• среда, 28 август 2024
МИА Општински пул

27 август 2024 

Скопје - ЈСП Скопје известува дека по повод верскиот празник Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица), утре автобусите ќе возат по неделен возен ред. 

Исклучок ќе бидат линиите: 11, 11а, 18а, 32, 47а, 51, 55, 55в, 56, 56а, 70, 74, 81, 118, 160, 164 и 180, кои ќе работат по саботен возен ред.

На ден 28 август, дежурни ќе бидат билетарниците и центрите за персонализација на: Транспортен центар, Ѓорче Петров и Зелен пазар.

Штип - Почна асфалтирањето на неколку пристапни улици во штипската приградска населба Стар Караорман, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Станува збор за улици кои во изминатите 50 години не биле асфалтирани, а граѓаните оделе по кал. Инвестицијата од 1,5 милиони денари се реализира од буџетот на Општина Штип.

- Свесен сум и сум сигурен дека оваа информација, којашто денеска ја споделуваме ќе ги мотивира нашите сограѓани, коишто имаат ваков или сличен проблем, да го предочат кон нас, за да бидат ставени во Програмата за уредување на градежно земјиште. Затоа ги мотивирам нашите сограѓани да ги презентираат проблемите со коишто се соочуваат и во рамките на нашите расположиви ресусри, во рамки на нашите можности ќе ги реализираме во наредните месеци, вели Јорданов.

Скопје - Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, денес му додели признание и парична награда на Сердар Цветков од средното училиште на град Скопје „Михајло Пупин“, кој го освои првото место во Европа и петтото место во светот на глобалниот MOS натпревар кој традиционално секоја година се одржува во Калифорнија, САД. Овој успех е уште една потврда за талентот на нашите средношколци и на квалитетот на наставниот кадар кој вложува за подигнување на дигиталната писменост кај младите во Скопје.

Во конкуренција од над 130 натпреварувачи од повеќе од 80 земји на најголемиот глобален натпревар за дигитална писменост, нашите млади таленти покажаа дека Македонија има со што да се гордее. Учеството на македонскиот тим беше овозможено благодарение на Семос едукација, со поддршка од Град Скопје и ЦертАдриа. Горди сме што имавме можност да ги поддржиме нашите млади таленти на нивниот пат и активностите со кои обезбедија одлични резултати и светски успеси.

Делчево - Јавната локална библиотека „Илинден" од Делчево денеска ги прогласи најдобрите читатели за летото 2024. За најдобрите читатели, установата додели соодветни награди. Директорката на установата Билјана Петровска потенцираше дека станува збор за читатели со најмногу прочитани книги. 

- И ова лето, традиционално ЈЛБ„Илинден“ Делчево, избира читател на летото 2024. Заслужено, епитетот читател на летото го понесоа Симона Панчовски, Стефанија Стојчевска и Моника Анакиева. Овие три дами, ова лето најмногу ја посетуваа библиотеката и прочитаа најмногу книги.
Честитки до нив. Посакуваме и понатаму да бидат наши редовни читатели, рече Петровска.

Македонска Каменица - Рудникот САСА и оваа година со низа активности и донации го одбележува 28. Август, Денот на македонските рудари, како и двојниот празник на Македонска Каменица. Традиционално, секоја година, САСА ги наградува сите свои над 770 вработени со парични награди и пригодни подароци.

Оваа година посебно признание му беше доделено на Александар Стоимиров, кој е прогласен за најдобар рудар за 2024 година. Тој и уште 121 негови колеги, кои дале особен придонес за остварување на безбедно и стабилно производство во САСА, добија и дополнителни парични награди и признанија.

Велес - Во шумски пожар кај село Степанци, во кој гори мешана шума од саботата, од утрово освен од земја во негово гаснење е вклучен и „ер-трактор“ на Центарот за управување со кризи. Во негово гаснење, освен вработени од Шумското стопанство „Бабуна“ кои на терен се од саботата, вклучени се и припадници на Армијата, од МВР, СВР Велес, вработени во Општина Чашка и месното население.

Од Регионачниот Центар за управување со кризи информираат дека засега нема опасност по куќите во село Степанци. Во гаснење на пожарот вчера на помош биле повикани и пожарникари од ТППЕ Велес кои на терен отишле со едно возило и четворица пожарникари.

 

 

Остани поврзан