• вторник, 27 август 2024
МИА Радио флеш

26 август 2024 

-Премиерот Христијан Мицкоски по повод одбележување на роденденот на Гонџа Бојаџи - Мајка Тереза ќе учествува на манифестацијата „Светлината на Гонџа". Настанот, како што информираат од Владата, ќе се одржи во спомен куќата и споменикот на Мајка Тереза на улица „Македонија“. Премиерот Мицкоски по завршување на настанот ќе даде изјава за медиумите.

-Управата за заштита на културно наследство ќе изврши увид на фактичката состојба во археолошкото наоѓалиште Градиште, с. Глишиќ во Кавадарци во врска со тврдењата дека приватна фирма поставила фотоволтаици над археолошкиот локалитет. - Во врска со соопштението дека приватна компанија поставила фотоволтаици над археолошкото наоѓалиште Градиште с. Глишиќ, Управата за заштита на културно наследство доби денеска пријава од стручни лица од Музеј-Галерија Кавадарци и ја известува јавноста дека по разгледувањето на целокупната документација во врска со предметната локација ќе изврши увид со цел увид во фактичката состојба и ќе постапи согласно своите надлежности, изјави за МИА директорката на Управата за заштита на културно наследство Весела Честоева.

-Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска нема сознанија дека апсењето на „хрватскиот шпион“ за кое денеска јавија српските медиуми „навистина се случило“. - Немаме никакви информации за споменатата тема, ниту дека навистина се случил таков настан, изјавиле претставници на хрватското МНР на прашање на Хина за тврдењата на српските медиуми. Рано утринава на подрачјето на Белград, српската Агенција за безбедност и информирање (БИА), во соработка со други надлежни државни органи, спровела контраразузнавачка акција за апсење на хрватски шпион, пишуваат белградски „Новости“.

-Во Подгорица и Будва е прогласена епидемија на сипаници(морбили), откако во текот на минатата недела беа регистрирани три нови случаи на мали сипаници, со што вкупниот број на регистрирани случаи во Црна Гора во последните пет месеци се зголеми на 19. Институтот за јавно здравје апелира до родителите да ги вакцинираат своите деца и предупредуваат дека постои опасност од ширење на епидемијата на морбили. Родителите се повикуваат да не испраќаат невакцинирани деца во установите (предучилишни установи, игротеки, јасли, спортско-рекреативни објекти, патувања, екскурзии...)

-Грчкиот танкерот „Сунион“ на компанијата „Делта тнакерс“ што минатата седмица беше нападнат во Црвеното Море сè уште гори од 23 август, соопштија утрово од ЕУ операцијата „Аспидес“ (Штитови), јави дописничката на МИА од Атина. Единицата на европската операција што транзитира низ областа информирала дека има жаришта на најмалку пет локации на главната палуба на бродот, а процените се дека се наоѓаат околу отворите на резервоарите за нафта на бродот, но и дека нема знаци за излевање на нафта. Додадоа дека бродот останува закотвен на истата точка во меѓународните води.

-Во областа Атика, следното лето, во 2025 година ќе има вкупно 950 нови автобуси, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по неговата посета на седиштето на Организацијата за градски транспорт во Атика, поширокиот регион на Атина, истакнувајќи дека веќе во наредните месеци жителите на конкретната област ќе почнат да ги забележуваат разликите во квалитетот на транспортните услуги, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис, говорејќи за државната телевизија ЕРТ утрово рече дека Владата работи на „обновување и модернизација на возниот парк на градските автобуси“, а рано утрово беа пуштени во сообраќај првите 30 нови автобуси.

Украинската енергетска компанија „Укренерго“ утринава издаде наредба за воведување вонредни рестрикции на струјата по големиот воздушен напад на руската авијација врз неколку градови и региони во Украина. Според најновите информации, во нападите загинале најмалку три лица, а петмина се повредени. Укренегро нагласи дека вработените во електроенергетскиот систем континуирано работат на обновување на напојувањето. Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко изјави дека дел од главниот град на Украина е без струја.

- Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи повтори дека неговата земја ќе одговори на убиството на политичкиот лидер на милитантната група Хамас, Исмаил Ханија, минатиот месец во Техеран. - Реакцијата на Иран на израелскиот терористички напад во Техеран е конечна и ќе биде одмерена и добро пресметана. Не се плашиме од ескалација, но не ја бараме – за разлика од Израел, напиша Арагчи на Х. Арагчи изјави дека тоа го кажал во телефонски разговор со италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.

Остани поврзан