• петок, 23 август 2024
МИА Флеш

22 август 2024

Скопје - Од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за МИА потврдуваат дека е стигната писмената оставка од Љубомир Фрчкоски, кој ја извршуваше функцијата амбасадор и постојан претставник во Обединетите нации. 

Оставката, како што објавија дел од медиумите, е доставена и до Министерството за надворешни работи.

Фрчкоски на амбасадорката позиција во Њујорк беше назначен во 2022 година. Указот за неговото назначување го потпиша тогашниот шеф на државата Стево Пендаровски. 

Неодамна, Фрчкоски беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото, но како што изјави министерот Тимчо Муцунски, до разговорот се уште не дошло поради здравствени причини на амбасадорот.

Скопје - Комисијата за хартии од вредност (КХВ) денеска на седница донесе решение со кое на Комерцијална банка АД Скопје и издаде дозвола за давање понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола.  

Понудата за преземање се однесува на 390.977 обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола, кои претставуваат 100 проценти од основната главнина на  банката. Преземањето на хартиите од вредност ќе се врши по цена од 3.200 денари по акција.

- Согласно Понудата за преземање, а според Законот за преземање на акционерски друштва,  преземачот утврдил најмала количина на обични акции на кои се однесува понудата за преземање која треба да биде прифатена за понудата да се смета за успешна, односно понудата ќе се смета за успешна доколку биде прифатена од акционери кои поседуваат најмалку 261.956 обични акции кои претставуваат 67 проценти плус една акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. Рокот за прифаќање на понудата за преземање започнува да тече од денот на првото објавување на понудата за преземање и изнесува 28 календарски дена, информира КХВ.

Дебар – Во гимназиите „28 ноември“ во Дебар и „АТА“ во Центар Жупа по двата уписни рока не е пополнета предвидената квота за упис во прва година.

Како што потврдуваат за МИА од двете училишта, пополнети се само 103 од предвидените 340 ученички места, што е околу 24 отсто.

Во дебарската гимназија во двата уписни рока запишани се 81 ученик, што значи дека непополнети се 191 место.

- Во второто пријавување запишани се 35 завршени деветоодделенци, од нив 10 за настава на македонски и 25 на албански наставен јазик. Во двете пријавувања во првиот уписен рок се запишаа 46 ученици, 13 за настава на македонски и 33 се за паралелките на албански наставен јазик. Тоа значи непополнети се 79 за настава на македонски и 112 на албански наставен јазик, рече за МИА, Афрона Леши, претседателка на Комисијата за спроведување на уписот.

Скопје- Македонските ученици Владимир Грчев од Кочани, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица освоија три бронзени медали на осмата Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2024), која од 16 август до 22 август 2024 година се одржува во Кишињев, Молдавија. 

Како што информира денеска Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), се работи за најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години.

Четврт член на македонскиот тим е Бисера Илиева од Скопје, која како и Марко Кренков првпат учествува на интернационален натпревар по информатика. Тимот беше раководен од лидерите Владислав Бидиков и Иван Занов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Скопје - Документарниот филм на новинарот Шенол Мемиш за неговиот пенизониран колега и писател Димче Миновски ќе биде промовиран в сабота, од 19:30 часот, во киното „Манаки“ во Битола, во рамките на Битолското културно лето - „Битфест“.

Филмот, кој е проект на Македонско-турското здружение „Мустафа Кемал Ататурк“, е со времетраење од 72 минути и е снимен на повеќе локации низ Битола.

Димче Миновски е пензиониран новинар од Радио Битола и писател на 30 книги повеќето од областа спорт. Минатата година ја освои наградата за животно дело  „4 Ноември“ од општината Битола. Бил дописник на повеќе редакции од поранешните ју-простори. Реализирал над 3000 радио преноси во сите спортови за Радио Скопје и МТВ, како и за матичната Радио Битола.

Приштина – Косовската полиција соопшти дека вчера уапсила државјанин на Северна Македонија кај кого се пронајдени над шест килограми дрога хероин кој бил наменет за продажба, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на полицијата се наведува дека Дирекцијата за истраги на трговија со наркотици при полицијата во Приштина, во соработка со локалните безбедносни институции, „на 21.08.2024 година, по интензивна истражна работа на терен, презеде оперативни мерки, при што е идентификувано лице државјанин на Северна Македонија, за кое се сомничи дека поседувал, подготвен за продажба, наркотична супстанца од типот хероин“.

Од полицијата велат дека хероинот на осомничениот му го донеле други две лица, кои потоа со автомобил го напуштиле местото на настанот.

Вредноста на запленетиот хероин е околу 150.000 евра.

Вашингтон – САД се соочуваат со зголемени различни видови закани од многу земји во исто време, изјави директорот на ФБИ, Кристофер Вреј.

- Се грижам за комбинацијата на толку многу закани што се појавуваат одеднаш, со предизвиците со кои се соочуваат мажите и жените во спроведувањето на законот. И единственото нешто, според мене, што помага да се надминат овие два предизвика е партнерството. Тоа е начинот на кој се справуваме, со заедничка работа, посочи Вреј.

Тој веднаш по минатогодишниот напад на Хамас врз Израел предупреди дека тоа може да послужи како инспирација за милитантите, „како што не сме виделе откако Исламската држава го почна својот така наречен калифат пред години“.

ФБИ се бори и да одговори на безбедносните проблеми на јужната граница на САД, при што официјалните лица во јуни открија дека осум лица од Таџикистан наводно поврзани со ИД биле приведени поради нелегално преминување на границата.

ФБИ истражува и за странското странско мешање во изборите.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон ќе престојува во Белград на 29 и 30 август, при посетата во која ќе ја потврди поддршката за европските интеграции на Србија, соопшти денеска Елисејската палата.
По официјалната посета на претседателот на Србија Александар Вучиќ на Париз во април, посетата ќе биде можност шефовите на држави да разговараат за економијата, здравството, енергијата, културата и вештачката интелигенција, велат истите извори.

Поздравувајќи го Вучиќ во Франција, Макрон изјави дека иднината на Србија е во Европската унија и „никаде на друго место“, пренесе Бета.

Софија- Претседателот на Бугарија Румен Радев повторно го номинираше Димитар Главчев за кандидат за привремен премиер, соопшти прес-службата на шефот на бугарската држава.

Во 12 часот, претседателот го прими кандидатот за привремен премиер во претседателската институција. Радев му наложи на Димитар Главчев пред сè да предложи „внимателно разгледани промени во составот на владата“.

- Инсистирам вашата влада да го стави како основен приоритет спречувањето на купувањето на гласови... Ова е неопходен услов за успехот на овој мандат. Се надевам дека бев сосема јасен, истакна бугарскиот претседател.

Румен Радев му даде рок на Димитар Главчев до понеделник да му го претстави составот на новата привремена влада.

 

Москва – Напад на украински беспилотно летало во текот на ноќта предизвика пожар во воена база во јужна Русија, изјави денеска гувернерот на Волгоград, Андреј Бочаров.

Тој истакна дека противвоздушната одбрана одбила најголемиот број од беспилотните летала, но дека соборен дрон се урнал и предизвикал пожарот. Бочаров не наведе повеќе детали.

Руските воени блогери објавија дека цел на украинскиот напад била воздухопловната база Мариновка, лоцирана на околу 45 километри од регионалниот главен град Волгоград.

Руската државна новинска агенција ТАСС јави дека воздушниот сообраќај е привремено ограничен на цивилниот аеродром во Волгоград поради ризикот од беспилотните летала.

Москва - Властите во западниот руски регион Курск започнаа со поставување на модуларни бетонски засолништа за заштита на цивилите од потенцијална украинска инвазија, соопшти денеска регионалниот гувернер.

Руските сили од 6 август се борат со украинската војска во граничниот регион Курск. Илјадници украински војници тогаш ја преминаа границата, што предизвика евакуација на стотици илјади руски граѓани.

„Според моите насоки, властите на градот Курск ги идентификуваа клучните локации за поставување на модуларни бетонски засолништа на фреквентни места“, напиша гувернерот на Курск, Алексеј Смирнов, на апликацијата Телеграм.

Апија – Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш денеска предупреди дека некои острови во Тихи Океан се изложени на ризик да бидат уништени од циклони, топлотни бранови и зголемување на нивото на морето предизвикани од климатските промени.

- Високото и зголеменото ниво на морето претставуваат огромна закана за Самоа, Пацификот и другите мали островски држави во развој, а овие феномени бараат решителна меѓународна акција, истакна Гутереш за време на посетата на главниот град на Самоа, Апија.

Тој додаде дека иако земјите од Пацификот придонесуваат со само 0,02 отсто од глобалните емисии на јаглерод, тие се на првата линија на климатската криза, соочени со екстремни временски настани – од тропски циклони до рекордна топлина на океаните.

Отава - Двете главни канадски товарни железници целосно го запреа својот работен процес поради спор околу договорите со нивните работници.

Ова би можело да предизвика значителна економска штета за компаниите и потрошувачите во Канада и САД, доколку возовите наскоро не продолжат со работа.

Канадската национална железница (CN) и CPKC железницата го прекинаа својот работен процес откако помина рокот за постигнување нови договори со Конференцијата на канадските железници, синдикална организација која претставува околу 10.000 инженери, кондуктори и диспечери.

Целокупниот железнички сообраќај во Канада и сите пратки кои ја преминуваат границата со САД се запрени, иако возовите на CPKC и CN ќе продолжат со работа во САД и Мексико.

Остани поврзан