• вторник, 02 јули 2024
МИА Радио флеш

1 јули 2024 

-Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска остварила средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Хосе Луис Лосано Гарсија, на која биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои годинава одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, при што била истакната посветеноста за натамошно јакнење на пријателските и партнерски односи меѓу двете држави. Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, истакнала дека Шпанија е наш важен партнер во рамки на НАТО, ОН и ОБСЕ и поддржувач на аспирациите за членство во Европската Унија, што јасно го демонстрираше за време на своето претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на минатата година.

-Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека средствата од Буџетот што ќе бидат наменети за општините ќе им бидат префрлени на локалните самоуправи откако тие ќе достават проекти и точно ќе се знае за кој проект, колку средства ќе бидат наменети. - Средствата ќе бидат префрлени до општините откако претходно општините ќе достават проекти на наменска сметка, нема да бидат префрлени на редовна сметка на општините за тие да ги користат за тековно работење – за плати или плаќање на стари долгови, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по ставањето камен-темелник на нова градинка во општина Бутел. Најави дека многу скоро ребалансот на Буџетот ќе се најде во собраниска процедура и точно ќе се знае како и од која ставка ќе бидат обезбедени средствата. 

-Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска не криела дека има бугарско и чешко државјанство и посочи дека функционерите не можат во биографијата да го стават целиот нивен матичен лист, за се што правеле.

-Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна средба со градоначалникот на oпштина Бутел Дарко Костовски, на која биле разгледани повеќе други аспекти на можна соработка на Министерството за внатрешни работи со локалната самоуправа. - Како што ветивме пред граѓаните уште во техничкиот мандат, еден од приоритетите во делот на изградба на нови објекти е полициската станица во oпштина Бутел, објект кој е во најлоша состојба. Oд тие причини веднаш се почнува со средување на проектна документација и пренамена на средства со цел што поскоро да започне изградбата на станицата. Вработените во МВР заслужуваат да работат во нормални услови, што ќе придонесе за зголемување на квалитетот на услугите кои ги даваат кон граѓаните и ултимативно, зголемување на безбедноста на граѓаните, што е наш приоритет, потенцирал министерот Тошковски на средбата, се наведува во соопштението од МВР.

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека веќе е објавен тендер за компресорите за хируршките сали на Клиничкиот центар во Скопје, но и дека доколку е потребно ќе се обиде да се најде начин за реновирање и на салите во болницата „8 Септември“.  - Полека се наоѓа решение за проблемот со хируршките сали на Клиничкиот центар. Веќе е објавен тендер за компересорите кои не работат. Максимум времето до кога треба да се поправи и да се завршат и да се вратат во функција се надевам дека ќе биде крајот на декември. Во меѓувреме ние ќе инсистираме доколку може што поскоро да заврши да бидат функционални салите на Хирургија во Клиничкиот центар, изјави денеска министерот за здраство Арбен Таравари, кој имаше средба со новинарите. 

-Здружението за помош на лица со фенилкетонурија ПКУ „Херои“ денеска ја презентираше поштенската марка посветена на оваа ретка болест. Марката ја издаде Македонска пошта и чини 36 денари.Како што беше речено на промоцијата, целта е да се подигне свеста кај луѓето и власта за оваа ретка болест, а секоја акција од ваков вид ја зголемува можноста од креирање иднина во која фенилкетонуријата и другите ретки болести ќе бидат подобро разбрани, управувани и излечени. Укажано беше и на потребата од што поголема едукација на младите лекари во оваа област.

-Предмет на дијалогот меѓу Белград и Приштина, чија нова рунда ќе се одржи утре во Брисел, е нормализација на меѓусебните односи и задача на ЕУ како олеснувач е да им помогне на двете страни да го постигнат тоа, изјави денеска главниот портпарол на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. - Признавањето не е дел од дијалогот, но секако логичен резултат од нормализацијата би било признавање. Но, тоа е за многу понатаму во процесот, истакна Стано во одговор на новинарско прашање дали целта на дијалогот е признавање на Косово од страна на преостанатите членки на ЕУ што се уште не ја признале неговата независност, како и меѓусебно признавање на Белград и Приштина.  

-Во јуни годинава просечната вредност на максималните дневни температури во Грција била на екстремно високи нивоа споредено со просекот од периодот 2010-2019 година, а минатиот месец бил најтоплиот јуни во последните 14 години, според мрежата од 53 метеоролошки станици на порталот Метео на Националната опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.  Најголеми отстапувањата на просечната максимална температура во јуни 2024 година имало на Пелопонез (+4,8 степени), во областа Атика и дел од централна Грција (+4,6 степени) и во северниот дел на земјата (+4,3 степени).

-Главниот град на Австрија, Виена трета година по ред е прогласен за најпогоден град за живот, од страна на „Економист интелиџенс јунит“ (Economist Intelligence Unit).Годишниот извештај, со топ-листата најдобри градови за живеење, годинава испитува 173 места ширум светот врз основа на 30 показатели поделени во пет области: стабилност, здравствена заштита, култура и животна средина, образование и инфраструктура. Така, благодарение најмногу на своите совршените резултати за стабилност, здравствена заштита, образование и инфраструктура, Виена е на врвот на овогодишната листа.

-Британските весници „Фајненшл тајмс“ и „Економист“ објавија дека ја поддржуваат Лабуристичката партија на парламентарните избори што ќе се одржат на 4 јули. Поддршка за лабуристите даде и весникот „Сандеј тајмс“. Во уводникот објавен денеска во „Фајненшл тајмс“ наведува дека нема политички определби и дека верува во „либералната демократија, слободната трговија, приватните претпријатија и отвореноста на Велика Британија кон надворешниот свет“.

-Украина ги отфрли тврдењата дека го зголемува присуството на своите војници долж границата со Белорусија, наведувајќи дека овие извештаи се „информативна операција“ на Минск со поддршка на Москва, пренесуваат британските медиуми. Белорусија, близок руски сојузник што ја поддржува воената кампања на Москва во Украина, минатата недела соопшти дека Киев ги зајакнува своите сили долж заедничката граница меѓу двете земји. Кремљ денеска соопшти дека информацијата е причина за загриженост.

-Украинските власти објавија дека спречиле обид за државен удар, група се обидела да организира „провокации“ во Киев вчера, кога земјата го одбележува Денот на Уставот, објавија денеска разузнавачката служба и обвинителите на СБУ.Плановите вклучуваа окупација на парламентот за време на демонстрации и формирање на „привремена влада“, се вели во извештајот. -Во тек е истрага против четворица мажи, од кои двајца се во притвор. Во рациите беа пронајдени оружје и муниција, се вели во извештајот.

-Полскиот премиер Доналд Туск по победата на крајната десница во првиот круг од парламентарните избори во Франција денеска предупреди дека десничарските популисти ќе ги здружат силите во Европскиот парламент. „Голема опасност надвиснала над Франција и Европа“, рече Туск во врска со вчерашните резултати од првиот круг од парламентарните избори во Франција. Зборовите на Туск, според светските агенции, се поврзани со контекстот на подемот на екстремно десничарските сили во Европа и зајакнувањето на влијанието на Русија во европските земји.

-Високи претставници на Демократската партија во САД ја отфрлија можноста за замена на претседателот Џо Бајден како демократски кандидат по слабите дебатни перформанси и ги повикаа членовите на партијата да се фокусираат наместо тоа на последиците од второто претседателствување на Доналд Трамп. По неколкудневни препирки за лошата ноќ на Бајден на сцената во која дебатираше со Трамп, демократските лидери цврсто ги отфрлија повиците нивната партија да избере помлад претседателски кандидат за изборите на 5 ноември.

-Најмалку пет лица беа застрелани денеска, од кои тројца загинаа, во близина на кампусот на Универзитетот во Синсинати, соопшти полицијата. Две лица се приведени, од кои едното е рането во престрелката. На местото на настанот се пронајдени неколку огнени оружја, а приведени се две лица, од кои едното исто така е рането, изјави полицискиот претставник Марк Бурнс. Тој рече дека засега нема други информации. Претходно обезбедувањето на Универзитетот соопшти дека полицијата набрзо пристигнала по пријавата за пукањето, но дека еден час подоцна било констатирано дека повеќе нема никаква опасност.

Остани поврзан