• петок, 30 август 2024
МИА Радио Флеш

29 август 2024 

- Хрватска останува подготвена да и помогне на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија. Во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија и созреа времето кога сето тоа треба да се респектира, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по средбата со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски кој е во прва официјална посета на Хрватска. На прес-конференцијата одржана по тет а тет средбата во владината зграда во Загреб, Пленковиќ рече дека Хрватска ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на Северна Македонија кон Европската унија. 

-Министерот за правда Игор Филков  денска имаше  средба со претставничката на Детскиот фонд на Обединети Нации - УНИЦЕФ, Лесли Милер, соопшти неговиот кабинет. Се дискутираше за заедничките идни активности, предизвици и можностите за успешна соработка. Приоритет на заедничка заложба останува целосното остварување на најдобриот интерес на детето согласно Конвенцијата за правата на детето. Исклучително важно е да се следи имплементација на Законот за правда за децата и да се унапредат капацитетите на сите субјекти во системот за правда за деца во државата. Новиот Закон ја нагласува неопходноста за специјализација на субјектите и во таа насока е потребно да се продолжи со обуките на правните професионалци за третман и заштита децата, жртви или сведоци на насилство и криминал како и  пристапот до ресторативна правда.

-Со сет мерки Владата во текот на 2025 година ќе го зголемува бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром. Со новата програма што ќе започне од 1 јануари 2025 година и ќе трае до 31 декември 2027 година се планира на годишно ниво сума од 125 милиони денари или вкупно 375 милиони денари за поддршка на авиосообраќајот или за еден милион евра повеќе од досега планираното, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и додаде дека повикот за субвенциониран авиопревоз ќе биде објавен следната недела. -На денешната седница на Владата донесовме неколку мерки кои треба сериозно да ја подобрат состојбата со воздушниот сообраќај. Сетот на мерки кои ќе ги преземеме во 2025 година траба да донесат во Македонија 200 илјади патници повеќе од досега, а во годините што следуваат тој број и да се зголемува, рече Николоски на денешната прес-конференција во Владата.

-Повлечени се членовите на евалуационите комисии кои требаше да извршат избор на надзор и избор на изведувач за третата фаза од делницата за изградба на пруга кон Бугарија заради тоа што не е реален, не е изводлив и не може да биде завршен, но и заради компромитирањето на проектот, изјави денеска ресорниот министер Александар Николоски.-Утрово во координиран настап заедно со ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“, а после последните сознанија коишто беа изнесени и во јавноста одлучивме да ги повлечеме членовите коишто се претставници на Министерството за транспорт и на ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ од евалуционите комисии коишто треба да извршат избор на надзор и избор на изведувач за изградба на третата фаза од делницата за изградба на пруга кон Бугарија, рече Николоски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата. 

-Локалните врнежи од дожд што деновиве ја зафатија земјава, го подобрија водниот режим на почвата, но наводнувањето и натаму останува приоротет, велат агрометеоролозите. Во оваа фаза на развој, напоменуваат, најголема потреба од вода имаат градинарските култури. Според агрометеоролозите, производителите треба да продолжат и со спроведување на агротехничките мерки.

- Словенија на 1 септември официјално ќе го преземе едномесечното претседавање со Советот за безбедност на ОН. Амбасадорот Самуел Жбогар, специјалниот претставник на Словенија во Советот за безбедност, има искуство во претседавањето со Советот за безбедност, бидејќи беше заменик на амбасадорот Данило Тирк за време на првиот мандат на Словенија во Советот за безбедност во 1998-1999 година, јави СТА. Жбогар ќе ја претстави програмата за работа во вторник на 3 септември. Главниот настан за време на едномесечното претседавање со Словенија ќе биде дебатата на високо ниво на 25 септември на почетокот на Генералното собрание.

-Дали властите во Белград повторно си дадоа дипломатски автогол или медиумската галама за приведувањето на пејачката Северина Вучковиќ на граница треба само да го оттргне вниманието од домашните проблеми, од кои најголем е неочекуваниот отпор кон ископот на литиум во Србија, пишува Германски дневен весник Франкфуртер рундшау, пренесе Бета. „Првпат државните органи го признаа постоењето на списоци на сторители на „вербален криминал. Забрана за влез на уметници во земјата, напади на независни медиуми, судско малтретирање на еколошки активисти - отпор и масовни протести против експлоатацијата на литиумот се причината поради која на Белград му олабавуваат нервите“, пишува весникот.

-Европската перспектива на Турција поминува низ почитувањето на меѓународното право, европското законодавство, почитувањето на суверенитетот и суверените права на сите земји-членки, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, по пристигнувањето на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на Европската унија во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина. Герапетритис посочи дека Грција ја поддржува европската перспектива на Турција, но и истакна дека според него, клучно е, што по пауза од пет години, на неформалниот состанок присуствува и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.

-Новинската агенција АФП денеска пишува дека францускиот претседател Емануел Макрон патува во дводневна посета на Србија, каде што „има намера да ја заврши продажбата на 12 француски борбени авиони Рафал на таа балканска земја која одржува пријателски врски со Русија“, пренесе Бета. АФП ја истакнува таа тема од интервјуто со српскиот претседател Александар Вучиќ оваа недела, наведувајќи дека тој е „оптимист“ во врска со тоа, додека Елисејската палата им потврди на новинарите дека „се надева“ дека преговорите со групата Дасо, што ги произведува тие авиони, ќе бидат успешни при посетата на францускиот претседател.

-Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба денеска изјави дека сојузниците на Украина мора да направат повеќе кога станува збор за испорака на ветените системи за противвоздушна одбрана, со цел да го заштитат украинскиот воздушен простор од руски напади. - Постигнат е добар напредок и објавени се соопштенија, но повторно, некои системи Патриот се најавени и сè уште не се испорачани, истакна Кулеба пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел. Кулеба апелира за побрза испорака, особено поради почетокот на новата учебна година и неопходноста од заштита на децата. 

-Британскиот премиер Кир Стармер денеска во Париз се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон. Пред посетата на Париз, Стармер беше во Берлин на разговори со својот германски колега Олаф Шолц, што укажува на желбата на премиерот да ги продлабочи врските со клучните фигури во Унијата, забележуваат агенциите. На почетокот на неговата посета, Стармер рече дека не го „укинува Брегзит“ со неговите планови за нов договор со Германија.

-Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел денеска ги повика сојузниците на Украина да ги укинат ограничувањата за погодување цели во Русија со оружје обезбедено од нив. СAД ја ограничуваат употребата на балистичките ракети со голем дострел што и ги даваат на Украина. Ограничувања за употреба на оружје воведоа и некои земји од Европската унија. „Мораме да ги укинеме ограничувањата за употреба на оружје против руски воени цели, во согласност со меѓународното право“, изјави Жозеп Борел пред денешната средба во Брисел на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ.

-Лидерот на венецуелската опозиција Едмундо Гонзалес Урутија ќе ги информира денеска министрите за надворешни работи на ЕУ преку видео врска за тврдењата дека раширената измама го нарушила реизборот на претседателот Николас Мадуро минатиот месец, изјави првиот дипломат од блокот.„Ситуацијата во Венецуела е критична. Затоа го поканив Едмундо, кандидатот кој презентираше резултати кои покажуваат дека Мадуро не победи на овие избори, изјави за новинарите во Брисел шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел. Тој додаде дека ЕУ е „многу загрижена од ситуацијата на лидерите на опозицијата“ во Венецуела, кои виделе членови на тимот „уапсени и исчезнати“. 

Остани поврзан