• петок, 30 август 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

   29 август 2024

 

Скопје - Советот на Град Скопје на денешната седница не ја донесе Одлуката за давање согласност за склучување на договор за имплементација  на проектот воведување на Брз автобуски превоз (БРТ) во Град Скопје. „За“ одлуката гласаа 14 советници, четири “против“ и двајца воздржани. Против оваа одлука гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, од Зелен хуман град и Левица.

БРТ системот, кој беше проект на претходниот градоначалник Петре Шилегов е едно од решенијата за намалување на сообраќајниот хаос во главниот град, а ова е трета година како не се спроведува и се плаќаат пенали. Парите за БРТ стојат, а од државниот буџет се плаќаат пенали – по 350 илјади евра годишно камата на ЕБОР, бидејќи кредитот во висина од 70 милиони евра е земен, но проектот не се реализира.

-Нема да го поддржиме овој предлог за воведување на БРТ системот, затоа што без разлика што постојано нѐ обвинувате дека немаме став, нашиот став е дека граѓаните не го поддржаа овој систем, затоа и ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи, рече советникот Филип Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ. 

Советничката од СДСМ Љубица Јанчева смета дека со набавка на нови автобуси кои би сообраќале по старите траси, проблемот со јавниот транспорт нема да се реши. 

-Имаме готов проект за БРТ, за кој има пари и во сумата се вклалкулирани и 50 нови автобуси. А за тој проект, кој е одобрен плаќаме пенали. Инаку потребен е нов концепт за јавен превоз, не само набавка на нови автобуси. Она што му е потребно на Скопје и на сите кои го користат јавниот превоз е нов концепт за брз, ефикасен и еколошки превоз, рече советничката од СДСМ Љубица Јанчева. Одговори и на прозивките дека со изградба на трасата на БРТ ќе се уништело средишното зеленило, затоа што планот предвидува засадување зеленило на голем дел од трасата.

Драгана Велковска од Зелен хуман град смета дека договорот за БРТ е постигнат без јавна дебата, исклучително нетранспарентно, зад затворени врати и смета дека е БРТ решението е натурено, а нема стручна студија за неговата оправданост. Таа смета дека зелениото кое ќе биде уништено е повеќедецениско, а не може да се замени со нови садници. Таа побара основна студија и кога ќе може да биде изработена, па за неа да се дискутира.

Советникот на Левица, Ванчо Спасески истакна дека нема да го поддржат овој предлог затоа што, како што рече, дека при ваков нерегулиран градски јавен превоз да се бара брз превоз е претенциозно.

Советниците на Град Скопје не ја донесоа и Одлуката за набавка на еко-автобуси. „За“ Одлуката гласаа 20 советници, пет воздржани и ниту еден „против“. 

Советот на Град Скопје денеска одржува седница на која се очекува советниците да ги поддржат дополнителните програми за работа на Комунална хигиена за вработување на околу 120 лица и да донесат одлука за пренамена на средства за ЈСП со кои ќе се репарираат и стават во функција уште 30 автобуси. 

Градоначалничката Данела Арсовска на 22 овој месец на координација со советничките групи го претстави планот за излез од кризата во градот Скопје недоволниот број автобуси поради што мораат да чекаат и по повеќе од половина час, а исто така имаше и коментари за хигиената во градот.

Скопје - ЈСП денеска информира дека учениците од прва година средно образование кои ги исполнуваат условите за бесплатен превоз (ученици во средни училишта чиј основач е Град Скопје) билетите ќе ги добијат во матичните училишта. Всушност, додаваат од ЈСП, сега ќе им бидат дадени времени билети, кои во меѓувреме ќе бидат заменети со „Скопска“.

-Учениците од повисоките одделенија, во случај да имаат потреба од нова персонализирана електронска картичка „Скопска“ (поради изгубена картичка и слично), нова/дупликат можат да обезбедат во кој било центар за персонализација на ЈСП Скопје, се вели во денешното соопштение од Град Скопје. 

Притоа, се додава во него, неопходно е да достават потврда од училиште и да платат еднократен надомест од 200 ден за изработка на картичката.

Од ЈСП потсетуваат дека средношколските билети за бесплатно користење јавен превоз, важат за сите линии (градски и приградски) во период од 05 до 24 часот, односно, единствено не важат за користење на ноќни линии. 

Скопје - Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, осуден на 18 години за тероризам по настаните на 27 април 2017 во Собранието, добил прекин на отслужување на казната до 21 ноември.

Од затворот од Штип велат дека прекин во отслужување на казната поради медицински причини, добиле шест лица. 

Директор на штипскиот затвор Дејан Здравков, за МИА ги потврди информациите дека со судско решение прекинот во издржување на казната им е продолжен на Митко Чавков (до 21 ноември), на Митко Пешов (до 16 ноември), на Оливер Поповски (до 22 септември) и на Душко Лазаров (до 25 септември). На Александар Јаневски - Тошта и Јане Ченто им завршил прекинот и на 14 август се вратиле во затворот.

Од Кривичниот суд, за МИА потврдија дека пет лица, осудени за настаните од 27 април, побарале од судот прекин на казната. Судот на тројца им дозволил прекин за еден осуденик решението е во фаза на изготвување, а едно од барањата е одбиено заради некомплетна документација.

Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов  кон крајот на јули потпиша решенија за 30-дневен прекин на казната за дел од лицата осудени за 27 април, поради лекување.

Во врска со упадот во Собранието, во затвор се 16 лица, правосилно осудени на казни од 7 до 16 години затвор за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Највисока казна од 16 години доби Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност(БЈБ), кој тогаш имаше „златна команда“ за протестите пред Собранието.

Босилово - Печалбари од селото Петралинци, Општина Босилово, организирани во Дијаспора Петралинци-Швајцарија, донираа висококвалитетни специјални работни униформи за вработените во ЈКП „Огражден“ од Босилово.

Според информацијата од градоначалникот Ристо Манчев, донацијата се проценува во вредност од околу 20 илјади евра и се обезбедени повеќе видови работни панталони, кратки со прерамки и без,летни и зимски јакни, маици, кошули, флуоросцентни елеци и друга облека.

-Оваа опрема треба да ги задоволи потребите на вработените во ЈКП "Огражден"- Босилово за период од неколку години. Уште еднаш, изразувам голема благодарност до Дијаспора Петралинци - Швајцарија која повеќе пати донира во Општина Босилово, напиша во објавата градоначалникот Манчев.

Покрај оваа донација, Дијаспора Петралинци-Швајцарија донираше 10 компјутери и 83 училишни столчиња за Подрачното основно училиште во село Петралинци.

Штип - Почнаа градежните работи на Камениот мост во Штип, со што ќе се овозможи двонасочен сообраќај на овој мост на реката Отиња, истакна на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој истакна дека веќе се работи на подобрување на статиката на мостот, со цел да може да го издржи двонасочниот сообраќај.

-Во наредните неколку денови, до почетокот на новата учебна година ќе се изврши реконструкција на Камениот мост во централното градско подрачје, подобрување на статиката, со цел воведување на двонасочно движење на возилата на овој мост, вели Јорданов.

Посочува дека со воведување на двонасочно движење на возилата ќе се овозможи на жителите од неколкуте населби во централното градско подрачје, да не кружат околу коритото на реката  Отиња. Јорданов изјави дека во консултација на сообраќајни инжињери оваа одлука е донесена и е со цел да не се создава хаос во сообраќајот пред основното училиште „Ванчо Прќе“, кое по бројот на ученици е и најголемо училиште во општината.

-Дополнително веднаш до овој мост, во следните денови ќе се постави пешачки мост на платформите коишто се на реката Отиња и ќе биде наменет за пешаците, учениците кои минуваат од едниот до другиот крај на река Отиња, изјави Јорданов.

Градежните активности на Камениот мост на река Отиња се очекуваат да завршат за неколку денови, со цел на самиот старт на учебната и академската  година не се создаде поголем сообраќаен метеж во централното градско подрачје.

Скопје - Од страна на Градот се уште немаме конкретни мерки околу аерозагадувањето, рече денеска Горјан Јовановски, во рамките на 51 седница на Совеотот на Град Скопје, кога на дневен ред беше иницијативата на советничката група на Зелен хуман град,  за преземање мерки за заштита на квалитетот на воздухот во Скопје произлезени од граѓанското климатско собрание на Скопје.

Тој, исто така, се осврна и на поставените компостари што биле покриени со пластика, наместо да компостираат отпад. 

- Од друга страна, Градот на многу места вели дека не е надлежен и дека други институции треба да постапат за одредени точки и ние се сложуваме. Беа наведени институциите што се засегнати заедно со градот. Градот доколку сака, може да започне соработка, иницијатива со овие други институции, аерозагадувањето не е проблем на една институција. Тоа е заедничка борба на сите.  Ако пет илјади луѓе, според последната проценка во Македонија умираат годишно од аерозагадување, мислам дека е во ред да не се вели дека се нема надлежност, нагласи Јовановски, барајќи конкретни чекори. 

Советникот од СДСМ, Гордан Шутаров рече дека овој проблем треба да ги засега сите и соработката треба да биде мултисекторска. 

Независната советничка, Ирена Витина рече дека ја поздравува активноста на Јовановски, но, дека Градот и Советот не можат да наложат на одредени институции да преземат активности, туку може  да имаат и имаат иницијативи, како таа за предлог закон за комунална полиција. 

- Не можам да се согласам дека Градот Скопје не презема никакви ангажмани и иницијативи, подвлече таа. 

Претседателот на Советот, Трајко Славески рече дека постојано треба секој да го има на ум ова прашање во однос на квалитетот на воздухот, што ги засега сите. И да се продолжи максимум во иднина, со конкретни решенија и мерки. 

Советот го одобри предлог-планот за изменување и дополнување на планот на програмите за развој за периодот 2024-2026 година. Беше усвоен кварталниот извештај за извршување на буџетот на Град Скопје за 2024 година, за периодот од 01.01 до 30.06.2024 година.

На дневен ред на денешната седница на Советот на Град Скопје се и дополнителните програми за работа на Комунална хигиена за вработување на околу 120 лица и одлука за пренамена на средства за ЈСП со кои ќе се репарираат и стават во функција уште 30 автобуси. 

Тетово - На последната седница Советот на Општина Тетово донесе Предлог–одлука за формирање на Работна група за преименување на улици во општина Тетово кои веќе имаат определено име и именување на улици на кои името им е определено со работен број. Ова предизвика вознемиреност кај Сојузот на борците од НОБ и граѓани поддржувачи, бидејќи стравуваат дека во новото преименување на улиците ќе се најдат имиња на фашисти и балсити, како и на оние кои учествувале во конфликтот од 2001 година.

- Имајќи го предвид минатото поведение на локалната власт и сензитивноста на материјата, цениме дека е потребно навремено, гласно и јасно да испратиме предупредување дека за  Сојузот на борците на НОАВМ, како и за граѓаните на Тетово, воопшто не е прифатливо менување на ниту едно име на улица кое носи име на партизан или деец на антифашистичката коалиција која го победи фашизмот. Исто така е целосно неприфатливо и спротивно на Уставот да се размислува за именување улици и јавни површини со имиња на фашисти и балисти, бидејќи светската историографија јасно ја утврдила нивната улога во минатото, се вели во соопштението испратено од Сојузот на борците.

Пред повеќе години локалната власт на Тетово направи промена на имињата на повеќе улици кои тогаш добија имиња на повеќе албански дејци од поблиската историја од кои дел не беа директно поврзани со Македонија. Па така плоштадот и главниот булевар, кои го носеа името „Маршал Тито“, беа заменети во плоштад и булевар „Илирија“, улицата ЈНА го доби името „Дервиш Цара“, улицата „29 ноември“ се применува во „Мехмед Паша Дерала“, и ред други имиња. Имињата на овие улици беа сменети со образложение дека потекнувале од времето на комунизмот.

За најновото преименување на улиците иницијатива дало Здружението на академици Албанци, која ја доставила до Општина Тетово во 2022 година. 

- Во Тетово имаме поширок проект за именување на сите улици, но за жал овде чекаме студија која треба да ја направи Македонскиот катастар, а која сѐ уште ја немаме. И натаму, во Тетово има многу улици, кои не се регистрирани за да се именуваат, а тоа е обврска на Општината, изјави градоначалникот Касами минатата година. 

За тоа дали ќе има ново преименување на улиците во Тетово, ќе зависи од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ кои се дел од Советот на Општина Тетово, бидејќи оваа одлука треба да се донесе со „бадентерово мнозинство“.

Сега во Тетово за дел улиците се користат двојни имиња, во локалната комуникација Општината ги користи новите имиња, додека во државната комуникација и во патните документи се користат старите називи.

Дебар - На летниот камп на Митрополијата на Катерини, Китрус и Платамонос учествуваа и членови на хорот „Митрополит Козма Пречистански" од Кичево.

- На барање на нашиот почитуван епископ Антаниски г. Партениј а со помош на нашиот долгогодишен пријател архимандритот старец Матеј Псомас, а со широко отвореното срце за сите, особено за децата, на митрополитот на Катерини, Китрус и Платамонос г. Георгиј, учествувавме на летен камп, кој се одржа од 20 до 26 месецов, рече за МИА, Филип Тинтоски од хорот „Митрополит Козма Пречистански".

На летниот камп  учествувале  45 членови на нивниот хор, кои биле на  различна возраст. 

-Она што особено восхитуваше, беше тоа како сите овие млади лица се обединети во љубовта Христова, песната, играта, џагорот, посетата на излетничките места. Исто така особена радост и духовен восхит за сите беа посетите на женскиот манастир на светиот Ефрем Сирин во близина на Катерини и новиот манастир на светиот Дионисиј од Олимп каде што ја имавме честа да се поклониме на моштите на светиот Ефрем Сирин, светата великомаченичка Екатерина и многу други, и духовно да се исполниме од подвигот на овие манастири, додаде Тинтоски.

Според него, врв на ова дружење била неделната воскресна архиерејска литургија со која чиноначалствувал митрополитот на Катерини г. Георгиј во селото Вронду каде што хорот учествувал, како што вели, на покана на митрополитот, на негова и на голема радост и на жителите од селото,  а по повод фрескоживописот на новоизградениот храм. 

-По светата литургија бевме срдечно угостени и примени од митрополитот на закуската на која учествуваа и дел од претставниците на општината и неколку пратеници. Пред сите нив беше прочитано и благодарственото писмо и врачен скромниот дар од г. Партениј за митрополитот Георгиј, којшто беше видно радосен за ваквата татковска грижа на нашиот владика. Митрополитот се заблагодари од срце и на нашиот хор му подари икона со ликот на светиот Николај Мирликискиот Чудотворец во сеќавање на овој настан, нагласи Тинтоски.

Од име на членовите на хорит,  искажува голема  благодарност до г. Партениј, до архимандритот Матеј Псомас и митрополитот г. Георгиј кои, како што вели „овозможија да ја почувствуваат оваа огромна радост". 

Скопје - Почнува  Јавниот повик за проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ кој опфаќа 90 корисници, жители на Општина Центар. Преку овој проект граѓаните корисници во сопствениот дом бесплатно добиваат помош и поддршка од страна на стручни и обучени лица. Три пати во неделата по два часа ги посетува негувател кој им помага во извршување на основните  домашните задачи и набавка на прехранбени намирници или лекови, два пати во неделата по еден час ги посетува физиотерапевт кој им дава физикална терапија односно масажа и еднаш во месецот ги посетува социјален работник, информираат од Општина Центар.

Од Општината појаснуваат дека право на апликација имаат сите лица над 62 години, кои се корисници на пензија или на социјална помош. Корисниците не треба да има повисоки примања од 35 000 денари месечно и треба да се жители на општината.

-Корисник на ова право може да биде само еден член на семејството освен ако се приложи извештај специјална медицинска состојба за која е потребно вклучување на посебна нега и третман за второ лице. Исто така корисник на овој проект не може да биде лице кое користи нега во домашни услови од друг субјект давател на иста услуга како Црвен Крст на Република Северна Македонија или друг субјект, велат од Општина Центар.

Оттаму ги повикуваат сите заинтересирани граѓани кои ги исполнуваат условите да пополнат барање во Архивата на Општина Центар и да аплицираат. Подетални информации и потребни документи заинтересираните може да прочитаат на веб-страницата на Општината.

Градоначалникот на општината Горан Герасомовски истакнува дека овој проект е незаменлив и секогаш ги добива највисоките оценки од највозрасните граѓани.

-Проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ е од непроценливо значење за пензионерите бидејќи преку овој проект им помагаме на нашите повозрасни сограѓани полесно да се справат со секојдневните домашни обврски. Дел од повозрасните граѓани се со нарушено здравје поради што имаат потреба од асистенција, дел од нив и немаат средства да си платат надворешно лице за помош па општината одлично им излегува во пресрет. Со помошта на стручните лица вклучени во овој проект на нашите баби и дедовци им овозможуваме полесна старост и обезбедуваме подобри пензионерски денови, изјавил градоначалникот Герасимовски. 

Од Општина Центар најавуваат дека ќе продолжат да работат на проекти кои се од клучно значење за граѓаните. 

Битола - Градоначалникопт на Општина Битола, Тони Коњановски го посети реновираното средно економско училиште „Јане Сандански“.

За време на увидот во училиштето, Коњановски беше информиран за комплетното надворешно реновирање и внатрешно уредување на училници и канцеларии во кои сега има нов и модерен мебел.

Во новоопремените училници има нови столчиња, клупи, табли, венецијан ролетни и подиуми за катедри, а модерно се опремени и канцелариите во училиштето каде има нов ламинат, конгрес столици, фотељи, како и модерни венецијан ролетни. Извршена е и санацаија на училишните ходници, соопштија од Општина Битола.

Остани поврзан