• вторник, 02 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

2 јуни 2024

Скопје - Архиепископот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан упати честитка до новоизбраниот бугарски патријарх Даниил. 

-Ваша Светост, Дозволете Ни од Свое и од името на архијереите, чесното свештенство, преподобното монаштво и верниот народ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, да ја изразиме радоста и срдечно да Ви го честитаме изборот за Претстојател на Бугарската Православна Црква. Вашата богољубива и стамена личност беше препознаена од Светиот Дух, како и од членовите на Патријаршискиот изборен црковен Собор, кои во Вас видоа достоен наследник на Вашите претходници на светоимената Софиска катедра, се наведува во честитката. 

Архиепископот Стефан му посака на патријархот Даниил мирно и плодородно првојерархиско служење.

Дебар - Работната акција во бигорскиот метох, манастирот посветен на Соборот на Светиот Архангел Гавриил во  Манастирец, во Долни Дримкол, беше успешно спроведена и завршена.

- Благодарение на вашите молитви и посветеноста на работниците доброволци, изминатиов викенд, на 29 и 30 јуни, со благослов на нашиот почитуван Старец, Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, внатрешноста и надворешноста на некогашниот величествен храм беа сосема очистени, така што се стигна до самата основа на црквата, информираа од Бигорскиот манастир.

Акцијата вклучуваше отворање на пристапен пат и израмнување на површината околу остатоците од некогашниот монументален храм, кој со текот на времето беше целосно обраснат и тешко пристапен.

Скопје - Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески денеска ќе одржи работна средба со членките на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите, на тема „Состојби во градежништвото“.

На средбата, како што информираат од Комората,  ќе се разменат информации за досегашните активности преземени во рамки на здружението и детално ќе биде разгледана тековната состојба во градежништвото, со фокус на клучните предизвици, проблеми и можности кои го дефинираат овој сектор во моментов. Дополнително, ќе се дискутира и за идните чекори и стратегии кои се потребни за понатамошен развој и подобрување на градежништвото, со цел да се создадат поволни услови за раст и унапредување на оваа важна индустрија.

Скопје- Во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, излезе од печат монографија за Питу Гули, историографски труд од познатиот македонски писател и публицист Кочо Топузоски.

Книгата е објавена во знак на одбележување на 120 години од загинувањето на легендарниот војвода од Мечкин Камен, Питу Гули (1865-1903), чиј животен и револуционерен век се поклопува со најзначајниот период од борбата на македонскиот народ за самостојност и за создавање национална држава, познат во историските традиции како илинденска епопеја.

Скопје - На граничниот премин Богородица се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање за излез од земјава е околу 40 минути. На ГП Табановце има зголемена фреквенција на возила за влез во државата, време на чекање околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Како што информира АМСМ, сообраќајот на останатите државни патишта утрово се одвива непречено, по суви коловози со умерен интензитет на патните правци надвор од градските средини. 

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во земјава се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.

Скопје - Вкупно 109 санкции биле изречени од страна на полициските службеници во текот на вчерашната контрола на територијата на град Скопје.

- На територија на град Скопје изречени се вкупно 109 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 14 санкции, четири мерки за користење на мобилен телефон при управување, 28 санкции за прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли, четири мерки за некористење на сигурносен појас, информираат од МВР.

Скопје – Времето денеска ќе биде променливо облачно, во раните утрински часови со услови за изолирана појава на краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во текот на денот на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интезивен пороен дожд, силен ветер од над 70 километри на час и град. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени Целзиусови. УВ индексот ќе изнесува 7.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен пороен дожд и грмежи, во делови од котлината во форма на невреме со интезивен пороен дожд, силен ветер од над 70 километри на час и град. Услови за краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер ќе има и во раните утрински часови. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 31 степен Целзиусов.

Белград - Словенија, Хрватска и Србија синоќа беа зафатени со силно невреме, со дожд, грмежи и град, кое предизвика материјални штети.

Словенија ја зафати силно невреме со обилни врнежи, налети на ветер и град, а најмногу штети има во Долењска, каде густиот град уништи посеви, а силните налети на ветер оштетија и носеа покриви на куќи.

Поради невремето, Агенцијата за животна средина (Арсо) издаде портокалово предупредување за целата земја, јави Словенечката телевизија.

Обилните дождови предизвикаа лизгање на земјиштето, а силните ветрови урнаа дрвја, столбови за струја и покриви на станбени, деловни и други згради.

Силно невреме синоќа ја зафати и Хрватска, претежно Славонија и Загреб, а силниот ветер, дожд пропратен со грмежи и град создаде огромни проблеми во Сисак, Винковци, Славонски Брод и Жупања.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден, по одлуката на американскиот Врховен суд со кој на Доналд Трамп и на другите претседатели им даде широк имунитет од кривично гонење, рече дека пресудата го поткопува владеењето на правото.

Судската одлука прави речиси сигурно дека Трамп нема да се соочи со судење во Вашингтон пред ноемвриските избори, на кои тој е републикански претседателски кандидат, за неговите постапки за време на насилните немири на 6 јануари 2021 година, наведува Гласот на Америка.

„Никој не е над законот, дури ни претседателот на САД“, рече Бајден во Белата куќа.

Вашингтон - Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен предупреди дека може да избие војна во Либан, иако ниту една страна не го сака тоа.

Во интервју за Институтот Брукингс во Вашингтон, Блинкен рече дека Израел „ефективно го изгубил суверенитетот над северниот квадрант на својата држава бидејќи луѓето не се чувствуваат безбедно и не се враќаат во своите домови“.

Тој го повтори своето верување дека Израел не сака војна во Либан, но призна дека можеби е добро подготвен да се вклучи во таква војна доколку смета дека е неопходно да ги заштити своите интереси.

Киев  - Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска пристигна во посета на Киев, негова прва од почетокот на војната во Украина, каде ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Посетата на Орбан следи еден ден откако Унгарија го презеде претседавањето со ЕУ.

Орбан ќе се сретне со Зеленски и други високи претставници во Киев само неколку дена откако двајцата разговараа на самитот на ЕУ во Брисел.

Како што пренесуваат странските агенции, Орбан, кој е најблискиот сојузник на рускиот претседател Владимир Путин меѓу лидерите на ЕУ, често се спротивставува на многу иницијативи на Брисел за поддршка на Украина во одбраната од руските напади.

Берлин - Германската Федерална канцеларија за заштита на Уставот соопшти дека има конкретни докази дека 364 вработени во германските безбедносни органи може да се каже дека покажуваат неуставни десничарски екстремистички ставови. Ова доаѓа од третиот извештај на Федералната канцеларија за заштита на Уставот за десничарскиот екстремизам, објави германскиот весник Велт.

„Угледот на огромното мнозинство вработени кои ги бранат слободата и демократијата не смее да страда поради неколку екстремисти“, предупреди сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер.

Според неа, довербата и транспарентноста се од суштинско значење.

Газа - Израелската армија им нареди на Палестинците кои живеат во источните области на Кан Јунис, вториот по големина град во Газа, веднаш да се евакуираат и изврши напади во областа, во кои според властите на Хамас, имало жртви.

Израел започна нови напади во јужниот дел на Газа, поради што стотици Палестинци избегаа, откако армијата нареди евакуација на одредени густо населени области, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Според медицински извори и палестинската Црвена полумесечина, очевидци пријавиле повеќекратни напади во и околу градот Кан Јунис, при што загинале најмалку осум лица, а повеќе од 30 се ранети.

Каракас - Венецуелскиот претседател Николас Мадуро изјави дека го прифатил предлогот за продолжување на директните преговори со САД.

„Следната среда ќе ги обновам разговорите со американската влада. Откако размислив, прифатив и следната среда повторно ќе започнат разговорите за да се почитуваат договорите потпишани во Катар и да се вратат условите за дијалог со почит“, рече Мадуро во телевизиска емисија.

Кон крајот на 2023 година, Вашингтон и Каракас постигнаа договор за размена на затвореници по неколкумесечни преговори со посредство на Катар.

Техеран - Високиот ирански бригаден генерал Амир Али Хаџизаде, командант на воздухопловните сили на Револуционерната гарда, му се закани на непријателот на Техеран, Израел со нов масивен ракетен напад, јави ДПА.

Според државните медиуми, тој ја дал острата изјава на настан во Техеран вчера.

Пред неколку месеци, Иран и Израел беа на работ на голема регионална војна. На 13 април годинава Револуционерната гарда истрела стотици беспилотни летала и ракети врз Израел, потсетува ДПА.

Ова се случи по наводниот израелски напад врз комплексот на Иранската амбасада во сирискиот главен град Дамаск, во кој на почетокот на април беа убиени двајца генерали.

Сега Хаџизаде изјави дека се надева на можност за втора ваква операција. „Не знам колку проектили ќе бидат потребни“, додаде тој.

Франкфурт - Капитенот на португалската репрезентација Кристијано Роналдо на социјалните мрежи реагираше на прогресот на тимот во четвртфиналето на Евро 2024. 

Португалците синоќа ја совлада Словенија на пенали 3:0 во осминафиналето.

-Необјасниви моменти. Да дадеме сѐ од себе! Благодарам - напиша Роналдо.

Во четвртфиналето на Евро 2024, репрезентацијата на Португалија ќе се сретне со селекцијата на Франција. Натпреварот ќе се одигра на 5 јули.

Канзас Сити – Репрезентацијата на САД ноќеска во Канзас Сити загуби од Уругвај со 1:0 во натпреварот од 3. коло во Ц-групата на Копа Америка 2024.

Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Матијас Оливера во 66. минута. 

На другиот натпревар од оваа група, Панама ја победи Боливија со 3:1. 

Едуардо Гереро, Цезар Јанис и Хозе Фахардо Нелсон погодија за Панамците. Стрелец на голот на Боливија беше Бруно Миранда.

Уругвај со максимални девет бода заврши на првото место во својата група. Второто место и пласман во плејофот избори  Панама со шест бода.

Остани поврзан