• сабота, 24 август 2024
МИА Флеш

23 август 2024 

- Студентите годинава ќе имаат повеќе пари за студентски оброк. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска при денешната посета на Општина Штип најави дека планирано е зголемување на студентскиот оброк, но засега не може да каже за колку ќе биде зголемен, бидејќи какошто вели се зависи од буџетските средства кои ќе им бидат дадени на располагање.

-Што се однесува до студентскиот стандард студентите не треба да имаат дилема дека Министерството ќе биде постојан нивен соработник, партнер и поддржувач, всушност ќе биде најголем нивен поддржувач, па оттука еве им испраќам порака дека – да, размислуваме за покачување на студентскиот оброк. Влеговме во проект на реновирање на студентските домови за тие да имаат подобри услови за живот и учење и факт е дека капацитетите се малку намалени, но се обидуваме тоа да го решиме со тоа што ќе ги пренасочиме дел од студентите кон употребливите ученички домови и ќе се погрижиме максимален број на студенти да добијат легла за да можат нормално да живеат во градовите каде што ќе студираат, вели Јаневска.

- Државата има потреба од доктори по ветеринарна медицина (ФВМС), порачуваат од Факултетот за ветеринарна медицина каде започнува првиот уписен рок за упис на студенти.

Професијата доктор по ветеринарна медицина, како што велат од ФВМС, е престижна, регулирана и високо ценета професија во целиот свет, а државата има потреба од млади луѓе кои по завршувањето на студиите ќе можат да ги применат стекнатите знаења и вештини, преку отворање на свои приватни пракси (ветеринарни амбуланти/клиники), да работат во сите сектори на прехранбената индустрија, веледрогерии, државна администрација, Агенција за храна и ветеринарство, инспекција, млечна и месна индустрија, како и многу други можности, кои ги нуди оваа професија.

 - Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имало вкупно 10 пожари на отворен простор, од кои под контрола е ставен еден пожар, а изгаснати се девет, информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Под контрола е ставен пожарот во Општина Демир Хисар, кај Плакенска планина, над село Вирово. Со пожарот, како што наведува ЦУК, беше зафатена ниска вегетација и сува трева.

– Струмица ќе биде прв град на Балканот со електрифициран јавен градски превоз во корелација со Европскиот зелен договор, најави денеска струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов при преземањето на клучевите од десетте електрични автобуси во кругот на Аутомакедонија во Скопје.

Автобусите моментно се во фаза на процедурата за царинење, регистрација и осигурување и се очекува од 1 до 6 септември да бидат доставени во Струмица, а од 11 септември да бидат ставени во тест возење во траење од најмалку еден месец, период кога ќе има бесплатен јавен превоз за граѓаните, со цел да се отстранат евентуалните недостатоци.

- Министерството за економија и труд денеска објави два јавни повика согласно Програмата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2024 година. Како што објави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, годинава за оваа Програма се обезбедени вкупно 32.500.000 денари или 530 илјади евра за субвенции за компаниите.

Компаниите од денеска може да аплицираат за две мерки и да добијат финансиска поддршка и тоа:1.Јавен повик за поддршка за зголемување на конкурентноста на деловните субјекти од преработувачка индустрија  – развој на деловниот субјект, развој на производ и развој на пазар

- Зајакнување и проширување на постојната гасоводна инфраструктура, подготовките околу претстојните енергетски проекти и состојбата во акционерските друштва во државна сопственост АД ЕСМ и АД МЕПСО, беа во фокусот на разговорите меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и претставници на Амбасадата на САД во Скопје.

На средбата, како што информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини  на која учествуваале шефот на економскиот сектор Рајан Милер и Јордан Дамчевски, виш економист во Амбасадата, биле разгледани и можностите за искористување на енергетските потенцијали на Македонија со акцент на обновливите извори на енергија.

- Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ја посети Клиниката за урологија и се сретна со новоименуваниот директор Башким Шабани.

Таравари и Шабани, како што информира Министерството за здравство, разговараа за потребата од унапредување на условите за третман и хоспитализација на пациентите на оваа клиника. Тоа, како што се наведува, ќе биде еден од приоритетите на Министерството во наредниот период.

– СДСМ и денеска побара одговорност од МВР и министерот Панче Тошковски за бегството на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани од куќен притвор, тврдејќи дека за бегството му помогнале вработени од полицијата односно тоа било овозможено со „партиско-полициска организирана шема“.

Пратеникот на СДСМ Митко Трајчулески денеска на прес-конференција соопшти дека имаат докази од „свиркачи“ дека Рамадани ја напуштил државава и заминал во Косово - на 10 август со Наим Рамука, началник на северната граница со Косово, а на 14 август, кога и избегал од земјава, бил превезен од вработен во општина Чаир по наредба на Рамука. И во двата случаја границата на Блаце ја поминале по лентата за товарен сообраќај без никаква контрола.

- Коалицијата „Вреди“ до Основното јавно обвинителство денеска поднесе кривична пријава за ширење на говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук. Кривичната пријава беше поднесена од страна на правниот претставник на Коалицијата адвокатот Абидин Абдуљи.

-Денеска поднесовме кривична пријава против лицето Петар Богојески за ширење на говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук, со тоа што тој со таков говор на омраза стори кривично дело казниво по член 319 и 398 од Кривичниот законик. Го поттикнуваме Јавното обвинителство во иднина овие кривични дела да ги гони по службена должност по допир на глас затоа што истите се јавни и се даваат и во секои медиуми, на социјалните мрежи, рече Абдуљи.

 - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе ја посети Агенцијата за катастар на недвижности во општина Гази Баба.

Како што информираат од владината прес-служба, во Агенцијата ќе бидат промовирани новите поевтини услуги на катастарот за граѓаните.

- Помошник генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика Борис Руге за време на посетата на Западен Балкан истакна дека регионот е од „стратешко значење за Алијансата“ и ја повтори „цврстата посветеност на сојузниците на НАТО за постојана безбедност“, соопшти Северноатлантската алијанса.

Руге од 16 до 22 август имаше консултации на високо ниво во Сараево, во Приштина и во Белград.- Тој укажа на продолжената долгорочна соработка помеѓу НАТО, Европска Унија и другите меѓународни организации за зајакнување на регионалната стабилност, се наведува во соопштението на НАТО.

- Сè уште не е изгаснат пожарот во руското пристаниште „Кавказ“, преку кое се снабдуваат руските сили со гориво и оружје. Претходно, украинската морнарица потврди дека во вчерашниот напад уништен е траект натоварен со цистерни со гориво. „Кавказ“ е едно од најголемите руски пристаништа на Црното Море. Неговите услуги ги користат бродовите и за комерцијален извоз и за снабдување со гориво на Крим, незаконски анектиран од Русија во 2014 година.

- Потрошувачите во еврозоната очекуваат просечната инфлација во следните три години да биде 2,4 отсто, додека во истражувањето во јуни процентот изнесуваше 2,3, се наведува во заклучокот од истражувањето на Европската централна банка (ЕЦБ) за јули.

Инфлациските очекувања за следните 12 месеци се непроменети бидејќи потрошувачите очекуваат инфлација од 2,8 отсто, исто како и во јуни.

- Комитетот за безбедност на чешкиот Сенат ја повика владата да ја истражи можната злоупотреба на православните цркви во Чешка за операции на руско влијание и препорача дерегистрација доколку бидат откриени прекршувања на законот.
 
Во образложението се наведува дека Руската православна црква во Чешка е продолжение на Московската патријаршија, тесно поврзана со руската држава и предводена од патријархот Кирил, кој беше санкциониран од чешката влада поради неговата јавна поддршка за руската војна во Украина, објави Еурактив.

- Најмалку 14 лица загинаа, 16 се повредени, а неколку се водат како исчезнати откако денеска автобус со десетици индиски аџии излетал од главниот автопат во Непал и паднал во реката Марсијангди.

Локалните власти сè уште не можат да го утврдат точниот број на исчезнати лица, како и точен број на патници во автобусот во моментот на несреќата. Се проценува дека во автобусот имало околу 40 лица. Полицијата и воените спасувачи помагаа во извлекувањето на луѓето од автобусот.

- Според податоци на Обединети нации околу 90 отсто од вкупно 2,1 милиони жители на Појасот Газа се раселени по наредбите за евакуација, кои Израел ги издаде 12 пати само во август.

Војната во Појасот Газа почна на 7 октомври кога Хамас и други радикални групи го нападнаа Израел и убија околу 1.200 луѓе, од кои поголемиот број цивили, а зедоа околу 250 заложници. Околу 110 од нив сè уште се во заробеништво, а се претпоставува дека една третина веќе починале.

Остани поврзан