• петок, 28 јуни 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

28 јуни 2024 

 

Кочани – Планинарска екипа на ПСК „Осогово“ од Кочани успешно ја заврши едонеделната експедиција за искачување на три врвови на Алпите, повисоки од четири илјади метри.

Планинарите Тошо Антов, Зоран Николов, Душко Наумов и Маријан Стевановски, предводени од искусниот планински водич Александар Кирковски, се искачија на врвот Брајтхорн на 4160 метри, потоа на Пирамиде Винсент на 4250 метри и на крајот на врвот Балменхорн висок 4167 метри.

-За време на експедицијата се соочивме многу лоши и тешки временски услови, проследени со силен ветер и снег, но сепак успеавме да ги поминеме сите пречки и да ја постигнеме нашата зацртана цел за искачување на трите врва. Експедицијата ја почнавме од Италија, но планинарските патеките по кои се одвивше маршот поминуваа и на територијата на Франција и Швајцарија. Во план беше искачување и на врвот Мон Блан, но поради неповолните метеоролошки околности стигнавме на две третини од највисоката кота, по што беше загрозена безбедноста на целата екипа и бевме принудени да се вратиме во базниот камп, истакна Тошо Антов, претседател на ПСК „Осогово“.

Членовите на кочанскиот планинарски клуб истакнаа дека ова е прва македонска експедиција што во седум дена успеала да искачи три врвови над четири илјади метри на Алпите.

 

Неготино - Триесет семејства од државава добија пчели и пчеларска опрема, донација од ТИКА, Турска агенција за соработка и координација, во рамките на проектот за развој на пчеларството. На овој начин, како што беше кажано на настанот во неготинското село Курија, тие добиваат можност за зголемување на економскиот приход, се зајакнуваат социо-економските услови на населението, а се придонесува и кон руралниот развој. Истовремено, се промовираат здравата исхрана и здравиот начин на живот. 

Програмскиот координатор на ТИКА во Република Северна Македонија, Мехмет Бајрак рече дека реализираат проекти и активности низ државава почнувајќи од 2005 година, со формирање на програмската канцеларија во Скопје.

- Првиот проект што го реализиравме во областа на земјоделството и сточарството беше проектот за развој на пчеларството во Македонија, кој започна во 2007 година. Проектот беше инициран со обезбедување обука и пчеларници за 90 земјоделски семејства од регионите Радовиш и Конче, со тоа што истиот проект беше избран меѓу најдобрите проектни практики на УНДП во рамките на програмата за соработка Југ-Југ во 2008 година, појасни тој во изјава за медиумите. 

Бидејќи проектот дал успешни резултати и придонел за зголемување на економскиот приход на семејствата корисници, го прошириле за да вклучат различни градови и села низ годините. 

- До денес дониравме пчелни кошници на близу 300 семејства. Денес, нови семејства се приклучуваат на проектот со тоа што доставуваме 10 кошници со пчели и потребни работни материјали за производство на 30 семејства определени од регионите како Ресен, Центар Жупа, Пласница, Диржилови и Пагаруша, Радовиш и Неготино. Дополнително, нашите водечки фармери обезбедуваат поддршка за споделување искуства на семејствата вклучени во проектот онаму каде што е потребно, информираше Бајрак. 

Тој истакна дека семејствата кои имаат корист од нивниот проект за развој на пчеларството, го консумираат медот што го произведуваат и го продаваат на локалниот пазар, давајќи дополнителен придонес за нивната семејна економија. Покрај зголемување на приходите на семејните бизниси кои живеат во руралните средини, проектот дава придонес и за руралниот развој.

- Нашите проекти не се ограничени на поддршка на пчеларски активности. До денес имаме донирано оранжерии за 1000 семејства од целата земја, со цел да го зголемиме квалитетот на производите и квантитетот на производството, особено преку поттикнување на оранжериското производство. На 600 семејства им обезбедивме и садници од калинка, орев, слива и цреша и садници од јагоди, погодни за производствените карактеристики на регионите, нагласи тој. 

Притоа, подвлече дека имаат обезбедено и мотокултиватори, земјоделско прскање и прскање со вештачко ѓубриво, машини за садење и берба на кромид, што им се потребни на семејствата за обработување на нивните земјишта и ги ставиле достапни за заедничка употреба на семејствата.

-Проектите што се реализираат во областа на земјоделството и сточарството се важни за нас, бидејќи директно имаат позитивно влијание врз животот на семејствата. Поради оваа причина, ќе продолжиме да ги следиме нашите проекти на ова поле во наредните периоди. На пример, оваа година планираме да ги обезбедиме потребните резервоари за собирање млеко, за да можат семејствата кои се занимаваат со сточарство, да го собираат млекото под хигиенски услови, рече Бајрак.

 

Скопје - Општина Кисела Вода денес ја одржа свечената седница по повод својот 69-роденден. На настанот покрај градоначалникот Ѓориевски, Претседателот на Советот Колариќ и советницитите, присуствуваа бројни гости. Меѓу нив и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, поранешни градоначалници, претседатели на советот, претставници на бизнис заедницата, уметници и други лица кои добија статуетки-клучеви за трајни заслуги во развојот и афирмацијата на општина Кисела Вода. Свечен говор одржа градоначалникот Ѓорѓиевски и во него се осврна на историјатот на оваа општина, како и на незјзиниот брз развој и напредок. Набројувајќи ги најзначајните проекти, тој истакна дека во последните три години е реализирано 90 проценти од програмата, но и дека е сигурен дека со заеднички напори, 70-годишнината ќе биде дочекана со 100 процентна реализација од ветеното.

- Со огромна чест и задоволство стојам пред вас денес, на 69-от роденден на нашата Кисела Вода, најстарата општина во градот Скопје. Овој значаен јубилеј го прославуваме под слоганот ,,69 години Кисела Вода, храброто срце на градот”, кој ја отсликува нашата непоколеблива решителност и смелост во преземањето на чекори за напредокот и развојот на нашата заедница.

Во изминатиот период, кој води кон големиот 70-годишен јубилеј, успеавме да реализираме повеќе од 90 проценти од мојата програма ветена пред нашите жители. Меѓу тие проекти, има и такви кои не беа зацртани претходно, но следејќи го пулсот и потребите на нашите граѓани, ги реализиравме и преточивме во конкретни дела кои го подобруваат секојдневието на сите генерации. Сигурен сум дека со заеднички напори, 70-годишнината ќе ја дочекаме со 100 процентна реализација од ветеното, со целосно сменет, подобрен лик на општината во сите населби и населени места и задоволни граѓани.

Остани поврзан