• петок, 23 август 2024
МИА Радио флеш

21 август 2024

-ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи интерпелација на претседателот на Собранието Африм Гаши, потврди денеска од Неготино лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен темелник за изградба на градски пазар во Неготино, тој кажа дека партијата не гледа причина за интерпелација на спикерот Гаши. - Начинот на кој тој се однесува како спикер во Парламентот, како ги води седниците и се тоа што таму се случува претставува сериозно различно однесување од тоа што го правеше неговиот претходник, рече Мицкоски. Според него, коалицијата СДСМ-ДУИ-Левица, има свои мотиви зошто поднесуваат таков тип на интерпелација. 

-Оставам на Судскиот совет што понатаму со судската кариера на судијата Пајазит Пајазити, истакна премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање дали судијата Пајизити треба да одговора за бегството на Блерим Рамадани. Според Мицкоски, Пајазити е омилен судија на партиите СДСМ и ДУИ и како што рече, со многу дискутабилни пресуди во минатото. -Тој е омилен судија на СДСМ и ДУИ и тој ги има покажано своите одлики во минатото. Пајазити е судија којшто во минатото има направено многу ваков тип на пресуди коишто се дискутабилни и јас оставам на Судскиот совет да одлучи што понатаму со судската кариера на Пајазити, изјави Мицкоски, при посетата на Неготино.

-Во текот на денов ќе бидат исплатени сите заостанати плати на вработените во Јавното претпријатие Национални шуми, како и дел од побарувањата на коминтентите. Истото ќе се случи и за вработените во АД „Водостопанство“ после следната редовна седница на Владата на 27 август, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски. На новинарско прашање, Мицкоски информираше дека во Национални шуми ќе бидат исплатени над 350 милиони денари, од кои 250 милиони денари  обезбедени со ребалансот на Буџетот, а останатите од сопствени средства од производство на претпријатието. Надлежните органи, вели премиерот, се веќе во компанијата, истражуваат злоупотреби и набргу од денеска ќе имаме одговорност.

-Вложуваме во модерна образовна инфраструктура и квалитетен воспитно-образовен процес, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која изврши увид во активностите за реконструкција на покривот на основното училиште „Тошо Велков-Пепето“ во Кавадарци,  заедно со градоначалникот Митко Јанчев. -Станува збор за инвестиција во вредност од 9 милиони денари обезбедени од буџетот на Министерството за образование и наука, која целосно ќе биде реализирана до крајот на 2024 година. Имаме низа тековни инфраструктурни инвестиции, а во иднина нивниот број значително ќе се зголеми, со оглед на намерите на Владата за континуиран раст на буџетот наменет за образование, рече Јаневска. Таа посочи дека Кавадарци е една од локалните самоуправи кои имаат визија за модерно образование и долгорочен план како квалитетот да го одржуваат, но и постојано да го унапредуваат.  

-Блок 1 на РЕК Битола околу 12 часот прекина со работа заради испад на 110 киловолтен далновод на АД МЕПСО. Редовното и нормално функционирање на Блок 1 беше прекинато бидејќи во критичниот момент, постројката не можеше да ја испорача произведената електрична енергија кон македонскиот електроенергетски систем, по што согласно сигурносните протоколи блокот беше исклучен, соопшти АД ЕСМ. Прекинот во снабдувањето со електрична енергија во неколку населби во Битола во истиот период кога без напон остана и Блок 1 на РЕК Битола се должи на истиот проблем, предизвикан од далеководот на МЕПСО и нема никаква поврзаност со работата на комбинатот. Паралелно, без проблеми се одвива производството на електрична енергија од Блок 2 на РЕК Битола бидејќи постројката е поврзана со електропреносниот систем на АД МЕПСО преку друг, 400 киловолтен далновод. На Блок 3 во тек се ремонтни активности.

-Претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов е оптимист и очекува да има средба со премиерот Христијан Мицкоски за зголемување на минималната плата. Како што вели, ССМ веќе има доставено барање за средба и очекува социјалниот дијалог да го води на маса, доколку тоа не се случи секогаш имаат на располагање и други мерки. - Владата вети дека во првите 100 дена ќе седне да разговара со ССМ за зголемувањето на минималната плата на најмалку 450 евра. Јас сум оптимист дека средбата ќе се случи поради тоа што ја знам силата на работниците. Ние работниците мораме да бидеме слушнати и мораме да кажеме што се потребите на работниците. Очекувам средбата да се случи како што ветија тие во првите 100 дена, а исто така имаме побарано дополнителна средба и на 2 септември со генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати Естер Линч која од 1 до 3 септември ќе ја посети Македонија и ќе биде гостин на ССМ, рече Трендафилов во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

- Во периодот јануари-јуни годинава, Грција ја посетиле 11.625.600 туристи, за 15,5 отсто повеќе во споредба со истиот период лани, а зголемени се за 12,2 проценти и приходите од туризмот, согласно податоците од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Во првата половина од годинава патничкиот сообраќај преку аеродромите бил зголемен за 16,1 отсто, а преку копнените гранични премини за 15,2 проценти. Во конкретниот период, од земјите-членки на Европската Унија имало 6.846.800 патници, што бележи зголемување од 17,3 отсто споредбено со лани, додека патниот сообраќај од други земји е зголемен за 13,1% и изнесува 4.778.800 туристи.

-На пригодна церемонија во Приштина денеска беше потпишан договор за грант во вредност од 34,5 милиони долари за развојни објективи меѓу Косово и Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој, УСАИД, јави дописникот на МИА од Приштина. Како што соопшти службата за информирање на косовското Претседателство, амандманот број 6 на договорот за грант за развојни објективи го потпишаа претседателката Вјоса Османи, во име на Република Косово, и Мери Елиен Девит, во име на УСАИД.

-Лицето кое по пукањето во Сански Мост, при што беа убиени три лица, е пренесено во УКЦ на Република Српска, има прострелна рана во градниот кош и се планира операција, рекоа од оваа здравствена установа, пренесоа медиумите. Пациентот е свесен донесен во Ургентниот центар и е на дијагностика. УКЦ истакна дека сите понатамошни прогнози се предвремени. Како што претходно беше соопштено, три лица загинаа во пукање во средно училиште во Сански Мост откако вработен во гимназијата пукал во директорот, секретарката и професорка. 

-Танкерот „Сунион“ на компанијата „Делта танкерс“ што плови под грчко знаме утрово бил нападнат со проектили од два мали чамци во Црвеното Море, во близина на Јемен, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина. Според информациите на АНА-МПА од крајбрежната служба на Грција, танкерот претрпел мала материјална штета, а на бродот имало вооружено обезбедување. „Катимерини“ пишува дека ударот бил во делот каде што се наоѓа моторот на бродот, по што избувнал пожар, а во однос на членовите на екипажот, станува збор за 23 лица од Филипини и двајца Руси. 

-Германската војска ги зголеми безбедносните мерки околу своите касарни во земјата како одговор на извештаите за можни натрапници, јави ДПА. Портпаролката на Територијалната команда изјави за ДПА дека Бундесверот „брзо и сеопфатно реагираше низ цела Германија на инцидентите од изминатата недела со зголемени проверки, зголемени патроли, инспекции на системи за оградување и технички безбедносни мерки, затворање на некои области и со ажурирани безбедносни упатства и мерки за подигање на свеста“. Таа рече дека мерките ќе бидат приспособени на конкретната безбедносна ситуација.

-Последното истражување на американската агенција ЈуГов покажа дека во трката за претседател на САД со два отсто од гласовите, демократската кандидатка Камала Харис има предност пред републиканскиот кандидат Доналд Трамп, објави Демостат. „Резултатите од истражувањето покажаа дека Харис има поддршка од 46 отсто од гласачите, а Трамп 44 отсто. Роберт Ф. Кенеди помладиот, како потенцијален трет кандидат во моментов има поддршка од три проценти од гласачите, што укажува на неговата можна одлучувачка улога во конечниот резултат на неизвесните избори“, наведува Демостат и додава дека истражувањето oпфатило и тоа како гласачите гледаат на кандидатите за идните потпретседатели на САД, а ја обработило и потенцијалната улога на третиот кандидат Роберт Ф.Кенеди.

-Десет лица, меѓу кои седум припадници на безбедносните сили, двајца цивили и самоубиецот, загинаа во експлозија на автомобил -бомба на контролен пункт во Могадишу, јави денеска сомалиската полиција, пренесе ДПА. -Безбедносниот персонал се обидел да го запре возилото бидејќи се приближувало до контролниот пункт со голема брзина, изјави портпаролот на полицијата. ДПА јавува дека одговорноста за нападот ја презеде исламистичката терористичка група „Ал-Шабаб“. Во истата област денеска е спречен уште еден напад, соопшти полицијата.

-Кина е сериозно загрижена поради извештајот во кој се вели дека САД одобриле нуклеарен стратешки план кој се фокусира на брзото проширување на Кина на својот нуклеарен арсенал, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи. -САД го туркаат наративот за кинеската нуклеарна закана, наоѓајќи изговори за да бараат стратешка предност, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи. Според извештајот на „Њујорк тајмс“, американскиот претседател Џо Бајден во март одобрил високо класифициран нуклеарен стратешки план на брзорастечкиот кинески арсенал, но исто така се обидува да ги подготви САД за можни координирани нуклеарни предизвици од Кина, Русија и Северна Кореја.

-Израелската армија (ИДФ) денеска ги повика Палестинците, во мал дел од хуманитарната зона одредена од Израел во Деир ал Балах во центарот на Газа, да се евакуираат. Портпаролот на арапските медиуми на ИДФ, Авичаи Адрае, објави мапа на зоните што треба да се евакуираат и рече дека армијата „ќе дејствува насилно“ против терористичките групи во областа, објави „Тајмс оф Израел“. „За ваша безбедност, ве повикуваме веднаш да се евакуирате на запад. Областа во која се наоѓате се смета за опасна борбена зона“, рече Андрае.

- Либанската група Хезболах истрела повеќе од 50 ракети кои ги погодија домовите во Голанската висорамнина, анектирана од Израел, објавија американските медиуми. Денешниот напад се случи еден ден откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна со посредници од Египет и Катар, продолжувајќи со друга дипломатска мисија во обид да посредува за примирје во војната во Газа, иако Хамас и Израел сигнализираа дека предизвиците се зачувани. Во новото соопштение, Хамас го нарече последниот предлог што му беше претставен како „пресврт“ на она на што групата претходно се согласи и ги обвини САД дека се согласуваат со „новите услови“ од Израел.

 

Остани поврзан