• вторник, 02 јули 2024
МИА Флеш

  2 јули 2024

 

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска го примила претставникот на Европската банка за обнова и развој, Фатих Туркменоглу. На средбата се разговарало за досегашната соработка со Европската банка за обнова и развој, при што Сиљановска Давкова изразила благодарност до ЕБОР за поддршката и партнерството во изминатите три децении, како еден од клучните и најголеми инвеститори во земјава и регионот.

Скопје - Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во рамките на Годишното собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), присуствуваше на средбата на жените гувернери и заменици на гувернери на која се сретна со гувернерката на централната банка на Норвешка и заменик-гувернерките на Канада, Финска и Турција. 

Скопје - Во следните два дена ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со локален пороен дожд и грмежи, најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи. 

Утре долж Повардарието ќе дува засилен северен ветер, а од петок времето ќе биде стабилно и топло. 

Попладнево и во текот на ноќта на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер (над 70 km/h) и појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени.

Белград - Црвеното ниво на безбедност во Србија ќе продолжи уште некое време и дека сите безбедносни служби во државата работат на откривање на верските екстремистички ќелии. Тоа го изјави денеска српскиот премиер Милош Вучевиќ
Во изјава за белградски медиуми тој додаде дека на целата територија на Србија полицијата и БИА (Безбедносно информативна агенција) спроведуваат акција за уништување на сите екстремистички ќелии.

Белград – Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, изјави дека ЕУ се обидува да помогне во нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и дека САД помагаат во тој процес бидејќи. „Ако нема нормализација, тоа значи нестабилност, тоа значи проблеми. И додека Европејците сакаат да ја видат Србија меѓу нив, во нивните структури, тие сакаат Србија да ги реши или барем да ги реши нејзините проблеми пред да влезе во ЕУ“, нагласи Хил во интервју во пресрет на Денот на американската независност за магазинот „Diplomacy & Commerce“.

Белград - Премиерот на Србија Милош Вучевиќ денеска оцени дека нема да има напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина се додека е на власт косовскиот премиер Албин Курти и додаде дека за тоа е свесен и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Мирослав Лајчак.  Вучевиќ во гостувањето на телевизија Блиц изјави дека е загрижен што Западот попушта пред косовскиот премиер.

Белград – Српската Влада одлучила да почне медиумска кампања во следните две недели со цел да го поддржи проектот за ископ на литиум. Според извор на телевизијата Н1, на провладините медиуми им е испратен список на луѓе кои треба да бидат секојдневно соговорници на гостувања, дебати и тркалезни маси на тема ископ на литиум.

Во пораката проследена до уредниците на провладините медиуми, а во која имаа увид од Н1, се наведува дека тие соговорници, меѓу кои се професори по рударство и геологија, Машинско инженерство и Техничкиот факултет во Нови Сад , како и Здружението на рударски и геолошки инженери на Србија, треба да бидат повикани на гости да зборуваат за позитивните ефекти од ископувањето литиум.

Атина – Го повикувам премиерот веднаш да одлучи да ја промени надворешната политика што ја следи. Да стави вето за Албанија. Да подготви, преку создавање на силна правна и политичка група на експерти, повлекување од национално опасниот Договор од Преспа. Да стави, како Бугарија, вето на секој чекор на Скопје, чиј иредентизам мораме сега и насекаде да го пријавиме. Целосно да се ревидира пријателството со Турција, со што во пракса ќе стане јасно дека не може да не уценуваат, да ни се закануваат, не се плашиме, истакна поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина – Во населба во северниот дел на Атина, утрово беше пронајден 54-годишен маж смртно ранет со огнено оружје во автомобил, а според првичните неофицијални информации, бил застрелан со најмалку 15 куршуми, јави дописничката на МИА од Атина. Веројатно мажот бил убиен од непосредна близина, од лице кое се превезувало на мотор, а сè уште е непознато дали имал и соучесник. Убиството се случи кусо пред 8.30 часот утрово, а жртвата заедно со уште едно лице имале фирма за топографски студии.

Приштина - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, ја прогласи среда (3 јули) за ден на национална жалост поради смртта на писателот Исмаил Кадаре. Кабинетот на Османи соопшти дека среда е прогласена за ден на жалост, на денот кога ќе се изврши неговиот погреб. 

Брисел - Европската комисија го одобри барањето на Бугарија да му додели на јавното претпријатие „Бугарски пошти“ помош од државата за реструктуирање во износ до 25,51 милиони евра (50 милиони лева), јави дописникот на МИА од Брисел.   Се очекуваа оваа помош да му овозможи на претпријатието да обезбеди долгорочна одржливост, притоа минимизирајќи ги влијанијата врз конкурентноста.  „Бугарските пошти“ лани во мај добија кредит од државата во износ од приближно 26,5 милиони евра, по што во декември Бугарија ја извести Европската комисијата дека на претпријатието ќе му биде потребна дополнителна помош за реструктуирање.  

Женева - Агенцијата на ОН за поддршка на палестинските бегалци процени денеска дека четвртина милион луѓе биле погодени откако израелската армија издаде нова наредба за евакуација на делови од јужна Газа еден ден претходно. „Видовме луѓе како се движат, семејства како се движат, луѓе почнуваат да ги пакуваат своите работи и се обидуваат да ја напуштат оваа област“, ​​изјави во Женева портпаролката Луиза Вотериџ, преку видео врска од Газа.
Таа додаде дека агенцијата „проценува дека околу 250.000 луѓе се погодени од тие наредби“.

Тел Авив - Израелската радиодифузна корпорација објави дека политичкото раководство на земјата и дало зелено светло на војската во текот на овој месец постепено да премине во третата, последна, фаза од војната против Хамас во Газа. Радиодифузерот додава дека одлуката е донесена, меѓу другото, поради тензијата на северниот фронт со цел да се избегне ширење на војната. Според изворот, третата фаза ќе ги вклучи преостанатите израелски сили во коридорите Нецарим и Филаделфија, како и на други места во Појасот Газа, за да се изврши притисок врз движењето Хамас доколку не се постигне договор за размена на заложниците.

Вашингтон – Двеста шеесет и четири милиони долари собрале предизборниот штаб на американскиот претседател Џо Бајден и сојузниците во вториот квартал, соопшти кампањата на Бајден. Тие прецизираа дека 127 од 264 милиони биле собрани минатиот месец и дека е поставен рекорд за донации од обични граѓани на денот на дебатата меѓу Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп. Изборниот штаб тврди дека имаат и 240 милиони долари во готовина.

Вашингтон - По важната одлука на Врховниот суд на САД дека имал претседателски имунитет и не може кривично да се гони за дејствија преземени во 2020 година, поранешниот американски претседател Доналд Трамп сега ќе се обиде да поништи уште еден кривичен случај, тврдат добро упатени извори. Адвокатите на Трамп рекоа, имено, дека пресудата во врска со скандалот околу тајните исплаќања на актерката Сторми Даниелс треба да биде отфрлена бидејќи поротата за време на судењето видела докази за кои веруваат дека требало да бидат заштитени со претседателски имунитет. Ова се наведува во писмото на адвокатот до судијата Хуан Меркан, до кое изворите имале увид, пренесува Ej-Би-Си Њуз.

Лондон – Триесет и седумгодишниот британски тенисер Енди Мареј се повлече од Вимблдон 2024 во сингл. Тој планира да се натпреварува во двојки со својот брат Џејми. Ова го објави „ITV.com“. Во првото коло на Грен слем турнирот во Лондон, Мареј требаше да ги одмери силите против Чехот Томаш Мачац. Минатата недела поранешниот светски рекет број еден беше опериран за отстранување на циста на 'рбетот.

Бостон – Џејсон Тејтум ќе потпише договор со Бостон Селтикс вреден 314 милиони долари. Ѕвездата на Бостон, се согласи на нов петгодишен договор со клубот. Според „ESPN“, договорот со 26-годишниот Американец ќе биде за 314 милиони долари, вклучувајќи „опција за играч и трејд кикер“. Договорот ќе биде најголемиот во историјата на НБА. Тејтум игра за Бостон од 2017 година. Во шампионската сезона на Селтикс 2023-24, тој одигра 74 натпревари, со просек од 26,9 поени, 8,1 скока и 4,9 асистенции.

Лондон - Изминатите 14 години на политички превирања во Велика Британија, во Кабинетот на премиерот на „Даунинг стрит“, бр. 10 имаше една „фигура на стабилност“ - мачорот Лери. Миленичето на пет премиери би можел да го дочека и својот шести официјален сопственик, бидејќи општите избори во Обединетото Кралство се одржуваат на 4 јули. Лери досега беше милениче на пет премиери од Конзервативната партија, а доколку анкетите се покажат точни, мачето наскоро би можело да го пречека и првиот шеф на Британската влада од Лабуристичката партија. Со заминувањето на сегашниот премиер Риши Сунак, од Кабинетот би заминало и неговото куче, лабрадорот-ретривер Нова, што на Лери тоа „веројатно не би му пречело“, според луѓето околу „Даунинг стрит“, бр. 10. Сопругата на Сунак, Акшата Мурти изјави дека Лери и Нова имале „жестоки тепачки“ во домот.

Тагови

Остани поврзан