• четврток, 29 август 2024
МИА Радио Флеш

22 август 2024

-Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на поставување камен-темелник за изградба на спортска сала во населеното место Огњанци во општина Петровец. Како што информира владината прес-служба, салата ќе биде со димензии 25 метри на 21 метар, а за неа ќе бидат вложени 12.000.000 денари обезбедени од Министерството за образование и наука и 6.000.000 денари од општинскиот буџет. Рокот на изведба е пет месеци.

-Амбасадорот и постојан претставник во ООН во Њујорк, професорот д-р  Љубомир Фрчкоски поднел оставка на позицијата. Фрчкоски оставката ја поднел до претседателката Гордана Силјановска – Давкова и за тоа го известил МНР. Во изјава за „Либертас“, Фрчкоски вели дека оставката на било каков начин не би требало да се одрази на функционирање во техничка смисла на Мисијата, но дека може да влијае на реализацијата на проектот „Промоција на дијалог и медијација со цел превенција на геноцид и сличните злосторства (воени злосторства и злосторства против човештвото)“. Поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи, на амбасадорската позиција во Њујорк беше назначен во 2022 година. Указот за неговото назначување го потпиша тогашниот шеф на државата Стево Пендаровски. 

-Царинските инспектори и царинските службеници изминатите денови и во текот на вчерашниот ден спречиле неколку обиди за нелегална трговија на брендирани производи, криумчарење цигари и нелегално изнесување девизи. - Спречена нелегална трговија со фалсификувани производи со потпис на познати модни брендови, при што во неколку контроли, запленети се вкупно 10.618 парчиња, меѓу коишто облека и чанти „Луи Витон“, „Армани“, „Гучи“ и часовници „Ролекс“. Производите се запленети, против сторителите се поднесени прекршочни пријави, а поведена е и постапка за повреда на право од интелектуална сопственост, информираат денеска од Царинската управа.

-Со сведочење на вешто лице на предлог на обвинителството, во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за преостанатите обвинети во случајот „Синџир“ кој се однесува на даночно затајување од околу 8 милиони евра. Во случајот беа обвинети над 30 физички и правни лица, од кои најголем дел признаа вина и за нив Основниот кривичен суд Скопје изрече затворски, условни и парични казни. Постапката продолжува за 12 обвинети физички и правни лица. Дополнително, со шестмина осомничени и шест кривично одговорни правни лица, како што информираше Јавното обвинителство своевремено, биле постигнати спогодби, со кои се вратени безмалку 1.000.000 евра во државниот буџет.

-Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски денеска го посетија регионалниот пат Р-1102 кој транзитира низ населени места во општината. Како што информираат од Општина Гази Баба, за време на посетата Стефковски и Трајановски направиле увид на акцијата за расчистување на вегетацијата покрај патот, кастрење на дрвата и косење на високата трева.

-Во текот на ноќта на Дрина се превртел чамец со мигранти, кои се обиделе да ја преминат реката од Србија меѓу местото Дрлача во општина Љубовија и Орлица во општина Зворник. „Утринава, околу 5 часот, Граничната полиција на Љубовија била известена од Граничните власти на Босна и Херцеговина, како и од локален жител, дека чамец на Дрина во текот на ноќта се превртел со нерегуларни мигранти кои се обиделе да ја преминат реката од Србија меѓу местото Дрлача во општина Љубовија и Орлице во општина Зворник“, изјави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

-Поради турбуленции додека летал над Италија, авион од Крф за Лондон принудно слетал во Рим, а полесно биле повредени две стјуардеси, објави грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина. Авионот со 181 патник вчера попладне полетал од грчкиот остров Крф, турбуленциите биле додека се наоѓал во италијанскиот воздушен простор, со што пилотот ја известил контролата на летање и добил наредба веднаш да слета на аеродромот Фјумичино во Рим.

-Построги правила за течности и гелови во рачниот багаж повторно ќе стапат во сила од 1 септември на сите аеродроми во Европска Унија, соопшти аеродромот во Франкфурт. Со новите правила на патниците ќе им биде дозволено да носат течност или гел до 100 милилитри, спакувани во проѕирна пластична кеса со максимален волумен од еден литар. Лековите и течната храна за бебиња се исклучени од новите правила. Безбедносните правила за течности и гелови првпат беа воведени во 2006 година. Правилата беа олеснети на некои аеродроми каде што багажот можеше да се провери со помош на скенери. Но, повторно воведувањето на поригорозни мерки е поради тоа што ЕУ се сомнева во веродостојноста на новите скенери. 

-Руските сили утринава одбија украински напади со дронови на западниот дел на земјата, соопштија официјални лица. Противвоздушната одбрана „одби напади со беспилотни летала во областа Волгоград, во регионот Мариновка. Повеќето дронови беа уништени“, објави локалниот гувернер Андреј Бочаров на Телеграм. На местото на падот на леталата избувна пожар, но нема повредени. Во Ростовската област, руските сили спречија напад на пет дронови, изјави гувернерот Василиј Голубев, додавајќи дека нема жртви и дека не е причинета штета.

-Најмалку 17 лица загинаа во експлозија во фабрика за лекови во Индија, соопшти утринава полицијата. Во експлозијата повредени се 34 лица, од кои повеќето се со изгореници од хемикалии. Фабриката се наоѓа во округот Анакапаљи, во државата Андра Прадеш, на југоистокот на Индија. Полицијата соопшти дека се верува дека експлозијата е предизвикана од истекување на гас. 

-Канцеларијата на ОН за хуманитарни работи предупреди дека наредбите за масовна евакуација од страна на израелската армија овој месец ги принудила Палестинците да се преселат во пренатрупани и небезбедни области долж брегот на Средоземното Море во Газа. Портпаролот на ОН, Стефан Дижарик, изјави дека најновите наредби, издадени во средата, се однесуваат на дел од Деир ал-Балах во централна Газа и Кан Јунис на југот, и ги опфаќаат 115 локации со над 150.000 раселени мажи, жени и деца, како и објекти на ОН и многу неформални и импровизирани засолништа. Наредбите исто така ги опфаќаат канцелариите, складиштата и резиденциите на ОН и хуманитарните организации, како и три бунари кои обезбедуваа вода за десетици илјади луѓе и сега повеќе не се достапни.

-Две девојчиња загинаа, а пет деца се повредени откако вооружено лице пукаше врз школски автобус во Пакистан. Инцидентот се случи во градот Аток, во централната провинција Пенџаб, кога децата патувале кон училиштето. Загинатите и повредените деца се на возраст од пет до десет години. Мотивот на злосторството сè уште не е познат.

 

 

Остани поврзан