• среда, 03 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

3 јуни 2024

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и амбасадорот на Австралија Даниел Емери, на денешната средба во вилата Водно, разговарале за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои, како што оцениле, се пријателски и следната година ќе се одбележат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

- Претседателката Сиљановска Давкова ја изрази посветеноста од македонска страна за натамошно проширување на соработката на различни полиња и изрази очекување дека Австралија ќе продолжи да биде наш партнер и сојузник во остварувањето на стратешките цели и аспирации. Во таа насока, претседателката Сиљановска Давкова го реафирмираше интересот од македонска страна за отворање на резидентна амбасада на Австралија во Скопје, информираат од нејзиниот кабинет.

Како важна врска меѓу двете држави била посочена бројната македонска заедница во Австралија, која дава важен придонес во општествениот живот на таа држава и придонесува за австралискиот економски развој.

- Претседателката Сиљановска Давкова на средбата истакна дека нивото на економска соработка не ги рефлектира одличните политички односи меѓу двете пријателски земји и дека постои огромен неискористен потенцијал во насока на развој на економската соработка и зголемување на трговската размена, соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска оствари средба со Даниел Џозеф Емери, амбасадор на Австралија за Република Северна Македонија со седиште во Белград, на која разговарале за билатералните односи меѓу двете земји.

Собраниската прес-служба известува дека на средбата се разговарало и за преземените чекори на нашата држава во остварување на стратешките цели, за што во континуитет, како што наведува, „имаме поддршка од нашите пријателски земји, меѓу кои и Австралија“.

-Претседателот Гаши нагласи дека Северна Македонија и Австралија, иако се просторно многу далечни, всушност негуваат мошне блиски и пријателски односи и споделуваат слични вредности, посебно во поглед на светскиот мир и демократијата. Беше посочено дека наредната година се заокружуваат 30 години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји и беше заклучено дека тоа претставува дополнителен поттик за понатамошно продлабочување на соработката и во делот на економијата и инвестициите, особено ако се има предвид дека голем број граѓани со потекло од земјава живеат и работат во Австралија, информира Собранието. 

Скопје -  Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска имал средба со амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте, на која, како што информира МНР, биле потврдени традиционалните и пријателски односи меѓу двете држави „кои и во иднина ќе се унапредуваат и продлабочуваат, со посебен фокус на економската соработка“.

-Воедно, се истакна и динамиката на билатералната соработка, почнувајќи од политичкиот дијалог, секторската соработка и нашата тесна соработка во регионалните иницијативи. Тема на разговорите беше и интегрирањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, при што соговорниците се согласија дека понатамошното проширување на Европската Унија не е само поттик за земјите од регионот, туку и суштински интерес за земјите членки, соопшти Министерството. 

Муцунски изразил благодарност „за континуираната и безрезервна поддршка од Романија за нашето членство во Европската Унија, како и за нивната подготвеност да понудат помош во конкретни области кои се од наш интерес“.

Скопје - Меѓусебна соработка и координиран пристап во спроведување на фискалната и монетарната политика е клучот за обезбедување макроекономска и финансиска стабилност, констатирале министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на денешната средба.

Димитриеска-Кочоска, како што соопшти Министерството за финансии, потенцирала дека Министерството за финансии ќе води фискална политика насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација и подобрување на управувањето на јавните финансии и одржување високо ниво на капитални расходи. Фискална политика, додала Димитриеска-Кочоска, која ќе биде во функција на економскиот раст, во услови на умерено и одржливо ниво на дефицит и јавен долг.

Очекува дека добрата координација на монетарната и фискалната политика заедно со одржувањето умерен буџетски дефицит и стабилност на девизниот курс ќе придонесат кон намалување на инфлацијата којашто се очекува во периодот 2025-2028 година да изнесува меѓу 2 и 2,5 проценти на годишно ниво.

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска ги посетиле припадниците на баталјонот за Специјални сили – Волци во касарната „Илинден“ во Скопје.

За време на посетата Мисајловски, како што соопшти Министерството за одбрана, бил брифиран за историјатот на единицата, мисиите и задачите кои ги остварува, учеството во мировните операциите како и операциите за заштита на источното крило на Алијансата мисијата eVA.

Министерот Мисајловски во разговор со припадниците на единицата упатил искрена благодарност за нивната служба и непоколеблива посветеност.

Ново Село/Босилово - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски отвори Подрачна единица на ова министерство во Ново Село и подрачна канцеларија во Босилово.

Според министерот, со тоа Министерството и неговите вработени се стават во служба на земјоделците и се институции поблиску до граѓаните.

-Овие ПЕ и ПК на МЗШВ во Општина Ново Село и Општина Босилово ќе значат побрз и поедноставен начин за поднесување апликации, регистрации и информирање на земјоделците од овие две општини, изјави Трипуновски. 

Тој посочи дека Подрачната единица во Ново Село била отворена во 2014 година, но претходната власт од непознати причини истата ја ставила вон функција за сега повторно да се реотвори и да биде во служба на земјоделците од оваа општина.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани оствари средба со амбасадорот на Косово Флориан Чехаја. На средбата се разговараше за билатералната соработка помеѓу двете земји, со фокус на соработката во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка.

Како што соопшти СЕП, соговорниците констатирале дека Северна Македонија и Косово негуваат одлична соработка во рамки на оваа програма со вкупно 24 заеднички проекти имплементирани во рамки на ИПА 1 и ИПА 2, како и еден заеднички стратешки проект на граничниот премин Белановце – Станчиќ.

Муртезани и Чехаја се согласија дека постои одличен капацитет за продлабочување на ваквата соработка во рамки на ИПА 3 програмата за прекугранична соработка преку заедничко аплицирање на проекти и партнери од двете држави, во насока на надминување на заедничките предизвици и обезбедување подобри социо-економски услови на жителите во пограничниот регион.

Скопје – Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска во врска со најавите за распуштање на Советот и реформи во делот на изборот на неговите членови, рече дека не ја поддржува тезата на колективна одговорност. На денешната Конференција за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет, Дамева посочи дека одговорноста треба да биде детектирана и санкционирана индивидуално. 

– Како правник пред сѐ, не ја поддржувам тезата на колективна одговорност, сепак мојот личен став е дека треба да има индивидуална одговорност и таа да биде точно детектирана и санкционирана. Секоја одговорност има име и презиме, нека се детектира и секој нека си сноси индивидуална санкција, ако нешто сторил противзаконски, го нарушил угледот и интегритетот на Судскиот совет, донел одлука под влијание на разни емоции и слично, рече Дамева.

Укажа на некои последици доколку биде донесен нов Закон за Судски совет. Таа вели во периодот од распуштање до конституирање на нов Судски совет ќе настане еден вакуум период, во кој постои опасност да застарат некои дела.

Скопје - Министерството за правда итно да формира работна група која ќе подготви измени и дополнувања на Кривичниот законик, со цел да се стават вон сила одредбите од ЗИД на КЗ од септември 2023 година, кои не се во согласност со заложбите за борба против организираниот криминал и корупцијата и кои не се во согласност со европските стандарди и во духот на европските политики. Да се направи ревизија на кривичните дела за корупција, злоупотребата на јавните набавки да се воведе како посебно кривично дело како што е предвидено во Предлогот на новиот Кривичен законик, како и измена на чл. 394 од КЗ - Злосторничко здружување и пропишување повисоки казнени рамки, затоа што со измените беа драстично намалени.

Ова се дел од препораките на НКЕУ-МК од 14-та сесија на Работната група 3, Правосудство и основни права (Поглавје 23) на тема „Измените на Кривичниот законик од 7 септември 2023 година: македонската и европската легислатива во спречувањето и борбата против корупцијата“. 

Експертите беа согласни дека измените во Кривичниот законик од 2023 година штетно влијаеле врз правосудниот систем и врз исходот на кривичните постапки поврзани со случаи на висока корупција бидејќи поголем дел беа запрени поради застарување и оти потребни се правни механизми за да се ублажат штетните последици од донесените законски измени со коишто се донесени ослободителни пресуди.

Скопје - Венко Филипче ја презеде функцијата претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) од неговиот претходник Димитар Ковачевски денеска во седиштето на партијата. 

СДСМ информира дека Ковачевски му го честитал изборот и му посакал „понатамошен успех во работата и повторно градење победнички СДСМ“.

Филипче се заблагодарил на честитките и за ангажманот на Ковачевски во изминатите години како претседател на партијата и како премиер на Владата.

Како што соопшти партијата, новоизбраниот претседател посочил дека „следува период на многу работа, обединување и реформа на СДСМ“. 

-Процесот нема да биде ниту брз ниту лесен, но освен темелни промени, не постои друг начин да ја вратиме довербата кај членовите, за да може постепено да ја освојуваме и довербата кај граѓаните. Ќе водам со пример, ќе обединувам и ќе работам како што ветив, како што се обврзав пред членовите. Сечиј глас ќе биде слушнат. Со честа и отворена комуникација со членството ќе создадеме нова енергија на партијата која ќе ја трансформираме во една ефикасна организација. СДСМ ќе се врати посилна и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок, рекол Филипче.

Брисел – Европската комисија е сосема јасна во ставот дека приемот на нови членки во ЕУ нема да оди по некаков утврден календар, туку ќе зависи од објективниот напредок на земјите кандидати во исполнувањето на условите за членство, изјави денеска портпаролката на ЕК за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро.   

- Напредокот на партнерски земји во усогласувањето со законодавството на ЕУ и исполнувањето на сите услови за зачленување се основата што го дефинира темпото на преговори, истакна Писонеро во одговор на новинарско прашање врз основа на што Европската комисија ја базира оценката наведена во нејзино соопштение дека „Црна Гора е следната земја што ќе се приклучи кон ЕУ“ 

Писонеро посочи дека минатата недела во рамка на Меѓувладината конференција меѓу Црна Гора и ЕУ беа затворени поглавјата 23 и 24 од преговорите за членство и беа дадени позитивни Привремени извештаи за проценка за нив.

Брисел - Комитетот на постојани претставниците на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) на денешното заседание назначи тројца судии и еден бранител во Европскиот суд на правдата, како дел од делумното обновување на неговиот состав за 2024 година. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Литванецот Ирмантас Јарукаитис е реизбран за судија во втор мандат, а Холанѓанецот Бернардус Смулдерс и Швеѓанецот Фредрик Шалин беа назначени во прв мандат за судии на Судот на правдата. 

Корепер, исто така, го именува Литванецот Римвидас Норкус за бранител на Судот на правдата во прв мандат. 

Сите четворица се избрани за периодот од 7 октомври 2024 година до 6 октомври 2030 година. 

Брисел - Сојузниците на НАТО се согласија да финансираат воена помош за Украина со 40 милијарди евра следната година, изјавија двајца западни дипломати за западни медиуми.

Западноевропски дипломат изјави дека лидерите на алијансата ќе ја потпишат таа обврска следната недела за време на самитот во Вашингтон.

Претходно, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг побара од земјите-членки да ја задржат воената помош за Украина на исто ниво како и во годините по целосната инвазија на Русија на Украина во 2022 година - од околу 40 милијарди евра годишно.

Киев – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска од меѓународната заедница повторно побара поголема противвоздушна одбрана и одобрување на напади врз руска територија.

Неговиот апел уследи откако во напад со ракети и дронови врз градот Дњепар во Украина загинаа пет лица, а 34 се повредени. При нападот оштетени се градинки, училишта и болница.

- Светот може да ги заштити животите, а за тоа е потребна одлучност на лидерите, напиша Зеленски на Телеграм.

Киев – Украина доби над 2,2 милијарди евра од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), изјави денеска украинскиот премиер Денис Шмихал.

Тој додаде дека траншата е дел од тековната кредитна програма од околу 15 милијарди евра и ќе се користи за финансирање на виталните владини плаќања како што се трошоците за социјална помош и платите на државните службеници, вклучително и лекарите и наставниците.

Од инвазијата на Русија врз Украина во февруари 2022 година, Киев доби повеќе од 80 милијарди евра помош од странски партнери за владините трошоци.

Вашингтон - На крајот на 2023 година, учеството на земјите од БРИКС во глобалниот БДП по паритетот на куповната моќ се зголеми за 0,6 отсто и достигна рекордни 35,7 отсто, покажува анализата на податоците на Светска банка.

БРИКС е основан во 2006 година, а од таа година уделот на овој економски блок во економијата е зголемен за 10,2 отсто.

Спротивно на тоа, учеството на земјите од Групата седум (Г7) во глобалниот БДП падна за 0,4 отсто на 29 отсто на крајот на минатата година и сега е најниско во последните 30 години.

Вашингтон – Потпретседателката на САД Камала Харис денеска ја отфрли идејата дека претседателот Џо Бајден треба да се повлече од изборната трка, откако демократскиот конгресмен Лојд Догет од Тексас го повика да ја напушти трката по „лошиот“ настап на дебатата минатата недела.

- Видете, Џо Бајден е нашиот кандидат. Ние еднаш го победивме (републиканскиот кандидат Доналд) Трамп и ќе го победиме повторно, точка, рече таа во интервју за Си-Би-Ес Њуз.

Таа нагласи дека е горда што е потпретседателка на Џо Бајден и одби директно да одговори на прашањето дали е подготвена да ја води земјата доколку е потребно.

Москва – Амбасадорот на Романија во Русија, Кристијан Истрате бил повикан во руското Министерство за надворешни работи каде му била врачена нота со која службеник на амбасадата на земјата е прогласен за персона нон грата, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.

Се истакнува дека „оваа мерка е одговор на претходно немотивираната одлука на романската страна да прогласи дипломат на руската амбасада во Букурешт за персона нон грата“, пренесува РИА Новости.

Москва - Руските пратеници денеска изгласаа суспендирање на учеството на Москва во парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), оценувајќи го како антируско и дискриминаторско.
 
Двата дома на рускиот парламент - Државната дума и Советот на федерацијата - едногласно изгласаа за прекин на учеството во телото за време на денешните седници.
 
Советот на Федерацијата, Горниот дом на парламентот, обвини за „пристрасни, дискриминаторски пристапи, двојни стандарди, целосна русофобија, неподготвеност за значајни дискусии, вклучително и за релевантни прашања за обезбедување еднаква и неделива безбедност“.

Москва - Русија ќе одговори на одлуката на Финска да им дозволи на САД пристап до нивните воени бази, изјави денеска портпарол на руското Министерство за надворешни работи.

-Можам само да потврдам дека Русија нема да го остави неодговорено военото трупање на НАТО на нашата граница, што ја загрозува безбедноста на Руската Федерација, рече заменик портпаролот Андреј Настасин.

Тој додаде дека „ќе ги преземат неопходните мерки, вклучително и од воено-техничка природа, за да се спротивстават на агресивните одлуки на Финска, како и на нејзините сојузници во НАТО“.

Берлин - Германија и Шведска соопштија дека уапсени се осум лица осомничени дека извршиле злосторства против човештвото во име на режимот на Башар ал Асад за време на граѓанската војна во Сирија.

Петмина од нив се приведени во Германија, а останатите во Шведска, во рамки на заедничка операција. Четворица од уапсените се Палестинци без државјанство, а последниот е поранешен сириски разузнавач.

Според соопштението на германското федерално обвинителство, постојат „силни сомневања за убиства или обид за убиство на цивили како злосторства против човештвото и воени злосторства“ извршени за време на граѓанската војна во Сирија, која започна во 2011 година со задушување на антивладините демонстрации.

Стокхолм -  Во Шведска почна да се применува нов закон што им дозволува на бабите и дедовците да добиваат платено родителско отсуство додека се грижат за своите внуци до три месеци во текот на првата година на детето.

Шведскиот парламент го одобри минатиот декември владиниот предлог за трансфер на родителски додаток. Тоа се случува 50 години откако Шведска стана прва во светот која воведе платено родителско отсуство за татковците, а не само за мајките.

Според новиот закон, родителите можат да префрлат дел од додатокот за родителско отсуство на бабата и дедото на детето.

Родителска двојка може да префрли најмногу 45 дена на други, додека самохран родител може да пренесе 90 дена, објави Шведската агенција за социјално осигурување.

Триполи – Висок командант на Хезболах денеска загина откако со ракета беше погодено неговото возило.

Нападот се случи во градот Тир, јужен Либан.

Командант на Хезболах одговорен за еден од трите сектори во јужен Либан е убиен во израелски напад во Тир, изјави неименуван претставник на проиранското движење.

Кабул - Портпаролот на владејачките талибанци во Авганистан изјави дека двајца Американци се приведени во земјата и дека Кабул разговарал за нивната „размена“ за Авганистанците затворени во американскиот притвор во Гвантанамо, пренесоа француските медиуми. 

-Треба да можеме да ги ослободиме нашите граѓани за возврат, бидејќи американските граѓани се важни за нив (САД) исто како што Авганистанците се важни за нас, рече портпаролот, Забиула Муџахид на прес-конференција.

За размената беше разговарано за време на состанокот организиран од Обединетите нации во Катар. Меѓународната конференција заврши во понеделникот, наведе БТА.

Женева – Интензивирањето на нападите на руските вооружени сили во текот на март, април и мај предизвика многу цивилни жртви и значителна штета на цивилниот имот и инфраструктура, се вели во новиот извештај на Канцеларијата на Високиот комесар за Човекови права (OHCHR) подготвен од Набљудувачката мисија на Обединетите нации за човекови права во Украина (HRMMU).

Во извештајот детално се опишува ситуацијата со човековите права во Украина меѓу 1 март и 31 мај 2024 година, и се истакнуваат сложените тешкотии со кои се соочуваат цивилите, кои се движат од непосредна физичка штета до долгорочни социо-економски предизвици.

Во документот се нагласува влијанието врз човековите права од обновените масовни напади на руските вооружени сили врз критичната енергетска инфраструктура, почнувајќи од март, нивната копнена офанзива во регионот Харков во мај, и други случувања и во окупираната територија и во областите контролирани од владата на Украина.

 

Остани поврзан