• понеделник, 01 јули 2024
МИА Флеш

1 јули 2024

 - Од денеска до 31 август на државните патишта во земјава се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.

  - Утре ќе преовладува променливо облачно време. Во раните утрински часови ќе има услови за изолирана појава на краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во текот на денот на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интезивен пороен дожд, силен ветер (над 70 км/час) и град, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

 – Поради отсуство на сведоци, денешното рочиште за случајот против доктор Жан Митрев во Основниот кривичен суд во Скопје е одложено за 4 септември годинава.

 - За време на одржување на фестивал во Стар Дојран, полициски службеници ги лишиле од слобода на 29 и 30 јуни, и 1 јули полицијата лишила од слобода 19 лица кај кои била пронајдена дрога. 

 – Владата на седница утре на дневен ред ќе го има законот за укинување на економските директори во здравствените установи, што беше најавено и од министерот за здравство Арбен Таравари пред една недела.

- Согласно Устав секој има право да ги користи демократските алатки да го изрази своето незадоволство. Но, доколку тоа незадоволство биде на штета на унитарниот карактер или на штета на законите и Уставот, тогаш ние како Влада ќе мораме тоа да го заштитиме, изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со вчерашната изјава на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека „оваа влада нема етнички легитимитет“ и дека тие ќе го демонстрираат нивното незадоволство од таа „неправедна одлука и непочитувањето на легитимитетот“. 

 - Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат и ќе функционираат како една агенција, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа кој е планот на новата Влада за разузнавачките служби.

 - Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека Преспанскиот договор е реалност и дел од уставниот и правниот поредок на земјата, а Договорот за добрососедство е веќе репреговаран, со додадавањето на т.н. „француски предлог“, од кои произлегуваат уставните измени, поради што, како што рече, не гледа причина, зошто кон него да не се додаде некаков друг предлог, што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ.  

- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски остварил средба со амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, што претставува прва заедничка средба на двајцата соговорници по именувањето на министерот Муцунски на функцијата.

- Бобан Николовски денеска ја презел функцијата директор на Царинска управа од својот претходник Стефан Богоев, кој на оваа позиција беше од јуни минатата година.

– Одлуката на српските власти за укинување на црвеното ниво на закана за безбедноста ќе биде донесена утре откако ќе биде анализирана безбедносната состојба.

– Јуни беше исклучително тежок месец во однос на временските услови, со голема суша и невообичаено силен ветер за овој период од годината, но треба сите да бидеме внимателни и во текот на летото, кое според прогнозите ќе биде особено опасно, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, осврнувајќи се на ситуацијата со пожарите во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

 - Стартот на претседавањето со ЕУ, унгарскиот премиер Виктор Орбан го започна со најава за формирање нова десничарска политичка група во Европскиот парламент под името Патриоти за Европа. 

- Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, за време на денешната посета на Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, изјави дека Хамас не може да се опорави од израелските операции кои и ги уништија оружјето и подземните тунели на оваа палестинска милитантна група.

- Ерменскиот премиер Никол Пашинјан денеска изјави дека не смета дека е неопходен референдум за пристапување на Ерменија во Европската унија.

- Данска ќе ги одданочува сточарите поради стакленички гасови што ги испуштаат нивните крави, овци и свињи од 2030 година, и е првата земја што ќе го стори тоа. Ова е дел од амбициите на Копенхаген да постигне јаглеродна неутралност што е можно поскоро.

 - Американската агенција за вселенски истражувања (SERA) денеска ја објави Индија како земја партнер во нејзината програма за летање со екипаж во вселената, која ќе вклучува лансирање на шест цивилни вселенски летала со астронаути од целиот свет.

- Јужноафриканскиот претседател, Сирил Рамафоса, денеска го објави својот нов 32-член кабинет и го потврди доделувањето на 12 министерски места за опозициските партии, јави ДПА.

Тагови

Остани поврзан