• понеделник, 26 август 2024
МИА Радио флеш

26 август 2024

Атина – Во сообраќајна несреќа што вчера попладне се случила во близина на Килкис (Кукуш) во северниот дел на Грција, при судир на два автомобила животот го загубил 55-годишен државјанин на Северна Македонија, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, автомобилот со кој управувал 55-годишниот директно се судрил со друг автомобил управуван од 44-годишна жена.

На местото на несреќата пристигнале и пожарникари, кои интервенирале за да го извлечат возачот, кој бил пренесен во болница во Солун, каде што била констатирана смрт.

Во вториот автомобил заедно со 44-годишната, се превезувале и 38-годишен маж и две тригодишни девојчиња, а сите биле пренесени во болница

Скопје - Во текот на вчерашниот ден имало вкупно 20 пожари на отворен простор, од кои активни се два, под контрола се три, а изгаснати се 15, соопшти утрово ЦУК .

Активен пожар има во Општина Чашка кај место викано Котева Круша атар на с.Оморани, префрлен од планина Мукос каде што гори мешана шума. 

Мешана шума е зафатена и од пожарот во Општина Македонски Брод, кај резервоарите на селскито водовод во Грешница.

Под контрола се пожарите на Плакенска планина над с.Вирово во Општина Демир Хисар, меѓу кичевските села Цер и Старец, и на Галичица кај Зли Дол, с.Стење и с.Лескоец.

Скопје- Во организација на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците (ИКДНА) денеска во Скопје ќе се одржи четвртото издание на традиционалната културно-научна манифестација „Светлината на Гонџе“. 

Отворањето на манифестацијата ќе биде на централниот плоштад во Скопје во 10 часот, а ќе биде промовирано и истоимено списание. 

Четвртото издание на манифестацијата се совпаѓа со 114-годишнината од раѓањето и 27-годишнинатата од раѓањето на Мајка Тереза.

Скопје - Во Културно информативен центар вечер ќе се одржи класичен концерт по повод 114-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза.

На настанот е најавено обраќање на првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

Скопје- Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. 
 
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. 

Скопје- Синоптичарите за денеска најавуваат сончево и топло време со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Попладне и кон крајот на денот ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи, претежно во јужните делови. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени, со УВ индекс 7.

Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 36 степени.

Во попладневните и вечерните часови, претежно во планинските подрачја ќе има појава на краткотраен пороен дожд и грмежи. Повеќе услови за нестабилност ќе има од четврток кога на повеќе места ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе биде во постепено опаѓање.

Дубаи – Компанијата Телеграм синоќа соопшти дека нејзиниот основач и извршен директор Павел Дуров, кој беше уапсен во Париз, „нема што да крие“.

- Апликацијата Телеграм е во согласност со европските закони, вклучително и Регулативата за дигитални услуги, нејзиното модерирање е индустриски стандард, соопшти компанијата со седиште во Дубаи.

- Дуров нема што да крие и често патува во Европа. Апсурдно е да се каже дека социјалната платформа или нејзиниот основач е одговорен за какви било злоупотреби, додава Телеграм.

Дуров, кој има двојно државјанство, беше приведен на аеродромот во Париз Ле Бурже во саботата под обвинение дека не презел акција за спречување на криминалната употреба на неговата платформа.

Белград - Рано утринава на подрачјето на Белград, српската Агенција за безбедност и информирање (БИА), во соработка со други надлежни државни органи, спровела контраразузнавачка акција за апсење на хрватски шпион, пишуваат белградски „Новости“.

Според сознанијата на белградскиот медиум, акцијата е резултат на повеќемесечна оперативна работа на БИА и продолжување на сузбивањето на шпионажата и деструктивно-субверзивните активности на хрватската разузнавачка и безбедносна служба СОА.

Инаку, вчера во медиумите во Србија беше лиферувана информација дека лицето (Д.Р.) од Белград, со српските власти потпишал спогодба за признавање вина за сторено дело шпионажа, откако бил фатен дека е ангажиран од Разузнавачката служба (ОС) на Албанија, како и од Агенцијата за разузнавање на Косово, по чии налози собирал информации од безбедносна важност, со што ја помагал работата на овие служби, и создавал нивна разузнавачка мрежа на територијата на Србија

Киев – Околу десетина дронови се уништени додека се приближувале до градот во регионот околу Киев, соопшти на Телеграм Серхиј Попко, шеф на воената администрација на Киев.

Тој додаде дека оценката за јачината на нападот ќе биде позната подоцна денеска.

Поголемиот дел од централна и источна Украина околу 2:30 часот беше под предупредување за воздушен напад.

Во исто време, остатоци од уништени беспилотни летала лансирани од Украина насочени кон руската област Саратов оштетиле неколку куќи во градовите Саратов и Енгелс, соопшти денеска гувернерот на регионот кој се наоѓа неколку стотици километри југоисточно од Москва.

Вашингтон - Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните избори, Доналд Трамп, оцени дека администрацијата на претседателот Џо Бајден, а особено кандидатката на демократите, Камала Харис, ја водат Америка кон Трета светска војна.

„Кој преговара за нас на Блискиот Исток? Бомби паѓаат насекаде. Заспаниот Џо (Бајден) спие на плажа во Калифорнија, прогонет од демократите, а неговата пријателка Камала (Харис) е на турнеја со автобус со Тампон Тим (потпоретседателскиот демократски кандидат Тим ​​Волц), нејзиниот навистина лош избор за потпретседател. Ајде да не се случи Трета светска војна, затоа што во тој правец одиме“, напиша Трамп на мрежата Х.

Изјавата на Трамп доаѓа во време на ескалација на Блискиот Исток.

Израел вчера изврши серија воздушни напади врз цели на Хезболах во јужен Либан, сооштувајќи дека нападите се превентивен потег за да се спречи Хезболах да лансира ракети и проектили кон централен Израел.

Каиро - Засега има минимални изгледи за успех на преговорите што се водат со поддршка на САД за да се стави крај на повеќемесечната војна во Појасот Газа.

Повеќемесечните преговори не успеаја да донесат договор за прекин на разорната воена кампања на Израел врз Газа или за ослободување на преостанатите заложници заробени од Хамас во нападот на милитантната група врз Израел на 7 октомври.

На прес-конференција во канадскиот град Халифакс, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан рече дека Вашингтон сè уште „трескавично“ работи во Каиро со египетските и катарските посредници, како и со Израелците, за да се постигне договор за прекин на огнот и заложници.

Клучните спорни точки во актуелните разговори со посредство на САД, Египет и Катар го вклучуваат присуството на Израел во таканаречениот коридор „Филаделфија“, тесен дел од 14,5 километри копно долж јужната граница на Газа со Египет.

Сао Паоло – Големи пожари го опустошуваат југоисточниот дел на Бразил, поради што владата на државата Сао Паоло прогласи вонредна состојба во 45 општини, јави ДПА.

Според властите, повеќе од 15.000 пожарникари, поддржани од воени авиони, се борат со пламените јазици. Властите соопштија дека две лица се уапсени поради подметнување пожар.

Градот Рибеирао Прето, кој се наоѓа на околу 300 километри северно од Сао Паоло, е значително зафатен од пожарите. Локалните медиуми јавија дека густ чад се проширил на големи делови од регионот.

Податоците од Националниот институт за вселенски истражувања на Бразил, кој користи сателитски снимки, покажуваат дека во периодот од 1 до 23 август, во државата Сао Паоло биле регистрирани 3.175 пожари.

Исламабад – Новите закони на талибанците за порок и доблест, кои вклучуваат забрана за женски гласови и голи лица во јавноста, даваат „потресна визија“ за иднината на Авганистан, изјави Роза Отунбаева, шефица на мисијата на ОН во земјата.

Отунбаева рече дека законите ги прошируваат и онака веќе неподносливите ограничувања на правата на жените и девојчињата, при што дури и звукот на женскиот глас надвор од домот очигледно се смета за повреда на јавниот морал.

Талибанските власти во Авганистан минатата среда го издадоа првиот сет на закони „за спречување на порокот и промовирање доблест“, кој вклучува барање од жените да го кријат своето лице, тело и глас кога се надвор од домот.

Законите му даваат овластување на Министерството за порок и доблест да го регулира личното однесување и да изрекува казни како што се опомени или апсења доколку неговите вработени утврдат дека некој ги прекршил законите. Мисијата на ОН соопшти дека го проучува новиот закон и неговите импликации за Авганистанците, како и неговото потенцијално влијание врз ОН и хуманитарната помош.

Лондон – Рајан Еванс, член на екипа агенцијата Ројтерс, која известуваше за војната во Украина, загина, а двајца негови колеги-новинари се повредени во напад врз хотел во источниот украински град Краматорск, соопшти агенцијата.

Еванс (38), кој работел како советник за безбедност во агенцијата, бил убиен во саботата кога проектил го погодил хотелот Сафир, каде што престојувала шестчлената екипа на Ројтерс, соопшти агенцијата.

Двајцата повредени новинари се пренесени во болница, а еден од нив е тешко повреден.

Еванс, поранешен британски војник, за Ројтерс работел од 2022 година како советник за безбедност. Останатите тројца членови на тимот на Ројтерс, кои биле во хотелот во моментот на нападот, се безбедни.

Рејкјавик – Две лица се повредени, а уште две се водат како исчезнати откако вчера се урна ледена пештера во југоисточниот дел на Исланд, јави ДПА.

Група од 25 туристи била во посета на глечерот Брејдамеркурјокул како дел од тура со водич кога пештерата се урнала.

Според локалните медиуми, распоредени биле десетици спасувачи, вклучително и специјализирани спасувачи во пештери и два хеликоптери.

Портпаролката на локалните власти изјави дека условите на местото на несреќата се исклучително тешки.

Остани поврзан