• вторник, 02 јули 2024
МИА Општински пул

2 јули 2024 

Скопје - Општина Ѓорче Петров првпат ангажира механизација за одржување на јавните површини кои се во надлежност на општината. Како што соопштија од општината, склучен е договор за изнајмување на две метларки, една цистерна за миење улици и камион со преса за собирање зелен отпад.

- Со оваа мерка, значително ќе се подобри ефикасноста во одржувањето на хигиената на сите јавни површини во надлежност на општината, а паралелно со тоа, ќе се постигне и подигнување на јавната чистота на едно повиско ниво, изјавил градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, се наведува во соопштението.

Тој истовремено упатил апел да не се оставаат возилата на коловози за да може непречено да се врши работата.

Струмица - Од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ги известуваат граѓаните дека утре во периодот од 09:00 до 16:00 часот ќе се изврши ларвицидна дезинсекција.

Според информацијата од Центарот, дезинсекција ќе се врши во општините Ново Село, Босилово, Василево, Струмица, Валандово и Дојран, а доколку временските услови се неповолни дезинсекцијата ќе се изврши кога ќе се подобрат.

Од Центарат за развој на Југоисточниот плански регион ги известуваат сопствениците на пчелни семејства да преземат соодветни мерки за заштита, односно да ги затворат истите во најавениот временски период.

Крива Паланка - Заврши асфалтирањето на улицата "Гоце Делчев" во населбата Житен склад во Крива Паланка. Извршена е реконструкција на два дела од улицата со вкупна должина од околу 800 метри.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, изврши увид во реализацијата на проектот со кој се инвестирани вкупно 7.500.000 денари.

-Жителите на оваа улица денес чекорат по нов асфалт. Реконструкцијата опфати два дела: едниот со должина од 473 метри, за што се инвестирани 4.800.000 денари од кои: 1.500.000 денари преку Програма за поддршка на Ромите преку Министерството за транспорт и врски, а 3.300.00 денари од Буџетот на Општина Крива Паланка. За вториот дел во должина од околу 300 метри вложени се 2.700.000 денари, обезбедени од Буџетот на Општина Крива Паланка, преку Развојна програма за реконструкција и рехабилитација на локални улици и патишта за 2024 година. Продолжуваме со инвестициите за урбана општина, подобрување на патната инфраструктура, подобри услови за сите граѓани, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Делчево - Јавната локална библиотека ,,Илинден" од Делчево ги сумира резултатите за литературата која се најмногу се изнајмува во установата. Меѓу најбараните изданија на почетокот на летото е детската литература, која претежно се изнајмува од стрaна на основците, соопшти директорката на библиотеката Билјана Петровска.

-Од лектирите за основно образование најбарана е „Доктор Офболи“. Средношколците во јуни не изнајмиле лектири и за еден месец изнајмена е само една „Тристан и Изолда“. Што се однесува до повозрасните читатели најчитани во месецот што измина беа трилерите и нашите членови нив најмногу ги читаа. Најбарани беа делата на Лаш Кеплер, Фрида Мекфаден и Сејгер Рајли, истакна Петровска.

Меѓу побројните посетители во месец јуни, како што додаде биле и најмалите кои барале сликовници од големиот избор на детска литература.

Прилеп - Рано изутрината изгоре дуќан во Старата прилепска чаршија. Брзата интервенција на пожарникарите спречи го0лема опасност да ги зафати другите дуќани и чаршијата.

Пожарот околу 5 часот бил забележан од работник од ЈП „Комуналец“ кој веднаш ја известил противпожарната единица.

Интервениравме со три возила и брзата интервенција беше клучна, зашто постоеше огромна опасност огнената стихија да ја зафати Чаршијата, односно повеќето дуќани зашто сите се еден до друг, изјави Кристијан Момироски, командир на прилепската противпожарна единица.

Куманово - Во Основниот суд Куманово денеска продолжи рочиштето во кое е обвинет кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски за злоупотреба на службена положба и овластувања, по кривична пријава поднесена од кумановски градежни фирми за случајот за недобивање дозволи за градење згради во Куманово.

На денешното рочиште продолжи испитувањето на сведокот, раководител на сектор за урбанизм во општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, која одговараше на прашање на обвинителката за постапката за одобрување на градење, за документација, за датумите за донесување на суспензија на ДУП-от, што го опфаќа реонот околу гимназијата и школската амбуланта како и за измена на одлуката за степенот на градење. Сларидис рече дека одлуката ја обжалиле градежните компании и дека Уставниот суд донел времена мерка за укинување на измената и дополнувањето на одлуката на советот за суспензија, по што предметот се работел. И адвокатите на градежните компании „УПМ-ГРУП“ ДООЕЛ и „ХРОМАК Емил“ ДООЕЛ прашаа за датумите на донесување на одлуката за измена намалување на степен на градба, дали инвеститорите поседувале други пропратни дозволи, дали проектот бил ревидиран. Адвокатите на фирмите кажаа дека општината не ги почитувала одлуките од второстепениот орган односно Уставниот суд. Таа потврди дека иако законскиот рок во одредени моменти е пократок, поради забелешки може да се одолговлече и кажа дека за време на постапката имале инспекции.

Штип - Во организација на Здружение на слепи лица - Штип денеска почна Меѓународен шаховски турнир за слепи лица. Драги Витанов претседател на Здружението на слепи лица-Штип, вели дека на турнирот учествуваат 16 лица од Република Северна Македонија, Србија и Бугарија. Награди ќе има за тројцата најдобри шахисти, како и за шахистките, кои се натпреваруваат на овој турнир, а кој се реализира во зградата на Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ во Штип, со финансиска поддршка на Општина Штип.

-Првите тројца на турнирот ќе добијат награди, како и најдобро пласираната женска шахистка. Овој турнир е со финансиска поддршка и во соработка со Општина Штип, како и со Државниот студентски дом, каде што се одржува турнирот и се сместени слепите лица, вели Витанов.

Ранко Вуковиќ од Република Србија, кој е учесник на Меѓународниот турнир во шах вели дека  во шахот се најмали тие бариери кои слепите ги имаат заради видот и можат рамноправно да се натпреваруваат со лицата кои немаат проблем со видот.

Кавадарци - Во кавадаречко Бохула се поставува фекална канализација, колекторски систем во Бегниште, соопштија попладнево од кабинетот на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.  

- Станува збор за поставување на фекална канализација со комплетно нови шахти во село Бохула, во должина од 520 квадратни метри, а паралелно се работи на колекторскиот систем во село Бегниште и тоа во должина од 800 квадратни метри. Јавното претпријатие ,,Комуналец" Кавадарци заедно со Локалната самоуправа, интензивно работат на подобрување на условите за живеење за граѓаните во руралните средини, информираа од кабинетот на Јанчев. 

Оттаму додадоа дека ,,Комуналец" со донација на компанијата ,,ЈА-МИ", работеле на тампонирање на сите критични места на патот Бохула – Радња, со околу 400 кубни метри локален тампон.

Дебар - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков при вчерашната посета на селото Глобочани во Мала Преспа, каде го отвори 19. издание на  фестивалот Македонско културно лето" одговораше на новинарски прашања, поврзани со пописот во Албанија, според чии резултати видно е намален бројот на Македонците.

-Не сум информиран како бил спроведен пописот во Албанија, но ова е дипломатски проблем, оставив на албанската држава да разговара и ние ќе дадеме свое мислење. Индивидуално право на секој граѓанин е да се изразува како што мисли и на крајот ќе оставиме државните институции да го кажат последниот збор, рекол Љутков, објави Ора њуз.

Според телевизијата, на прашањето дали активноста што се организира во Глобочани е активност и за бугарските граѓани и за оние кои се во процес на вадење на бугарски пасоши, тој одговорил дека „речиси секој овде, секогаш бил информиран  дека ова се денови на македонската култура во општина Пустец, Албанија". 

Остани поврзан