, децениски проблем кој го мачеше Дојран и со овој еколошко-капитален проект го решаваме најголемиот проблем за заштита на Дојранското Езеро, објави градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

Тој во објавата на фејсбук потсетува дека средствата во износ од 188 милиони денари за изградба на Пречистителната станица и санација на колекторскиот систем се обезбедени со одлука на Владата од 2020, 2021 и 2023 година заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање, како и дополнителни 78 милиони од Амбасадата на Словенија во соработка со невладината организација „Милиеуконтакт".

 

 

 

Остани поврзан