• среда, 03 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

3 јули 2024

 

Крива Паланка - Студентите од Крива Паланка кои купиле дигитални уреди во студентската, академска, 2023-2024 година, можат да аплицираат за субвенционирање на уредот од страна на Општина Крива Паланка.

-Согласно програмските мерки за поддршка на млади, од буџетот на Општина Крива Паланка ќе им се надомести дел од трошоците во износ од 50 отсто од вредноста на дигиталниот уред, но не повеќе од 6 000 денари во нето износ по лице. Право на субвенции имаат студентите запишани на додипломкси студии од прв циклус, со адреса на живеење на подрачјето на oпштина Крива Паланка, а аплицирањето трае до 30 октомври. Ги поддржуваме младите, го помагаме образовниот процес на студентите од општината и втората година по ред, покрај останатите мерки за поддршка на млади, субвенционираме и набавка на дигитални уреди за потребите на студентите, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка

Оттаму посочуваат дека условите и критериумите за аплицирање се достапни на веб страната на Општина Крива Паланка: https://www.krivapalanka.gov.mk/novosti/38350

Јавниот повик трае до 30 октомври 2024, а  службеникот за млади во Општина Крива Паланка континуирано ќе објавува информации за степенот на искористеност на предвидените средства за субвенционирање и за преостанатите средства за оваа намена.

Барања ќе можат да се поднесуваат и по завршување на јавниот повик доколку предвидените средства не бидат целосно исцрпени, но не подоцна од 30 ноември годинава.

 

Прилеп - Во рамките на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ кој годинава одбележува јубилеј, 50 години постоење, денеска почнува Семинарот за изучување на народните инструменти и песни. Годинава учесници се 12 млади вљубеници во изворниот мелос, а предавачи на Семинарот се професор д-р Родна Величковска, која е и уметнички директор на Фестивалот, професор д-р Горанчо Ангелов, доцент д-р Стојанче Костов и м-р Горан Василески. Семинарот се одржува по 13-ти пат и досега учествувале преку 130 млади од земјава и странство кои го изучувале изворниот мелос. Семинарот се одржува во ученичкиот и студентски дом „Орде Чопела“ во Прилеп.

В петок на 5 јули во Прилеп, в сабота на 6 јули на Рудина, Долнени се фестивалските вечери со околу 250 изведувачи од цела Македонија.  По повод големиот јубилеј на Фестивалот, в петок по булеварот во центарот на Прилеп ќе дефилираат 50 гајдаџии од сите краишта на земјава.

В петок е и Симпозиумот „Фолклорот во минатото и денес“ кој издава и зборник со научни трудови од истражувањата на еминентни етномузиколози, етнокореолози за богатото фолклорно наследство. Во чест на јубилејот ќе биде промовирана и монографијата 50 години Фестривал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ – „Непресушен извор, за навек“.

-Фестивалот, од Смотри прерасна во национална манифестација која пет децении успешно го зачувува, го негува и го пренесува на новите генерации богатото фолклорно наследство. Фестивалот го носи името на идејниот творец, големиот гајдаџија и светски промотор на фолклорното богатство, Пеце Атанасовски. Во пет децении на Фестивалот учествувале преку 15 000 изведувачи на народни инструменти и песни од Македонија и од странство, вели Горан Василески, претседател на Фестивалот.

Во чест на јубилејот, на првата фестивалска вечер, на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп ќе настапи и националната институција „Танец“.

Во рамките на Фестивалот в сабота во Спомен-куќата во Долнени ќе биде потишан меморандум за соработка на Фестивалот со КЕЦ „Небрегово“ и со Манифестацијата „Зборникот на Конески“.

 

Кавадарци - Здружението на пензионери од Кавадарци синоќа промовираше видео песни испеани од пензионери во рамки на пејачката група „Никола Бадев", која работи во рамки на Здружението.

На сцената во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ настапи и играорна група, како и ќерките на Бадев - Роска и Сузана. Стихови читаше Тодорка Андова, член на пензионерскиот литературен клуб. 

-Убаво е третото доба, уште поубаво ако го живееш со песна на усните, рече водителката Маријана Пешиќ, пензионирана новинарка и водителка, која и самата е дел од пејачката група при Здружението на пензионери.

 

Делчево - Во Делчево синоќа концерт одржа камерното трио Билјана Петровска на пијано, Марија Јакимовска на флејта и Верица Ајтовска на виолина. Концертот се одржа во организација на Центарот за култура „Никола Јонков - Вапцаров" од Делчево.

- Изведуваме мои композиции, најнови композиции од Опус А што се напишани специјално за ова трио. Имавме свита за пијано и флејта специјално работено за мене и Марија и имаме композиции од претходниот опус којшто веќе е снимен со наслов „Здивот на вечната љубов“, изјави пијанистката Петровска.

Камерното трио пред летните одмори, како што најави Петровска, планира уште еден концерт во Скопје.

- Со оглед на претходните обврски ќе имаме уште еден концерт во Скопје, а потоа следува пауза, посочи Петровска.

Концертот во Делчево се реализира со поддршка на Министерството за култура

Остани поврзан