• петок, 23 август 2024
МИА Радио флеш

23 август 2024 

-Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе ја посети Агенцијата за катастар на недвижности во општина Гази Баба. Како што информираат од владината прес-служба, во Агенцијата ќе бидат промовирани новите поевтини услуги на катастарот за граѓаните. По посетата и промоцијата премиерот Мицкоски ќе даде изјава за медиумите. 

-Министерството за правда информира дека стапуваат во сила Меѓународната спогодба за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба, која претставува значаен меѓународен инструмент кој на органите на државите-страни им овозможува соработка за директна административна размена на податоци и информации за проверка на изјавите за имотна состојба и интереси, како и на Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи, која го признава секому правото на пристап до официјалните документи што ги поседуваат јавните власти без дискриминација. Спогодбата и Конвенција се ратификувани во Собранието на 13 август 2024 година.

-Се интензивираат активностите за отпочнување на Проектот за автоматизација на терминалите на граничните премини и реконструкција на граничен премин Делчево со грант од ЕУ во висина од 4,2 милиони евра. Во првата фаза ќе се работи на автоматизација на терминалите и поврзување со новиот систем за видео надзор, информираат од Царинската управа (ЦУ). Ова, како што велат, вклучува целосна замена на постоечките ваги со нови дигитални ваги, како и замена на постоечките рампи со нови автоматизирани рампи. Во рамки на Царинската управа, додаваат, на највисоко ниво беа презентирани во детали функциите на системот, но и надлежностите на вработените во однос на нивната одговорност. 

-Зајакнување и проширување на постојната гасоводна инфраструктура, подготовките околу претстојните енергетски проекти и состојбата во акционерските друштва во државна сопственост АД ЕСМ и АД МЕПСО, беа во фокусот на разговорите меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и претставници на амбасадата на САД во Скопје. На средбата, како што информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини  на која учествуваале шефот на економскиот сектор Рајан Милер и Јордан Дамчевски, виш економист во Амбасадата, биле разгледани и можностите за искористување на енергетските потенцијали на Македонија со акцент на обновливите извори на енергија.

- Министерството за економија и труд денеска објави два јавни повика согласно Програмата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2024 година. Како што објави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, годинава за оваа Програма се обезбедени вкупно 32.500.000 денари или 530 илјади евра за субвенции за компаниите.Компаниите од денеска може да аплицираат за две мерки и да добијат финансиска поддршка и тоа: 1.Јавен повик за поддршка за зголемување на конкурентноста на деловните субјекти од преработувачка индустрија  – развој на деловниот субјект, развој на производ и развој на пазар 2.Јавен повик за надомест на дел трошоците за лаборатории

-Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица - 28 август (среда) е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во земјава, соопшти денеска Министерството за социјална политика, демографија и млади. Министерството за социјална политика, демографија и млади на граѓаните од православна вероисповед им го честита празникот. 

-Обединетите нации проценуваат дека населението во земјите од Западен Балкан до 2050 година ќе се намали за околу три милиони жители. Ако минатата година населението изнесуваше 16.977.000 жители до 2050 ќе се намали на 13.975.000 жители. Според процените на ОН населението во Република Северна Македонија од 1.836.000 жители ќе се намали на 1.519.000, што е пад од 17,3 отсто. Најголем пад во бројки се предвидува за Србија, која минатата година имаше 6.788.000 жители, а во 2050 година ќе има 5.554.000 односно 1,2 милиони жители помалку, што е пад за 18,2 проценти.

-Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај најави дека од 1 јануари 2025 година пензионерите во главниот град на Албанија бесплатно ќе го користат јавниот превоз. Во објава на Фејсбук Велиај додаде дека разбира оти инфлацијата и високите цени во Албанија се стрес за пензионерите, па општина Тирана ќе придонесе со тоа што од почетокот на следната година превозот на сите нејзини пензионери ќе биде бесплатно. Градоначалникот на Тирана при  проверка на линијата за јавен превоз целосно опремена со нови автобуси изјави дека автобускиот билет во Тирана има најниска цена во регионот на Западен Балкан.

-Шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Барнс, кој допатува вчера во Приштина, претпладнево е забележан на влезот од зградата на косовската влада, каде што се претпоставува дека ќе се сретне со премиерот Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина. Телевизијата Т7 објави снимка од Барнс, придружуван од американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, како влегува во владата. Средбата со Курти не е потврдена официјално. Портпаролот на Владата, Перпарим Криезиу не одговорил на прашањата на новинарите дали ќе има средба со косовскиот премиер, кој синоќа се вратил од Чикаго, каде што присуствуваше на конвенцијата на американската Демократска партија.

-Турските специјални служби приведоа 65 лица осомничени за поврзаност со терористичката група Исламска држава, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.Тој на социјалната мрежа Икс објави дека во изминатите пет дена во 17 окрузи спроведени се операциите против терористичката група ИД, при што се уапсени 65 луѓе. Операциите биле извршени во Истанбул, Анкара, Измир, Адана, Мерсин и други поголеми градови.

-Потрагата по мигрантите кои исчезнаа при превртувањето на чамец во реката Дрина продолжува и денеска, а досега се пронајдени тела на 10 лица, меѓу кои и едно деветмесечно бебе. Тие вчера се удавија во реката Дрина кај Братунац. Трагедијата се случа поради превртување чамец со кој илегално се превезувале мигранти преку граница. Преживеале 18 патници, 16 од Сирија и двајца од Египет, од кои десет се малолетни.

-Лекарите од седум земји почнаа со тестирање на првата мРНА-вакцина против рак на белите дробови на пациенти. Клиничкото испитување на луѓе во првата фаза се спроведува на 34 истражувачки места во Велика Британија, САД, Германија, Унгарија, Полска, Шпанија и Турција. Вакцината позната како „БНТ-116“ (BNT116) е произведена во лабораториите на компанијата „Бионтек“ (BioNTech), а работи на принцип на пронаоѓање на канцерогени клетки, коишто потоа ги уништува и спречува да се вратат, пишува „Гардијан“.

- Израелските безбедносни сили (ИДФ) соопштија дека погодиле ќелија на оперативците на Хезболах во јужен Либан, кои планирале да лансираат ракети кон Израел. Нападот бил извршен со беспилотно летало во Таир Харфа, јужен Либан. Утрово врз областа Маунт Мерон, каде се наоѓа израелската база за контрола на воздушниот сообраќај, беа истрелани неколку проектили од Либан.

 

Остани поврзан