• вторник, 27 август 2024
МИА Радио флеш

26 август 2024 

-Министерот за здравство Арбен Таравари смета дека ќе биде неуспешна интерпелацијата за работата на претседателот на Собранието Африм Гаши, поднесена од политичката партија Левица, но вели дека сепак ќе биде можност за опозицијата да прави спектакл. -По тоа што слушам не верувам дека ќе помине. Поголемите партии коишто се коалициски, тие што се во Владата, во мнозинството нема да ја изгласаат. Ќе биде неуспешна, меѓутоа ќе има шанса за спектакл од тие што се во опозиција, рече Таравари во одговор на новинарско прашање по увидот во градежните работи на првиот социјален клуб за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар во Ѓорче Петров заедно со бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов и градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски.

-Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ја посети специјализираната болница за нефрологија во Струга, каде во тек е реконструкција и подобрување на условите за третман на пациентите во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2“, преку Програмата „Инвестициски проект со дигитална компонента од Грантовата шема“. Досега, што соопшти ресорното министерство, набавен е систем за централно снабдување со кислород за три сали за хемодијализа и интензивна нега, набавен, инсталиран и ставен е во функција систем за реверзибилна осмоза, а поставени се и соларни панели на покривот на објектот.

- Бугарскиот амбасадор во земјавата Ангел Ангелов, чиј мандат завршува во петок, денеска изјави дека се надева оти Бугарија по изборите на 27 октомври ќе добие нова влада и дека потоа ќе може да се почне интензивен дијалог меѓу двете земји. Не преговори, вели тој, затоа што преговори не може да има за нешто што е договорено и мора да почне да се исполнува. - Мене во петок ми завршува мандатот. Веќе бев кај министерот Муцунски за да си кажеме довидување.  Ние сега имаме избори. Изборите ќе бидат на 27 октомври и се надеваме дека ќе добиеме влада со која што ќе можеме да влеземе во интензивен дијалог. Се разбира не преговори, затоа што преговори не може да има за нешто кое што е договорено. Тоа што е договорено мора да почне и да се исполнува. Ние географијата нема да ја менуваме и ќе останеме соседи. Ние треба да имаме интензивна комуникацијата, вклучувајќи ја и историската мисија, изјави Ангелов.

-Државава ќе добие прв социјален клуб за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар до крајот на годината. Како што беше истакнато на денешниот настан, се очекува тој да биде готов кон крајот на октомври или почетокот на ноември. На увидот во градежните работи присуствуваа министерот за здравство Арбен Таравари, бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, како и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски. Министерот за здравство Таравари кажа дека станува збор за површина од 480 метри квадратни, претставува помош на бугарската Амбасада и градоначалникот Стојкоски, кој ја донирал старата општинска зграда.

-ВМРО-ДПМНЕ тврди дека поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска со патниот налог до сметкводство во Министерството за култура ги доставила и сметките кои ги покрила со народни пари, од оти од нив може да се види дека со буџетски пари плаќала чорапи, хулахопки, куфери, мечиња. Во прилог на тврдењата Миле Лефков, пратеник, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција приложи и сметки кои, како што рече, таа ги доставила во институцијата со која раководела.

-Барањата за зголемување на платите потекнуваат од работниците, а не од СДСМ и премиерот треба тоа добро го знае и освен тоа што треба добро го знае треба да знае како да испланира за да ги зголеми платите на работниците, а не да продолжи со политика од едно минато време, минато владеење на ВМРО ДПМНЕ, кога Северна Македонија беше рај за ефтина работна сила, изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Според лидерот на СДСМ, граѓаните и работниците виделе што значи кога една влада, Валадата на СДСМ, вистински се грижи за нив.

-Институтот за духовно наследство на Албанците – Скопје денеска го организираше четвртото издание на традиционалната културно-научна манифестација „Светлината на Гонџе“, која се совпаѓа со 114-годишнината од раѓањето и 27-годишнината од смртта на Мајка Тереза. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Мајка Тереза е нишката која ги поврзува сите кои живееле на овие простори и посочи да го следиме нејзиниот пример на хуманост и добрина.

- Бензините од ноќеска на полноќ поевтинуваат за половина денар по литар, а цената на дизел горивата останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,74 отсто. Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 77 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе се продава за 79, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 69,5, а Екстра лесното масло за горење  (ЕЛ-1) за 69 денари за литар.

- Како „глас на доверба“ за централна Македонија, Македонија и северна Грција, префектот на грчката област централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас, го карактеризирал изборот на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис токму тој да биде кандидат за еврокомесар од Грција, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина. За време на денешниот регионален совет на периферијата, Ѕиѕикостас се задржал на одлуката на Мицотакис да го номинира за грчки комесар во Европската Комисија. - Мојот избор од страна на грчката влада и од премиерот за позицијата и улогата на грчкиот комесар во Европската унија несомнено е признание за важноста на северна Грција, на нејзината стратешка важност и нејзината тежина, за перспективите што ги има“, истакнал Ѕиѕикостас, објави АНА-МПА. 

-Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска најави дека ќе ја зајакне контролата на носењето смртоносно оружје, три дена откако исламистички терорист уби три лица со нож во западниот град Солинген, јави Хина. -Тоа е неопходно и тоа ќе се случи многу брзо, рече Шолц при посетата на овој град. Германскиот канцелар смета дека Бундестагот (германски Парламент) брзо ќе го одобри нацрт законот. Нападот во петокот се случи на плоштадот во центарот на Солинген, за време на фестивалот на различностите организиран по повод 650-тиот роденден на градот.

-Русија ќе мора да одговори на упадот на Украина во западниот регион Курск, а идејата за прекин на огнот со Киев повеќе не е релевантна, соопшти денеска Кремљ, пренесе Хина. Илјадници украински војници на 6 август ја пробија руската граница во ненадеен напад за кој рускиот претседател Владимир Путин рече дека има за цел да ја подобри преговарачката позиција на Киев пред можните разговори и да го забави напредувањето на руските сили долж линијата на фронтот. -Ваквите непријателски дејствија не можат да поминат без соодветен одговор, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.  „Одговор сигурно ќе има“, додаде тој.

-Сирискиот претседател Башар Асад изрази скептицизам во врска со досегашните напори за нормализирање на односите меѓу Турција и Сирија, велејќи дека и покрај посредништвото на некои земји, овие обиди не доведоа до значителни резултати, јави турскиот сајт Хаберлер. Во говорот пред парламентот, Асад рече и дека турските војници треба да се повлечат од Сирија. Осврнувајќи се на обидите на Русија, Иран и Ирак да обезбедат помирување меѓу двата соседа, сирискиот претседател рече дека „и покрај сериозноста и искрената желба на посредниците, иницијативите не постигнаа никакви значајни резултати“.

- Во Тонга денеска почна Самитот на Форумот на Пацифичките Острови (ПИФ). Форумот обединува 18 земји и придружни територии, вклучувајќи ги и Нова Каледонија и Француска Полинезија. На отворањето генералниот секретар на ПИФ, Барон Вака посочи дека Самитот се одржува во „клучен момент“ за регионот, кој се соочува со зголемување на нивото на океаните, кинеско-американско ривалство и насилство во францускиот архипелаг Нова Каледонија. - Се здружуваме во клучен момент во историјата на нашиот регион. Ние сме на првите линии на борбата против климатските промени. На многу нејзини членови денес им се заканува целосно уништување поради зголемувањето на нивото на океаните поради глобалното затоплување. Земја како Тувалу, каде што највисоката точка е 4,6 метри надморска височина, би можела да исчезне под океанот во рок од триесет години, истакна Вака.

 

 

Остани поврзан