• среда, 28 август 2024
МИА Радио флеш

27 август 2024

Скопје - Mинистерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска и утре ќе престојува во работна посета на Република Хрватска, на покана на министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман.

Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во рамки на посетата Муцунски ќе има одвоена средба со својот домаќин, министерот Радман. Муцунски ќе  биде и гостин на посебна сесија на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на  Хрватска во странство, каде ќе се обрати на тема „Европската Унија по новиот изборен циклус, Европа-локално и глобално и состојби во ЈИЕ: Од македонско гледиште“.

Во фокусот на разговорите на двајцата министри ќе биде процесот на ЕУ интеграцијата, како и предизвиците на патот кон целосно интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

Министрите Муцунски и Радман ќе разговараат и за можностите за натамошно интензивирање и унапредување на одличните односи меѓу Северна Македонија и Хрватска и продлабочување на билатералната соработка во сите области од заемен интерес.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден имаше вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои, два се сѐ уште активни, а уште толку се под контрола, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

- На планината Мукос, место викано „Котева круша“, во атар на село Оморани, огнот е изгаснат од дожд, додека, активен е кон селото Степанци и место викано „Кадиица“ на границата помеѓу општините Чашка и Долнени, каде гори мешана шума, се појаснува во соопштението.

Вториот активен пожар е на територија на општина Студеничани, над селото Црвена Вода, место викано „Крста“. Горат ниска вегетација и нискостеблеста шума.

Под контрола е пожарот во општина Кичево, кај селото Цер, каде гори веќе на изгорениот дел, но нема опасност од проширување.

Скопје - Народна банка информира дека продолжува растот на зелените кредити во портфолијата на банките и во вториот квартал од 2024 година. „Зелените кредити“ се заеми наменети за проекти кои поддржуваат одржливи, еколошки цели или цели кои придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестиции во нова еколошка технологија.

Според податоците на Народната банка, во вториот квартал од 2024 година растот на „зелените кредити“ изнесува 2,6 милијарди денари или 2,8 отсто, додека на годишна основа, како што се наведува, растот на овие кредити забави и изнесува 14,9 отсто. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, „зелените кредити“ се зголемени за 2,8 пати.

На крајот од второто тримесечје од 2024 година, според податоците на Народната банка, состојбата на „зелените кредити“ во билансите на банките изнесува 20.423 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со второто тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.407 милион денари, додека на домаќинствата изнесува 1.016 милиони денари.

Скопје - Вкупно 21 мобилен телефон „Ајфон 15 Про“ со проценета вредност од еден милион денари се запленети на Меѓународниот аеродром Скопје по детална контрола на стока декларирана за увозно царинење. Непријавените мобилни телефони биле откриени при детална физичка контрола на пратка од Дубаи која била наменета за фирма од Скопје.

Како што соопштија од Царинската управа, дополнително уште 11 мобилни телефони „Ајфон 15 Про“ во вредност од 799 илјади денари и еден таблет се запленети на патнички промет, откако патник кој патувал од Истанбул не ги пријавил на влез во државата. Истиот е селектиран за ренген контрола при што во дел од куферите помеѓу облеката се откриени мобилните телефони и таблетот.    

На Меѓународен Аеродром Скопје на стоково царинење, декларирани за увоз, привремено се задржани 883 блутут слушалки и 1.048 задни капаци за мобилни телефони со лого на „Ејпл“ за коишто во моментов е отпочната постапка за повреда на право на интелектуална сопственост.

Скопје – За еден сантиметар е намален водостојот на Охридското Езеро, а нивоата на другите две природни езера во земјава се исти како вчера, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Со тоа, водостојот на Охридското Езеро е за 15 сантиметри понизок од повеќегодишниот просек за месец август. Пониски од просечните се и нивоата на Преспанското и на Дојранското Езеро. Водостојот на Дојранското Езеро е 48 сантиметри под договорениот минимум, а нивото на Преспанско Езеро е 11 сантиметри под апсолутно појавениот регистриран минимум.

Водостојот, пак, на повеќето од реките во земјава е повисок од просечниот. Во споредба со вчера најголем раст на нивото од 32 сантиметри има реката Вардар на мерното место кај Јегуновце, а најголем пад од 28 сантиметри повторно има Вардар, но на мерното место кај Велес. 

Москва- Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска пристигна во Русија за да ја обиколи нуклеарната централа во Курск, соопшти руската нуклеарна агенција Росатом. 

Гроси треба да направи увид во ситуацијата во електраната и да ги процени потенцијалните ризици во екот на украинската офанзива.

Росатом претходно соопшти дека нападот на украинските сили, започнат на 6 август, ги става во опасност нуклеарните централи во руската област во близина на границата.

Париз - Извршниот директор на социјалната мрежа Телеграм, Павел Дуров, ќе остане во притвор дополнителни 48 часа како дел од истрагата за кибер криминал, соопшти денеска обвинителството во Париз, откако синоќа беше одлучено да му се продолжи притворот, пренесуваат британските медиуми.

Дуров беше уапсен во саботата вечер. 

Истрагата против него вклучува кривични дела поврзани со наводни нелегални плаќања, детска порнографија и измама со апликацијата, како и одбивање да се дадат информации на властите.с

Москва – САД стојат зад апсењето во Франција на основачот и извршен директор на комуникациската платформа Телеграм, Павел Дуров, изјави денеска претседателот на руската државна дума Вјачеслав Володин.

Дуров, кој е роден во Русија и има двојно државјанство, беше уапсен во Франција за време на викендот како дел од истрагата за злосторства поврзани со детска порнографија, трговија со дрога и нелегални трансакции на Телеграм.

- САД, со посредство на Франција, се обидуваат да извршат контрола врз Телеграм, рече Володин, без да обезбеди докази за неговите тврдења.

- Телеграм е една од ретките, а во исто време и најголемите интернет платформи кои не се контролирани од САД … Во пресрет на американските претседателски избори, важно е (претседателот Џо) Бајден да воспостави контрола врз Телеграм, се вели во соопштението на Володин.

Париз - Француските социјалисти и зелени одлучија да не ги продолжат преговорите со претседателот Емануел Макрон за формирање нова влада во Франција и наместо тоа ги повикаа своите поддржувачи на мирни протести.

-Нема да ги продолжиме овие лажни консултации со претседател кој и онака не слуша и е опседнат со контролата. Тој не бара решение, туку се обидува да опструира, рече претседателката на партијата на Зелените, Марин Тонделиер. Јавија британските медиуми.

Претседателот на Социјалистичката партија, Оливие Фор, изјави дека нема да се вклучи во преговорите, кои ги нарече „пародија на демократијата“.

Иако коалицијата Нов народен фронт (ННФ), која ги вклучува социјалистите, зелените и неосвоена Франција (ЛФИ), освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори одржани во јули, нивните обиди да формираат влада пропаднаа поради внатрешните борби и противењето на другите партии, соопшти агенцијата.

Софија – Бугарскиот претседател Румен Радев денеска ги закажа вонредните парламентарни избори за 27 октомври, седми во последните три години и потпиша указ за именување на нова преодна влада предложена од Димитар Главчев кој е номиниран за привремен премиер.

Се очекува членовите на новата влада веднаш да положат заклетва пред претседателот на Народното собрание, јавува Радио Бугарија.

Новата преодна влада има еден вицепремиер, министерката за финансии Људмила Петкова. Разликата меѓу новата и старата привремена влада на Димитар Главчев е разрешувањето на министерот за внатрешни работи Калин Стојанов, чие место ќе го заземе актуелниот шеф на Националната полиција Атанас Илков, јави Радио Бугарија.

Остани поврзан