• четврток, 22 август 2024
МИА Општински пул

22 август 2024 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на поставување камен-темелник за изградба на спортска сала во населеното место Огњанци во општина Петровец.

Како што информира владината прес-служба, салата ќе биде со димензии 25 метри на 21 метар, а за неа ќе бидат вложени 12.000.000 денари обезбедени од Министерството за образование и наука и 6.000.000 денари од општинскиот буџет. Рокот на изведба е пет месеци.

Скопје - Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски денеска го посетија регионалниот пат Р-1102 кој транзитира низ населени места во општината.

Како што информираат од Општина Гази Баба, за време на посетата Стефковски и Трајановски направиле увид на акцијата за расчистување на вегетацијата покрај патот, кастрење на дрвата и косење на високата трева.

Струга - Со традиционалното садење дрво и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2024 година, истакнатиот француски поет и драматург,  Жан Пјер Симеон, денеска во Струга почнува 63. издание на Струшките вечери на поезијата.

Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ во Домот на поезијата, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“. За отворањето на Фестивалот, директорот Тодорче Тасевски најави дека ќе има специјално подготвена сценографија, која ги истакнува потенцијалите на сценскиот простор преку поврзување на главната со летната сцена. 

Скопје - Поради уличен дефект на улица „Сава Михајлов“, број 25, денеска, од 11:00 часот, без вода ќе бидат корисниците од улиците „Сава Михајлов“, „Томас Минцер“, „Тодор Чопов“ и дел од улицата „Радован Ковачевиќ“ во населба Ченто, општина Гази Баба. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на дефектот. 

Скопје - Речиси двојно е зголемен водостојот на реката Вардар на мерното место кај Јегуновце во споредба со вчера, а на другите четири мерни места нивото е скоро исто со вчерашното, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

И водостоите на останатите реки во земјава се речиси исти со вчерашните, а карактеристично е што е суво коритото на реката Струмица кај мерното место Сушево.

Скопје - Без струја утре од 8:00 до 9:00 часот ќе бидат дел од жителите од селото Крушопек кон училиштето во општина Сарај, а од 8:00 до 12:00 часот дел од корисниците од населбата Железара и објектите околу градинката во општина Гази Баба. 

Без снабдување со електрична енергија утре од 9:30 до 10:00 часот ќе бидат корисниците од село Арачиново и жителите на Брњарци и Сингелиќ во општина Гази Баба.

Струмица - Mанифестацијата „100 илјади поети за промена“, во соработка со Здружението „Контекст-Струмица“ распиша поетски конкурс за годинашното издание на Фестивалот. Поезијата, со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации, треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално.

На конкурсот секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на фејсбук профилот на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 15 септември 2024 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението и потоа селектираните автори ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“ – Македонија, кој ќе биде издаден како дел од оваа манифестација.

Скопје - Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска се очекува денеска на средба со координаторите на советничките групи да го презентира планот за излез од кризата во главниот град. Средбата на координаторите ја закажал претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески.  

Очекувањата на првите луѓе на советничките групи се таа да презентира план за состојбата во „Комунална хигиена“ и хигиената во главниот град, но и за Јавното - сообраќајно претпријатие и како да се надмине проблемот со автобусите во Скопје. Сепак, велат од советничките групи, останува да се види со каков план ќе излезе Арсовска на денешната средба, која треба да започне во 11 часот. 

Скопје - По светската премиера на DOC NYC, документарниот филм „Патување пеш“ („The Walk“) вечер премиерно ќе биде прикажан пред македонската публика во рамки на затворањето на 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Куршумли Ан.

Документарниот филм на македонската режисерка Тамара Котевска го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка што патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, во обид да си најде дом.

Скопје - Во Куршумли ан вечерва за време на затворањето на 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе бидат објавени и врачени наградите „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи. Во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.

Филмската програма на 15. „МакеДокс“ е распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци.

Охрид - Во Основното училиште „Ванчо Николески“, во Лескоец во Охридско ќе биде отворено шестото издание на Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“. Како што е најавено, учениците од ова училиште ќе подготват посебна културно-уметничка програма. 

По отворање на манифестацијата, учесниците и организаторите од Друштвото за литература и култура „Мацково“ ќе оддадат пиетет кон македонскиот писател Ванчо Николески, со полагање цвеќе на неговото вечно почивалиште во Охрид.

Скопје - Битолското културно лето „Бит фест“ денеска и утре ќе биде домаќин на настан на кој неколку извонредни македонски писатели, лично ќе ги споделат своите тајни за пишувањето. Од Општина Битола информираат дека првата бесплатна работилница за креативно пишување ќе создаде можност за навлегување во инспиративноста и прекрасниот уметнички израз на четири различни авторски сензибилитети кои секогаш на свој начин ја воодушевуваат читателската публика.

Дводневниот настан на кој ќе царуваат книжевноста и креативното пишување ќе се одржи во „Порта Џез“, а денеска од 11:00 до 12:00 часот, гостите ќе имаат можност да разговараат со Фросина Пармаковска и Петар Андоновски, додека во вечерниот дел од 19:00 до 20:30 часот, низ ќе се одржи работилницата на Ана Јовковска и Дарко Лешоски.

 

Остани поврзан