• петок, 17 мај 2024
МИА Радио Флеш

7 мај 2024

 - Од полноќ стапи во сила молкот во пресрет на вториот круг од Претседателски избори и Парламентарните избори кој завршува со затворањето на гласачките места на 8 мај во 19 часот. На 8 мај, на вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство. Се гласа на 3480 избирачки места, а избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да го посетат избирачкото место и да гласаат. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати.  Денеска, ден пред изборите, први гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и, пријавените од дијаспората, но само за претседателските избори. 

 

- Најниска температура утрово е измерена во Лазарополе од 3 степени Целзиусови. Следат Берово и Попова Шапка со 5 степени, 6 во Претор, 7 во Крива Паланка и Охрид, 8 Тетово, Маврови Анови, Битола, Демир Капија, 9 Скопје-Петровец, Прилеп, Гевгелија, Велес, 10 во Скопје-Зајчев Рид, Штип, Куманово, Крушево, Дојран, Кавадарци и 11 степени во Виница. Времето денеска сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне и во текот на ноќта ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 20 до 27 степени.

 

- Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на Интернационалниот филмски фестивал во Хјустон (WorldFest-Houston International Film Festival) во Соединетите Американски Држави. Овој значаен фестивал, кој постои 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.

 

 -Самостојна изложба на македонската уметница Александра Ацеска, ќе биде отворена денеска во културниот и креативен парк Зинитанг, во Гуангжу, Кина. -Флорал Лимбо е волшебна изложба на дела кои навлегуваат во длабоката интеракција помеѓу внатрешните процеси и надворешните влијанија. Преку хипнотизирачка фузија на цветни дезени, заоблени линии и разновидни техники на цртање и сликање, оваа изложба ги поканува гледачите на волшебно патување во длабочините на уметничкиот израз на Ацеска, се наведува кон изложбата.

 

- Претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и на техничката влада Андреј Пленковиќ по седницата на претседателството на партијата изјави дека има повеќе од 76 пратеници кои се подготвени да го поддржат. На парламентарните избори во Хрватска на 17 април ХДЗ го освои мнозинството мандати во Парламентот, но недоволно за сама да формира влада, па претходните денови имаше интензивни преговори за можни коалиции, а десницата Татковинско движење е најголемиот коалициски потенцијал на кој смета ХДЗ. „Разговорите продолжуваат утре. Денеска имавме средба со сите колеги кои беа заедно со ХДЗ на листите на изборите, сите тие пратеници, а ги има шестмина, ми даваат силна поддршка како иден мандатар за состав на нашата трета влада“, рече Пленковиќ по вчерашниот состанок.

 

– Застапеноста на жените на раководни позиции и нивните економско зајакнување, финансиска независност и рамноправност ќе бидат главни теми на заседанието на Совет за труд, социјална политика, здравство и прашања на потрошувачите на ниво на министри одговорни за родова еднаквост.  Според дневниот ред на состанокот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, министрите ќе дебатираат за положбата на жените во јавниот живот, со посебен фокус на начините на подобрување на нивната застапеноста на раководни позиции и на места на кои се носат одлуки. 

 

 – Планот за поддршка на Украина, хуманитарната ситуација во Газа, кохерентен пристап во меѓународни партнерства на ЕУ и здравствената состојба на глобално ниво ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на министри задолжени за развојна и меѓународна соработка.  Со состанокот што ќе се одржи во Брисел ќе претседава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.  Предвидено е средбата да започне со размена на мислења за ситуацијата во Украина, со посебен осврт за Планот за Украина, што украинската Влада го достави до ЕУ на 20 март како услов за исплата на првите средства од Украинскиот механизам за периодот 2024-2027 година, која зависи од напредокот во планираните реформи што треба да ги спроведе Киев согласно утврдената Реформска агендата. 

 

 - Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) предупреди дека 600.000 деца во Рафа немаат каде да одат на безбедно во случај на израелски напад и принудно раселување во тој град на југот од блокираниот Појас Газа. Израелската армија издаде итна наредба за евакуација на Палестинците во источните квартови на Рафа и ги повика да се преселат во градот Ал-Маваси на југ. „УНИЦЕФ повикува на заштита на цивилите и инфраструктурата што ги поддржува нивните основни потреби, како што се болниците и засолништата“, се вели во соопштението на агенцијата на ОН. Хуманитарната ситуација во Газа се влошува, а УНИЦЕФ изјави дека нападот на Рафа ќе има катастрофални последици за најмалку 600.000 деца.

 

- Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва денеска побара од Конгресот да прогласи природна катастрофа поради големите поплави што ја погодија најјужната држава Рио Гранде до Сул, при што загинаа осумдесет и пет лица. Над 130 лица се водат како исчезнати по поплавите во кои 150.000 лица ги напуштија своите домови, извести Цивилната заштита. Покрај уништувањето на патишта и мостови во повеќе градови, предизвикани се и одрони кои се закануваат со уште поголема катастрофа. Поради тоа, бразилскиот претседател Лула бара од Конгресот да прогласи елементарна непогода во споменатата сојузна држава, со цел да се одобрат дополнителни буџетски средства, без оглед на фискалните правила усвоени минатата година со кои се пропишува горната граница на трошење на сојузните држави.

 

- Либанската група Хезболах соопшти дека извршила напад со беспилотно летало врз израелска воена позиција во близина на северниот град Метула. Израелската армија подоцна потврди дека во нападот загинале двајца војници. Проиранската организација исто така соопшти дека истрелала десетици ракети преку либанско-израелската граница врз воени цели на територијата на Израел. Израел и либанската групација, која собра огромен арсенал од 2006 година, во последните шест месеци си разменуваа секојдневни удари. Овој процес се одвива паралелно со војната меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас во Појасот Газа.

 

- Русија ги информираше САД за приведување на американски војник во Владивосток поради кршење на законот, изјави портпаролката на Пентагон, Синтија Смит. „Руските власти во Владивосток на 2 мај го уапсија американскиот војник под обвинение за криминално дело. Во согласност со Виенската конвенција за конзуларни односи, Русија го информираше Стејт департментот за приведувањето на американскиот војник“, изјави Смит. Таа рече дека американската војска го информирала семејството на војникот за инцидентот и додаде дека Стејт департментот обезбедува конзуларна поддршка на приведените припадници на американските вооружени сили.

 

- Израелските сили (ИДФ) воспоставија контрола врз палестинската страна на граничниот контролен премин Рафа, што се наоѓа на границата на Појасот Газа со Египет, јавија британските медиуми, повикувајќи се на соопштение на израелското армиско радио. Портпаролот на граничните власти на Газа изјави за британските медиуми дека контролниот пункт од палестинска страна е затворен поради присуството на израелски тенкови. Претходно денеска, палестински функционер за безбедност и египетски претставник за американските медиуми изјавија дека израелски тенкови влегле во градот Рафа и се наоѓаат на само 200 метри од преминот.

 

 - Денеска во Москва ќе се одржи инаугурацијата на старо-новиот руски претседател, Владимир Путин, со што и официјално ќе започне неговиот петти шестгодишен мандат, а на церемонијата нема да присутвуваат амбасадорите на Европската унија и на САД во Москва. Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека одлуката е во согласност со ставот на мнозинството земји-членки на Унијата. - Нашиот амбасадор нема да присуствува, а нема да присуствуваат ни повеќето земји-членки, рече Стано, пренесен од британските медиуми. Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, изјави дека американскиот амбасадор во Москва нема да присуствува на инаугурацијата на рускиот претседател.

 

- Индискиот премиер Нарендра Моди денеска гласаше во третата фаза од општите избори во Индија. Моди, кој се кандидира за својот трет мандат, гласаше на избирачко место во западниот индиски град Ахмедабад, во сојузната држава Гуџарат. Во пораката на социјалната мрежа Х, Моди ги повика Индијците да гласаат и на тој начин да ја „зајакнат демократијата“. Политичките аналитичари ја предвидоа победата на Нарендра Моди уште пред почетокот на изборите, кои се одржуваат од 19 април до 1 јуни, во вкупно седум фази. БЈП на Моди е против широкиот опозициски сојуз предводен од Индискиот национален конгрес и моќните регионални партии.

Остани поврзан