• сабота, 06 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 28 јуни 2024

Неготино - Триесет семејства од државава добија пчели и пчеларска опрема, донација од ТИКА, Турска агенција за соработка и координација, во рамките на проектот за развој на пчеларството. На овој начин, како што беше кажано на настанот во неготинското село Курија, тие добиваат можност за зголемување на економскиот приход, се зајакнуваат социо-економските услови на населението, а се придонесува и кон руралниот развој. Истовремено, се промовираат здравата исхрана и здравиот начин на живот. 

Програмскиот координатор на ТИКА во Република Северна Македонија, Мехмет Бајрак рече дека реализираат проекти и активности низ државава почнувајќи од 2005 година, со формирање на програмската канцеларија во Скопје.

-Првиот проект што го реализиравме во областа на земјоделството и сточарството беше проектот за развој на пчеларството во Македонија, кој започна во 2007 година. Проектот беше инициран со обезбедување обука и пчеларници за 90 земјоделски семејства од регионите Радовиш и Конче, со тоа што истиот проект беше избран меѓу најдобрите проектни практики на УНДП во рамките на програмата за соработка Југ-Југ во 2008 година, појасни тој во изјава за медиумите.

Бидејќи проектот дал успешни резултати и придонел за зголемување на економскиот приход на семејствата корисници, го прошириле за да вклучат различни градови и села низ годините. 

- До денес дониравме пчелни кошници на близу 300 семејства. Денес, нови семејства се приклучуваат на проектот со тоа што доставуваме 10 кошници со пчели и потребни работни материјали за производство на 30 семејства определени од регионите како Ресен, Центар Жупа, Пласница, Диржилови и Пагаруша, Радовиш и Неготино. Дополнително, нашите водечки фармери обезбедуваат поддршка за споделување искуства на семејствата вклучени во проектот онаму каде што е потребно, информираше Бајрак. 

Тој истакна дека семејствата кои имаат корист од нивниот проект за развој на пчеларството, го консумираат медот што го произведуваат и го продаваат на локалниот пазар, давајќи дополнителен придонес за нивната семејна економија. Покрај зголемување на приходите на семејните бизниси кои живеат во руралните средини, проектот дава придонес и за руралниот развој.

 

Крива Паланка - Тринаесет уметници, сликари и скулптори, од девет држави од денес до 6 јули ќе творат во манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски" во Крива Паланка, во рамки на овогодишната интернационална ликовна колонија што го носи името на патрон-светецот на манастирот во чиишто конаци инспирирани од прекрасниот амбиент ќе создаваат дела учесниците.

Триесет и осмата Меѓународна ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски", традиционално , ќе се реализира со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Општина Крива Паланка и МПЦ, како и Кумановско - Осоговска епархија.

-Повторно колонијата ќе биде место на творечки експресии на учесниците што на слободна тема ќе создаваат дела, трајна вредност за колонијата во чиишто рамки, речиси четири децении, се разменуваат културни енергии на уметниците од различни меридијани, инспирирани од духовноста, сакралноста на амбиентот на манастирот и прекрасната природа. Оваа година имаме петмина македонски учесници од кои двајца локални автори по потекло од Крива Паланка: Анета Стојчевска, вајар и Стефан Младеновски, графичар, како и реномираните: Стефан Хаџи-Николов, Мирослав Трујкановиќ и Јулијана Гешоска, додека странските уметници доаѓаат од Тунис, Мароко, Шпанија, Украина, Словачка, Србија, Бугарија и Северен Кипар, информираат од здружението за култура и уметност „Меѓународна ликовна колонија Св.Јоаким Осоговски".

Градскиот музеј Крива Паланка во соработка со организаторите на колонијата од оваа година воведува и претставување преку авторска изложба на еден од учесниците.

-ЛУ Градски музеј Крива Паланка од оваа година ја започнува серијата изложби на уметнички дела чии автори се гости на Меѓународната ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски". За почеток на серијата започнуваме со изложбата на Стефан Хаџи Николов, долгогодишен учесник на колонијата и член на организациониот одбор на истата, информираат од Градски музеј Крива Паланка.

Изложбата е закажана ден по отворањето на колонијата, сабота 29 јуни 2024, со почеток во 20 часот, галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.

Годинашната Меѓународна ликовна колонија е дел од манифестацијата „Крива Паланка -Град на културата 2024", а традиционално, ќе биде официјално затворена со изложба од создадените дела на стариот манастирски конак, на 5 јули, во 19:30 часот.

 

Скопје - Здружението „Заеднички вредности“ успешно го спроведе проектот „Премостување на дигиталниот јаз: подобрување на животот на жените во руралните средини“, чија цел беше да ги унапреди животните услови на жените во руралните области преку оспособување за употреба на дигитални технологии и подобрување на нивните вештини, е поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија и на Фондациите Отворено општество – Западен Балкан.

Проектот се спроведуваше девет месеци, а во него учествуваа жени од Арачиново, Сарај, Теарце, Врапчиште, Јегуновце, Чучер-Сандево,  Желино, Брвеница, Шуто Оризари Боговиње, Старо Нагоричане, Студеничани, Чаир, Бутел и Липково.

Во рамки на проектот беа одржани серија на обуки за дигитални вештини, се креираа онлајн едукативни видеа, и беше развиена специјализирана платформа за дигитални вештини. Покрај тоа, се спроведе и кампања за промоција на дигиталната писменост со цел да се зголеми свеста за придобивките од дигиталните вештини меѓу жените во целните региони.

Во текот на обуките жените-учеснички истакнаа дека имаат потреба од обуки со цел да научат како да ги користат дигиталните алатки. 

-Дигиталната писменост е клучна за нашата самостојност и напредок, а покрај тоа дигиталните платформи можат да ни помогнат да ги продаваме нашите производи и да пристапиме до нови пазари, наведоа тие. 

Жените кои беа вклучени во проектот потенцираа дека за нив од голема важност е меѓусебното здружување со цел размена на знаења и зајакнато дејствување. 

 

Битола - Под мотото „Месечината јасно свети во ноќите како оваа“, од денеска до 2-ри јули во Битола ќе се одржува јубилејното 10-то издание на Шекспир фестивалот. Оваа година на фестивалот се шест претстави, а гостуваат театарски ансамбли од Прилеп, Турција, Србија, Италија и Бугарија. 

Фестивалот се отвора со претставата „Едвард II“, која е во копродукција на НУ Центар за култура „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес и НУ Драмски театар од Пловдив, Бугарија во режија на едно најголемите имиња на европскиот театар во моментов, Андреј Жолдак.

Утре на програмата е домаќинот Народен театар – Битола со претставата „Хамлет – денот на убиствата“, а истата вечер ќе биде изведена и претставата „Цезар“ на Катс Шахне Театар од Истанбул, Турција во режија на македонската режисерка Сибел Абдиу.

Во недела, по трет пат во Битола гостуваат Имперфект денсерс компани од Италија кои ќе ја имаат светската премиера на нивната претстава „Отело“.

Во понеделник (1 јули)  гостува Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставата „Бура.

Фестивалот се затвора со претставата „Ромео и Јулија“ на Театарот „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин, Србија. 

 

Скопје - Општина Центар објави анонимен конкурс за избор на идејно решение за проектирање нова општинска зграда.

Со изградбата на општинската зграда, старите и дотраени бараки во кои сега се наоѓа општинската администрација ќе се заменат со функционален, современ и рационален комплекс што треба да ги задоволи не само општинските, туку и реалните потреби на жителите кои гравитираат во овој простор.

Идејното решение, покрај задолжителните критериуми за проектирање соодветни работни простории, треба да содржи решение за подземен паркинг со околу 300 паркинг места, како и простор, внатрешен и надворешен, за паркирање на 100 велосипеди.

Со ова ќе се решат актуелните проблеми со стационираниот сообраќај во непосредното опкружување, настанати со половична реализација на претходните плански решенија. 

Дополнително, на градежната парцела треба да се предвиди мал плоштад, парк со фокус на влезниот портал од Учителската школа, како и безбедно сообраќајно решение за пристапи и движење на возила, велосипеди и пешаци.

Оценувањето на трудовите ќе го врши стручно жири, а Општината ќе додели и парични награди за најдоброто идејно решение за новата општинска зграда, и тоа за прво 750.000,00 за второ 400.000,00 и за трето место 300.000,00 денари.

Право на учество на конкурсот имаат правни и физички лица стручни во областа на архитектурата и урбанизмот, а крајниот рок за предавање на трудовите е 27.9.2024 година.

Остани поврзан