• вторник, 27 август 2024
МИА Општински пул

26 август 2024 

Дебар - Во пресрет на големиот празник Успение на Пресвета Богородица, игуменот на Бигорски манастир,  епископ Антаниски г. Партениј, ја посети Обителта на манастирот Пречиста кај Кичево.

Нашиот почитуван Старец, вели сестра Ефимија, со длабока благодарност и со синовска љубов му ја подари на ова големо Светилиште својата омилена икона од Мајката Божја. 

Скопје - Акцијата за собирање кабаст отпад во моментов се спроведува во скопската општина Гази Баба.

-ЈП Комунална хигиена-Скопје на следните локации постави специјални садови во коишто жителите на оваа скопска општина можат да го одложат својот кабаст отпад ул. „Маџари“, спроти ресторан „Далиа“, Ченто, ул. „Лазар Поп Трајков“, кај месната заедница, Автокоманда, ул. „М.А.Ченто“, и кај месната заедница, Алија Авдовиќ, ул. „Благоја Стефковски“, кај КАМ маркет, Триангла, информираат од ова комунално претпријатие.

Велес - Шумскиот пожар кој од саботата беснее на планинаа Мукос помеѓу селата Оморани во близиина на манастирот Свети Никола и село Степанци во близина на манастирот Света Богородица во Општина Чашка, утрово освен од земја се гасне и со воздухоплови.

-Од рано утрово во гаснење е вклучен хеликоптерот на МВР МИ-171, а од 10 часот во негово гаснење се вклучи и „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, информираат за МИА од Регионалниот центар за управување со кризи Велес.

Струга - Песната „Твоја ли е градината, Алиса“ на македонскиот автор Андреј Медиќ Лазаревски ја доби наградата „Енхалон“, за најдобра песна од млад автор прочитана на „Струшките вечери на поезија“, што Фестивалот ја додели ноќеска по свеченото затворање.

Жири-комисијата во состав Митко Гогов, Иван Шопов и Игор Трпчески, во своето образложение велат дека станува збор за песна во која доминира интертекстуалната игра.

Скопје - Општина Центар во рамки на проектот „Образование за сите“ и во учебната 2024/25 година ќе ангажира 25 лични асистенти за поддршка на учениците со посебни образовни потреби и индиректно на нивните семејства.

Во таа насока, велат од Општина Центар, распишан е јавен повик  за работно ангажирање на невработени лица кои во период од девет месеци, колку што трае учебната година, ќе бидат по 4 часа со таргетираните ученици и ќе им го олеснат следењето на наставата. 

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција - Скопје од 19 август до 25 август 2024 година со помош на специјалните возила „пајак“ отстраниле 108 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

ЈП Паркинзи на Општина Центар информира дека за трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура.

Охрид - Интересна содржина во рамки на годинешното издание на Охридскиот фестивал на вода, со обидот на Јане Петков да го повтори неверојатниот подвиг на Хари Худини, да се ослободи од синџири и лисици од дното на Охридското Езеро

Атрактивната точка 70-годишниот Петков ќе ја изведе утре на пладне на Сараиште, секако под будно око на спасителите од охридскиот Црвен крст.

Гостивар - На дваесет и две години од загинувањето на полициските резервисти, Александар Николиќ и Даил Јанкоски, претпладнево во гостиварската населба Циглана се одржа комеморативен помен собир. Свештеници од гостиварското архијерејско намесништво одржаа опело за покој на душите, а присутните со минута молчење им оддадоа почит на загинатите.

Покрај роднините на загинатите на собирот беа и претставници на ОВР Гостивар, Македонскиот полициски синдикат, Здружението на бранители кои во спомен и слава на загинатите, на местото на погибијата положија цвеќе и запалија свеќи.

Кавадарци - Жителите на село Возарци добиваат спортска сала, информираше денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев на Фејсбук. 

- Во завршна фаза е изградбата на спортската сала во село Возарци, со корисна површина од 400м2 која ќе биде во склоп на подрачното општинско училиште „Страшо Пинџур“. Се работи за инвестиција на Општина Кавадарци во висина од 22.000.000 денари. Изведувач на работите е фирмата „Градба промет", соопшти градоначалникот. 

Скопје - Во текот на вчерашниот ден имало вкупно 20 пожари на отворен простор, од кои активни се два, под контрола се три, а изгаснати се 15, соопшти утрово ЦУК .

Активен пожар има во Општина Чашка кај место викано Котева Круша атар на с.Оморани, префрлен од планина Мукос каде што гори мешана шума. 

Скопје - Во организација на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците (ИКДНА) денеска во Скопје ќе се одржи четвртото издание на традиционалната културно-научна манифестација „Светлината на Гонџе“. 

Отворањето на манифестацијата ќе биде на централниот плоштад во Скопје во 10 часот, а ќе биде промовирано и истоимено списание. 

Неготино - Здружението за заштита на природата ,,Ековита" од Неготино, одржа работилница за млади од Украина, се работи за продолжување со активностите од Летната детска програма за мали научници, информираше денеска Кристина Тодорова, долгогодишен активист во ова еколошко здружение. 

- Млади истражувачи од Украина, на возраст од 12 до 17 години, кои во моментов се на одмор во Извидничкиот камп во Струга, учествуваа во работилница за одредување на шеќерот во грозјето. Младите истражувачи имаа можност да вкусат квалитетно неготинско грозје и да научат како се користи рефрактометар за мерење на нивото на шеќер во грозјето. Имавме прекрасен ден. Сите деца беа заинтересирани да се вклучат во практичната вежба. Тие беа воодушевени од новите знаења што ги стекнаа, рече Тодорова за МИА. 

Берово - Во Берово заврши 14-тото издание на Етно плоштад фестивал. Овогодишното издание на фестивалот го затвори познатата хрватска пејачка Јелена Розга, на која и претходеа настапи на младите реномирани пејачи Филип Пецовски и локалните изведувачи Иван и Ангел.

-Синоќа Берово беше епицентарот на светот, а Јелена Розга со својот спектакуларен настап во Берово, пред многубројната публиката, од најмладите до најстарите жители, создаде атмосфера за паметење, и визуелен спектар на бои, по што долго ќе ја памтиме и ќе пренесуваме позитивни вибрации, истакна градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски кој порача од овогодинешниот Етно Плоштад Фестивал оние кои престојувале во Берово да ги понесат  моментите на задоволство од присуството во еден најчистите градови во државата.

Скопје - Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје викендов подигнале 150 кубни метри отпад од повеќе обемни диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Центар, Кисела Вода и Карпош.

- Активностите се реализираа на улиците „Цветан Димов“, „Коста Абрашевиќ“, „Методија Митевски“ и „Благоја Паровиќ“, на булеварот „Македонско-косовска бригада“ во општината Чаир, улицата „Васил Чакаларов“ во општина Карпош, улицата „Димо Хаџи Димов“ во општината Кисела Вода, улицата „Даме Груев“ и булеварот „Мајка Тереза“ во општината Центар, се наведува во соопштението од „Комунална хигиена“ - Скопје.

Скопје - Полициски службеници во текот на вчерашниот ден преземаа засилени мерки и активности за безбеден град Скопје при што на повеќе од 20 локации беа легитимирани 85 лица, кај сите бил извршен и преглед, соопшти МВР.

Преглед бил извршен и на 38 моторни возила и три мотоцикли. Приведени биле четири лица по член 215 од Кривичниот законик и две лица поради недозволено поседување на  оружје.

 

Остани поврзан