• петок, 23 август 2024
МИА Радио флеш

22 август 2024

Скопје - Владината коалиција функционира беспрекорно и амбиентот внатре е конструктивен, вели премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по вчерашните препукувања меѓу владините партнери ЗНАМ и ВЛЕН.

Според Мицкоски, логично е да има различни ставови по некои прашања, но важно е секогаш да се наоѓа решение. 

Важно е, вели Мицкоски, да се напомене дека оваа Влада има поддршка од повеќе од две третини од пратениците во Парламентот и тоа, според него, е важно затоа што граѓаните очекуваат резултати. 

- Инаку, опозицијата ќе се обидува да создава таков тип на пораки во јавноста, но состојбата е многу конструктивна и без исклучок сите кои се дел од владината коалиција на дневна основа се трудат да направат нешто добро за државата и граѓаните, што е многу важно, рече Мицкоски по денешното поставување на камен темелник на спортска сала во населено место Огњанци, во општина Петровец.

Скопје-  Владата наскоро ќе седне да разговара со сите легитимни синдикални организации и ја разбира потребата од зголемување на платите, но тука има многу политика, а малку основа за барање на правата на работниците, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски. 

Тој тврди дека ќе нема пораст на платите на функционерите и оти нивното претходно покачување од 78 проценти ќе биде дел од законско решение што ќе се најде набргу пред Собрането, вклучително и сите плати што се нивелирани согласно одреден коефициент и репер во јавната администрација.

Како што потенцираше, нема дополнително зголемување на функционерските плати и покрај законската одлука и нивелирање согласно закон за следната година.

- На следната владина седница ќе донесеме одлука тоа да не се случи, рече Мицкоски на новинарско прашање.

За барањата од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за зголемување на минималната плата оцени дека за помалку од два месеца од работата на Владата имало  синхронизиран напад  од  претседателите на ССМ и на најголемата опозициска партија, што, како што рече, упатува на политичка позадина. 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека ќе ги замоли советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата  на следната седница на Советот на Град Скопје да ги изгласаат програмите за кои градоначалничката Данела Арсовска тврди дека ги блокираат, но смета дека тоа нема ништо да смени.

- Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замолам советниците кои доаѓаат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ веднаш на следната седница да ги изгласаат програмите, но, не е до програмите, ќе видите веднаш, рече Мицкоски на новинарско прашање. 

Посочи дека на 29 август ќе има седница и оти ќе направат се што е до нив, за да, како што рече, не биде дека ВМРО-ДПМНЕ кочи. 

Арсовска претходно изјави дека на средбата со Мицкоски за состојбите во главниот град и било кажано дека долгот на Владата од осум милиони евра за бесплатниот студентски превоз што го реализира ЈСП Скопје би се исплатил со ребаланост преку повлекување на средства за изградба на нов булевар во Визбегово, но премиерот рече дека„ тоа не е баш така како што било соопштено од градоначалничката.

Скопје – Ако имаат докази, нека излезат и да видиме како тоа ќе заврши, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, по  обвинувањата од СДСМ дека бегството на Блерим Рамадани е организирано од структури на МВР.

Според Мицкоски, за анализирање е загриженоста кај СДСМ и ДУИ, со оглед дека ова не е прв ваков случај и веќе има одлука од Врховниот суд. 

-Ова не е прв случај, има сличен во 2016, во 2019 и има одлука од Врховен суд кога практично тие лица кои на идентитен начин биле во екстрадициски притвор врз основа на потерница што ја испраќа Србија, биле ослободени на слобода. Тоа што имаме загриженост кај СДСМ и ДУИ зошто партискиот судија Пајазити е вклучен во овој случај, па се обидуваат сега интриги или некакви би рекол чудни споредби да прават и информации во прашална форма, навистина е за анализирање. Ако имаат докази, ако знаат дека е тоа така, зошто во прашална форма, нека излезат со тврдење па да видиме како тоа ќе заврши, изјави Мицкоски по посетата на општина Петровец, каде присуствуваше на поставување на камен темелник за изградба на спортска сала. 

За тоа дали во меѓувреме имале некаква комуникација со српските власти, Мицкоски, рече дека немале. 

Скопје – Започнати се консултации за повеќе амбасадорски места, за што ќе информираме во периодот што следи, изјави премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали се започнати консултациите за нов амбасадор во Обединетите нации по оставката на амбасадорот и постојаниот претставник Љубомир Фрчкоски. 

Во однос на актуелната дипломатска мрежа на земјава, Мицкоски рече дека има причина за незадоволството на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. 

-  Кај нашиот стратешки партнер САД, во Амбасадата, имаме две вработени лица, а во Мисијата на ОБСЕ од две, имаме 12. Ако сме стратешки партнер со САД треба така и да се однесуваме. Не само да мавтаме со знамето, треба и со дела да покажеме дека навистина сме стратешки партнер, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на општина Петровец, каде присуствуваше на поставување на камен темелник за изградба на спортска сала. 

Според Мицкоски, некој ја приватизирал и партизирал таа институција и сега веќе, како што нагласи „полека, но сигурно се ослободува“. 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски најави продолжување на инвестицискиот бум со три можни нови инвестиции, од кои две се проширување на веќе постоечките производствени капацитети и нова во вредност од 150 милиони евра.

Во одговор на новинарско прашање претседателот на Владата истакна дека инвестициите се во автомобилската индустрија и индустрија за присуство на суплементи.

-Преговараме со три можни нови инвестиции, две се од веќе постојните производни капацитети - проширување на нивното производно портфолио, големи ќе бидат и значајни за домашниот производ. Второ, преговараме со една голема компанија, инвестиција во вредност од 150 милиони евра, во потесен круг сме со една голема европска земја која што е членка на ЕУ. Ние и тие се бориме, сега сме во фотофиниш, ако се биде како што треба се надевам дека во септември веќе ќе можеме и таа да ја објавиме. Сосе овие двете проширувања ќе имаме отприлика уште четвртина милијарда евра нови инвестиции до крајот на годината што значително ќе влијаат врз БДП, рече премиерот Мицкоски при денешното поставување камен-темелник на нова спортска сала во општина Петровец.

Скопје- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска имаше проштална средба со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.

На средбата, како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски се заблагодарил за придонесот на амбасадорот Бомгартнер во развојот на билатералните односи и соработката за време на неговиот дипломатски мандат во земјава.

- Заеднички беше потврдено задоволство од динамичниот и континуиран политички дијалог помеѓу двете држави и нагласена потребата за ставање посебен фокус на развојот на економската и трговската соработка во претстојниот период, се вели во соопштението. 

Скопје - Ако некој сака наставниците да имаат подобар стандард тоа сме јас како министер и нашата Влада. Меѓутоа, јас не сакам да им се зголеми платата 3 отсто, јас сакам да им се зголеми за 30 отсто уште утре кога тоа би било можно, рече денеска министерката за образоване и наука Весна Јаневска во одговор на новинарско прашање за зголемување на платите во образовниот сектор при денешната посета на Општина Петровец.

Според неа, буџетот на МОН кој го наследиле, бил потрошен за шест месеци наместо за една година и министерката се соочила со огромна буџетска дупка со необезбедени плати за наставниците и професорите, необезбедени учебници и неисплатени обврски кон студенти и ученици

-Јас ги молам наставниците, она како што јас ги доживувам во овој момент, да постапуваат со онаа пасија кога се запишале на факултетот кога ја посакале таа професија да ја истераме оваа година со таа нивна волја и желба да придонесат за знаењето на учениците, да придонесат за напредок на државата, а она што им следува, бидејќи и мене и на премиерот ни е добро познато тие секако ќе си го добијат во оној момент кога државата ќе може тоа да го направи, а јас еве како министер грчевито ќе се борам и ќе се борам и на Влада и со нив со преговори и се тоа да биде што е можно повеќе, рече министерката Јаневска.

Скопје – Основното јавно обвинителство Скопје информира дека во текот на вчерашниот ден е лишено од слобода едно лице за кое постои сомнение дека било инволвирано во убиството кај Трговскиот центар „Мавровка“. Станува збор за затвореник кој бил во бегство од КПУ Затвор - Скопје.

Како што информираат од Обвинителството во тек се вештачења на материјалните докази со кои се утврдува основаноста на сомненијата за вклученост на ова лице во настанот, а осомничениот е вратен во затворот со максимални мерки за обезбедување.

- Со оглед на тоа што приведениот е осудено лице за друго кривично дело и бил во бегство од КПУ Затвор – Скопје врз основа на издадената потерница и по консултација со јавен обвинител, тој денеска е вратен во затворот со максимални мерки за обезбедување, стои во соопштението.

Скопје - Граничната и Шумската полиција – Струга во заедничка акција откриле камион кој превезувал огревно дрво без соодветни документи. Камионот со кој биле одземени дрвата му е одземен на сопственикот, а одеземени се и дрвата кои се складирани во подружницата на Национални шуми.

-Во заедничка акција на Граничната полиција со Шумска полиција – Струга е контролиран камион со огревно дрво од државни шуми без документи за превоз.За сторителите поднесени се соодветни пријави до соодветните институции, камионот со кој е превезувано дрвото е одземен од сопственикот, дрвата се одземени и складирани во подружницата на Национални шуми во Струга, информираат денеска од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Оттаму најавуваат зголемени акции во соработка со МВР, Шумската полиција и Национални шуми и апелираат дека здружено ќе се вложат за стопирање на криминалот и трговијата со нелегално дрво во борбата против нелегалната сеча на дрвата.

Скопје – Ефикасно спроведување на системот за контрола на болести кај животните со десет различни активности, зајакнување на капацитетот за безбедност на храната со четири активности, подобрен систем на официјална контрола со четири активности и подобрен систем за собирање на податоци и проценка на ризикот со четири активности, е резултатот на проектот „Подобрена контрола на болестите кај животните и имплементација на системот за безбедност на храна“ што се спроведува од април 2022 година, а чиј главен корисник е Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Во рамки на проектот, финансиран од Европската Унија во вредност од 868 илјади евра, а имплементиран од конзорциумот КАПА, чиј завршен настан се одржа денеска во Скопје, беа реализирани голем број активности коишто ги унапредија институционалните системи за здравје на животните и јавното здравје преку интегриран мултидисциплинарен пристап.

Скопје - Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска оствари работна средба со Жан Пол Диспанс, аташе за внатрешни работи на Француската Република во Скопје, информира МВР.

Исени ја потенцирал одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Француска Република која, како што рекол, се одвива во духот на традиционално добрите пријателски односи меѓу двете земји.

-Во рамки на билатералната соработка, Исени разговараше и за интензивирање на обуките што ги нуди оваа амбасада, за можностите за нивна реализација во рамките на ЕУ, како и посебен фокус беше ставен на реализација на заеднички проекти во борбата против криминалот, трговијата со луѓе и борбата против корупцијата, се вели во соопштението од МВР. 

Скопје - Директорот на Царинската управа Бобан Николовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска одржаа состанок на кој беше договорено двете страни да почнат да работат на нов меморандум за соработка и протокол за негово спроведување.

Како што информира Царинската управа, преку јасно дефинирање на ингеренциите и подобрување на размената на информации се очекува побрза интервенција, но и асистенција при гонење на криминалот на двете институции.

Николовски истакнал дека борбата со криминалот бара менување на свеста кај царинските службеници дека секој треба да придонесе во борбата со криминалот.

- Експертизата и разузнавачките информации со кои располагаат Царината и Бирото за јавна безбедност обезбедуваат клучни елементи за откривање и разбивање на криминалните организации. Со унапредување на соработката и размената на податоци, но и побрзата интервенција и асистенција на меѓусекторско и меѓуинституционално ниво, очекуваме целосно сузбивање на криминалот, нагласил Николовски.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин денеска одржува состанок со високи руски претставници за украинската инвазија врз Курск.

„Ве собрав да разговараме за ситуацијата што моментално се развива во пограничните региони на Русија“, рече Путин на отворањето на состанокот.

Иако Москва досега се обидуваше да го намали значењето на ненадејниот украински упад на 6 август, евакуирани се 133.190 луѓе од „опасната“ погранична област, рече вршителот на должноста регионален гувернер.

Првиот вицепремиер Денис Мантуров додаде дека Владата ја проценува штетата врз земјоделството и индустријата во регионот бидејќи, како што рече, украинската офанзива врз Курск не покажува знаци на забавување.

Москва - Руската безбедносна служба ФСБ денеска соопшти дека иницирала кривични случаи против новинари поради нелегално преминување на границата.

ФСБ наведува дека новинарите се товарат поради нелегално преминување на границата и влез во руската област Курск, што е под контрола на Украина.

Постапка е поведена против новинари од Си-ен-ен, од РАИ и двајца украински новинари и наскоро против нив ќе биде распишана меѓународна потерница.

За нелегално преминување на границата, во согласност со руските закони, предвидена е казна затвор до пет години.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја посети украинско-руската граница во регионот Суми за прв пат откако украинските сили влегоа во Курск, погранична област на Русија.

За време на состанокот со врховниот командант на армијата, генералот Александар Сирски, Зеленски рече дека украинските сили зазеле уште една населба во рускиот регион Курск и заробиле повеќе руски војници за кои се надева дека ќе ги замени за заробени Украинци.

Од друга страна, руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека неговата војска ја презела контролата врз селото Межове во регионот на делумно окупираниот украински Доњецк.

Кишињев - Актуелната претседателка на Молдавија, Маја Санду, денеска официјално објави дека ќе се кандидира на следните претседателски избори.

Санду денеска изјави дека поддршката на партијата „Акција и солидарност“ (ПАС) и претставува  голема чест и дека годинава ќе биде донесена „најважната одлука за државата од прогласувањето на независноста“.

-На референдумот ќе го одредиме нашиот надворешен курс. Сигурна сум дека нашиот народ ќе избере мир и слобода, а во 2024 година ќе избереме и претседател. Мојата програма е јасна: најдобри услови за живот и меѓусебно разбирање. Ние сме Молдавија , а земјата ќе се движи таму каде што ние ја насочуваме, рече Санду, пренесе молдавскиот портал Newsmaker.

Рим – Телото на британскиот технолошки тајкун Мајк Линч денеска беше пронајдено откако претходно неговата луксузна јахта потона во близина на брегот на Сицилија.

Телата на другите четири жртви кои исчезнаа кога бродот потона беа пронајдени вчера, а утрово од потонатата јахта беше извлечено петтото тело. Со тоа вкупниот број на жртви се искачи на шест, откако во понеделникот беше пронајдено телото на готвачот Рекалдо Томас. Сè уште се трага по 18-годишната ќерка на Линч.

Британската јахта „Бејжн“ (Bayesian) долга 56 метри, со 22 патници и членови на екипажот, беше закотвена во близина на Палермо и на 18 август потона неколку минути откако беше погодена од невреме.

Њу Делхи– Премиерот на Индија, Нарендра Моди утре ќе се сретне со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Моди ќе допатува во Украина по месец и половина месеци откако беше во посета Москва, каде се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.

Предвидено е  Зеленски и Моди да разговараат за продлабочување на економските врски и соработката на полето на одбраната, науката и технологијата.

Според аналитичарите посетата на Моди на Украина е обид Њу Делхи да демонстрира понеутрален став. Индија уште од времето на Студената војна има традиционално блиските врски со Русија. Индија избегнува директно да ја критикува руската инвазија врз Украина. 

Џакарта - Илјадници демонстранти денеска се обидоа да упаднат во индонезискиот Парламент, незадоволни од најавените измени на изборните закони.

Тие урнаа дел од оградата, ја гаѓаа полицијата со камења, принудувајќи ги пратениците да го одложат гласањето за контроверзните измени на изборните закони кои би можеле дополнително да го зајакнат политичкото влијание на претседателот во заминување Јоко Видодо.

Некои демонстранти држеа големи транспаренти, додека други запалија огнови и гуми. Парламентот требаше да се состане на итна седница за да поништи една одлука на Уставниот суд на земјата за изборната процедура, а да измени друга.

Уставниот суд завчера ја укина старосната граница која ги оневозможува младите од 30 години да се кандидираат за регионални гувернери, што би го спречило 29-годишниот најмлад син на Видодо, Каесанг Пангареп, да се кандидира на регионалните избори во Централна Јава.

 

Остани поврзан