• сабота, 24 август 2024
МИА Радио флеш

23 август 2024

-Амбасадорите во чија работа ќе се констатираат нерегуларности ќе бидат повлечени, изјави денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски. -Истите ќе бидат повелечени. Има такви многу. Дел од тие нерегуларности коишто се истражуваат се и нерегуларностите во Министерството за надворешни работи, постапувањето на официјалните органи кои биле дел од МНР, како и некои од амбасадорите кои, за жал, морам да кажам имаат груба злоупотреба на средства на граѓаните од Буџетот, изјави премиерот Мицкоски, кој беше во посета на Катастарот. 

Амбасадорот и постојан претставник во ОН Љубомир Фрчкоски поднесе писмена оставка до Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и до Министерството за надворешни работи.

-Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повика Јавното обвинителство да ги провери тврдењата на СДСМ дека бегството на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани на Косово е реализирано со помош на луѓе од државни институции. Тврдењата на СДСМ, според Мицкоски, се ноторна лага.- Добро е што конечно излегоа со тврдење. Го охрабрувам Јавното обвинителство уште денес да влезе, го повикувам јавниот обвинител кој е избран од СДС и ДУИ веднаш да влезе и да констатира фактичка состојба, а јас ви тврдам дека тоа што го изнесе пратеникот на СДСМ е ноторна лага, изјави Мицкоски по посетата на Агенцијата за катастар на недвижности. Мицкоски го охрабри и раководството на МВР да поднесе тужба за клевета. 

-Ќе разговараме со сите социјални партнери и секако дека ќе бараме начин да ги измотивираме наставниците на сите можни начини, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска, која по посетата на Штип одговараше на прашањето дека од Синдикатот за образование и наука (СОНК) велат дека по Закон на наставниците им следува 12 проценти  зголемување на платите, оставаат простор за дијалог до 15 септември. -Ние сме отворени за разговор и дијалог. Јас уште еднаш велам, мора реално да ја согледаме можноста, повторувам, сите вие знаете каква девастирана држава наследивме не само во образованието. Ние сега треба да го спречиме слободниот пад на државата, да ја стабилизираме, да го придвижиме кон нулата и од тука да почнеме да градиме нанапред. Со сите мои сили образложувам зошто е потребно, грчовито се борам и ќе се борам, но реалните можности се реални. Доколку изнајдеме некое решение кое не зависи само од министерот за образование и нашите желби, доколку се отвори некоја можност, се доаѓа во обѕир. Но, во овој момент јас таа можност не ја гледам, изјави Јаневска.

- Царинските службеници на граничниот премин Богородица запленија 110,2 грама златен накит и 1,7 килограми сребрен накит со вкупна вредност од 563.735 денари, откриени кај еден патник кој патувал на релација Истанбул-Гостивар. Цариснката управа соопшти дека со ова е спречен обид за избегнување увозни давачки во износ од 148.308 денари. Против лицето ќе биде поднесена кривична пријава. Случајот е откриен на граничен премин Богородица кога царинските службеници поради сомнение, извршиле контрола на автобус и на патниците кои патувале со него.

-Горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за два денара по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,12  отсто. Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 77,5 денари за литар ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 79,5, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 69,5, а  Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) за 69 денари за литар. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС не се менува и останува 46,295 денари за килограм.

-Живко Митрески, поранешен претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, денеска на прес-конференција се осврна на барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на платите тврдејќи дека актуелниот претседател на ССМ Слободан Трендафилов ја замајува јавноста. Трендафилов, пак, кој исто така присуствуваше на прес-конференцијата, рече дека ССМ е репрезентативен синдикат и дека остануваат на барањето за зголемување на платите. - Да упатам јавна критика во делот на однесувањето на г. Трендафилов и замајувањето на јавноста за зголемувањето на платите. Ние како чесни синдикалци ќе бараме зголемување на платите и ќе бараме врз основа со легитимните синдикати да направиме реален социјален дијалог со кој ќе утврдиме зголемување на платите на начин како што е утврдено во нашето законодавство, а не повикување на нешто што е спротивно на сите стандарди, рече Митрески.

-Претседателот на политичката партија Македонски концепт Петар Богојески денеска во Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава за, како што кажа, повеќе инкриминирачки дела против политичари Албанци. Богојески соопшти дека до Обвинителство и МВР се поднесени докази медиумски изјави од политичари кои припаѓаат на албанската етничка заедница и од социјалните мрежи каде што, како што рече, целосно се омаловажува Македонија, се оспорува постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик  и македонската држава. Богојески не спомена имиња на политичари против кои поднеле кривична пријава оти ОЈО процесуираат и за да не испадне, како што рече, дека тие некого осудуваат пред воопшто да се направи судска постапка.

-Република Српска никогаш немала план за сецесија, изјави денеска претседателот на Српска, Милорад Додик, и посочи дека веќе 10 години вели дека РС нема планови за отцепување, ниту некогаш имала.-Ние го поддржуваме територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина во согласност со Дејтон. Имаме право на политичка борба. РС е решена да ја брани својата политичка автономија. Ако Босна и Херцеговина не е одржлива врз основите на Дејтон, тогаш не е никако. Подобро е да се разделиме мирно и да нема никаков судир. Немам намера да им објаснам на оние што не сакаат да го разберат тоа, дека нема план за сецесија, рече Додик на прес-конференција.

- Ден по средбата со шефот на американската Централна разузнавачка агенција ЦИА, Вилијам Барнс, косовската претседателкс Вјоса Османи оцени дека сојузот со Соединетите Американски Држави (САД) е гаранција за безбедност, мир и успех на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Османи денеска на својата страница на Фејсбук објави и неколку фотографии од средбата која се одржа во четвртокот.  „Сојузот со САД, гаранција за безбедност, мир и успех! Задоволство што вчера му посакав добредојде во Република Косово на шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), амбасадорот Вилијам Барнс“, напиша Османи.

- Германската Влада планира да ги укине годишните исплати на протестантската и католичката црква, кои беа воведени на почетокот на 19 век, објавија денеска германските медиуми. „Германската влада планира во септември да донесе закон со кој се укинува годишното обештетување на црквата без зелено светло на сојузните држави“, објавија германските медиуми, повикувајќи се на извори во социјалдемократско-зелено-либералната влада на канцеларот Олаф Шолц. Во коалицискиот договор, оваа влада се обврза да ја укине годишната исплата на компензација на црквите, која е на сила од почетокот на 19 век, но некои сојузни покраини се спротивставија.

-Најновата анкета покажува дека екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) во источните германски покраини Тирингија и Саксонија има поддршка од 30 проценти и на претстојните покраински парламентарни избори може да ја преземе власта. Во Саксонија, централно-десничарските демохристијани (ЦДУ) на актуелниот државен премиер Мајкл Кречмер имаат поддршка од 33 отсто, но со маргина на грешка од три процентни поени. Лидерот на АфД во Тирингија, Бјорн Хоке е познат по контроверзните изјави и двапати беше осуден за свесно користење на забранета нацистичка парола во говорите.

-Летонија ја подготви најголемата пратка беспилотни летала - 1.400, за Украина, објави летонскиот министер за одбрана Андрис Спрудс на социјалната мрежа „Икс“. „Најголемата пратка од 1.400 дронови од латвиски производители е подготвена да биде испорачана во Украина. Со ова се заокружува нарачката на Министерството за одбрана за повеќе од 2.700 беспилотни летала од летонската индустрија за Украина“, рече Спрудс. Тој потенцира дека Летонија и обезбедила на Украина 3.000 борбени дронови од различни модели. „Заедно со латвиските компании ќе продолжиме да даваме поддршка до победата на Украина“, нагласи министерот за одбрана.

-Русија денеска ја обвини Украина дека пред три дена се обидела да ја нападне нуклеарната централа Курск, истакнувајќи оти тоа е чин на „нуклеарен тероризам“. Во меѓувреме руските медиуми објавија дека во близина на складиштето на потрошено нуклеарно гориво било соборено беспилотно летало, по што портпаролката на руското Министерство Марија Захарова изјави дека станува збор за „чин на нуклеарен тероризам“ кој бара итна реакција од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Директорот на МААЕ, Рафаел Гроси следната недела ќе ја посети нуклеарната централа во Курск. Тој упати апел за максимална воздржаност со цел да се избегне нуклеарен инцидент.

-Новиот холандски министерски тим е принуден да ги чува телефоните и паметните часовници во трезорот кога ќе се состанат да разговараат за државните работи, изјави денеска холандскиот премиер и поранешен шпион Дик Шуф. Паметните телефони, таблетите и другите поврзани уреди, како што се паметните часовници, мора да бидат ставени во трезорот за време на официјалните состаноци, вклучително и неделниот Совет на министри. Заканата од шпионажа отсекогаш постоела. Електронски уреди, паметни телефони, iPad... сите тие се микрофони. Странските сили се заинтересирани да дознаат повеќе за холандските работи „и вие сакате да го спречите тоа“, изјави Шуф за јавниот радиодифузен сервис НОС.

-Новиот министер за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, повика на дијалог со Европската унија за да се „решат прашањата“ меѓу нив,  јавија светските агенции, повикувајќи се на изјава објавена по телефонски разговор доцна синоќа со шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел. „Исламската Република Иран го поздравува развојот на односите со Европската унија заснован на взаемно почитување“, рече Арагчи. Изјавата доаѓа нешто повеќе од еден месец по изборот на новиот претседател на Иран, реформистот Масуд Пезешкијан, кој рече дека е подготвен да започне „конструктивен дијалог“ со европските земји, но ги критикуваше дека не ги исполнуваат своите обврски за нуклеарната програма на Техеран.

-Израелската делегација, предводена од шефовите на Мосад, Дејвид Барнеа и на Шин Бет Ронен Бар, се врати од Каиро по доставувањето на обновениот предлог за присуство на израелските воени единици во коридорот Филаделфија и од палестинската страна на граничниот премин Рафа помеѓу Египет и Појасот Газа, објави „Ерусалим пост“. Палестинското движење Хамас предлогот ќе го добие утре. Според неименувани извори, преговорите во Каиро биле продуктивни и е постигнато приближување на ставовите. Тие изразија надеж дека на претстојните разговори в недела ќе биде постигнат напредок.

-Епидемија на колера има во Судан втора година по ред, а минатиот месец од неа починаа 28 лица, а регистрирани се 658 случаи на зарази, соопштија денеска властите. Обилните дождови што паднаа во областите преполни со жители кои избегаа од граѓанската војна во земјата придонесуваат за тешката ситуација, пренесуваат светските агенции. Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) за Судан, Шибле Сахбани изјави дека сегашната епидемија започнала на 22 јули, а од тогаш во пет судански држави се регистрирани 658 случаи.

Рид Хофман, со-основачот на платформата за барање работа, „Линкд-Ин“, верува дека работното време, на кое се навикнати повеќето луѓе, наскоро ќе стане минато.

- Работното време од девет до пет часот нема да се задржи уште долго време. До 2034 година веќе нема да се работи на тој начин... Ќе има поголема флексибилност и можности, но ќе има и недостаток на сигурност на работните места, што е нешто што го сакаат речиси сите вработени, а луѓето ќе мора да работат на тоа за да се постигне одредена сигурност. Многу работни места ќе ја променат својата природа на работа, бидејќи автоматизацијата целосно ќе ги преземе работните места или ќе го промени начинот на којшто луѓето ги извршуваат тие работи, објасни тој.

Остани поврзан