• петок, 23 август 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

22 август 2024

Куманово - Зголемена е фреквенцијата на наплатната рампа Романовце, сместена на коридорот 10 во екот на туристичката сезона, соопштија денеска од Јавно претпријатие за државни патишта. Оттаму велат дека поголеми задржувања на оваа наплатна рампа и покрај големата раздвиженост летово.

- Во летниот период вообичаено е зголемена фреквенција на возила од сите категории на сите наплатни станици, а посебно на Романовце, бидејќи е на коридорот 10 и води кон туристички дестинации. Наплатната служба со сите расположливи средства и можности се труди да го намали метежот и до овој момент поголем метеж немало и нема подолги задржувања, велат од ЈПДП.

Од први јануари годинава до 31 јули годинава поминале над 3,1 милиони возила од сите категории, а лани во истиот период 2, 9 милини возила. Од 1 мај до 31 јули, просечно поминале 17.784 возила од сите категории. Постепено расте наплатат со електронски уреди, за три проценти, но, сепак граѓаните преферираат да плаќаат со готовина.

Кавадарци - Почнуваме со развој на зимски спортови во општина Кавадарци, информираше денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев на Фејсбук. 

- Од оваа зима кавадарчани ќе уживаат и во зимските спортови. Општина Кавадарци денес доби голема донација која означува почеток на развој на зимските спортови во кои ќе уживаат сите генерации. Со одлука на Совет на Општина, нашиот убав град прими донација од 231.660,00 евра, од кои 115.000,00 евра се средства донација од Комерцијална Банка и 115.000,00 евра се средства донација од Кожувчанка ДОО, напиша Јанчев. 

Тој појасни дека донацијата е во материјални добра и услуги.

- Се работи за ски лифт во должина од 370м со капацитет од 600 лица на 1 час, скијачки појас со капацитет од 800 лица, четири сезонски вртелешки, мобилна пумпа, црево со висок притисок 5броја x 20 метри мах 20 бар., филтри 4 броја, хидрант 4 броја, снежни топови 2 броја и
заштитна мрежа 20 броја, додаде градоначалникот. 

Делчево - Заврши реконструкцијата на чешмата која се наоѓа под магистралата А3 на патот Делчево – Македонска Каменица во близина на Димовско Маало во село Драмче. Активноста се реализираше на иницијатива на месната заедница во соработка со општествено-одговорна компанија од Делчево.

- Водата беше слаба, односно се чекаше многу време за да си наполнат луѓето. Имавме претходно поднесено барање да се реконструира чешмата, но не ни беше одобрено, но потоа од фирмата Брегал ни излегоа во пресрет и така успеавме да ја реконструираме, истакна Љупчо Спасевски, претседател на Месната заедница од с. Драмче.

Оваа вода, како што додава, редовно се испитува и е докажано најчиста во регионот.

Охрид – Од утре до 31 август Охрид  ќе пулсира во знакот на спортовите на вода, преку настаните и содржините на второто издание на големата промотивно-спортска манифестација „Ohrid Water Festival“.

Целта на фестивалот на вода е популаризација на водените спортови на Охридското Езеро и промоција на уникатните потенцијали со кои располага Охрид како најголем туристички центар во земјава.

Како што посочи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, концептот штој беше успешно реализиран минатото лето прераснува во една платформа за промоција на природната убавина на градот и езерото и спортска традиција што ги отвора вратите кон нови спортски авантури.

- Сите напори и целиот труд околу подготовка на програмата ја потврдуваат заедничката посветеност и ја покажуваат големата љубов кон водените спортови. Нашето езеро, со своите кристално чисти води и уникатни пејзажи овие денови ќе прерасне во арена за 20 возбудливи спортски настани. Секој од нив ќе биде уникатно доживување кое ќе ги исполни очекувањата на публиката, рече Пецаков на денешната прес-конференција свикана по повод манифестацијата.

Охрид - Во издание на Општина Охрид деновиве од печат излезе книгата „Избрани песни/Selected poems“  на англиски јазик од Славе Ѓорѓо Димоски.

Изданието содржи сто песни објавени двојазично на македонски и на англиски јазик, а изборот и препевот е на Даниела Спироска.

Изборот е придружен со есеј на Венко Андоновски во кој истакнува: „За една поезија обично се вели дека е голема, и со тоа, по творештвото на Блаже Конески се согласни речиси сите, ако е едноставна. Се чини дека „инфантилизацијата” на јазикот, силно изразена кај Димоски, е едно од можните решенија за едноставна песна. Поетот говори големи нешта со лесни, едноставни зборови. Зборови на примордијалната, првобитна, детска свежина на перципирање на светот“.

Велес - Првата награда „Златен стрип“ за 2024 и парична награда од 300 евра„ меѓу 351 автор од 17 земји, по распишаниот стрип конкурс ја доби стрипот „РЕВОЛВЕР“ на младите македонски стрип автори Војдан Андонов (сценарио) и Цанко Стефанов (цртеж).

Наградата им беше врачена синоќа во просториите на Европската куќа на млади во Велес на свеченото отворање на 21. Меѓународниот Стрип салон „Велес 2024“, што го организира Стрип центарот на Македонија - Велес во соработка со Општина Велес.

По цели  17 години оваа висока награда на Меѓународниот стрип салон „Велес“ повторно  ја добиваат македонски стрип автори, Златен стрип во 2007 година доби македонскиот стрип автор Игор Јовчевски, а во годините потоа добитници беа стрип автори од странство.

Велес - На влезот во Велес вчера попладне, околу 18:40 часот, полициски службеници од СВР Велес пронашле тројца мигранти од Мароко,информираат денеска од СВР Велес.

Појаснуваат дека мигрантите биле предадени на полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово, кои ги пренеле во прифатно – транзитен центар во Гевгелија.

Дебар - На граничниот премин Ќафасан, на македонско - албанската граница, кај Струга,  албанската полиција спречила шверц на 500 литри нафта, која од македонска на албанска територија ја пренесувал жител на Елбасан.

-По засилената работа на службите на Граничната полиција, во текот на летната сезона, со цел спречување и сузбивање на криминални активности, на граничниот премин Ќафасан на влез во Република Албанија, на втората линија за детални проверки, во камион откриени се пластични туби со 500 литри дизел, без соодветна документација. Уапсен е 49-годишен жител на Елбасан, стои во полициското соопштение.

Тој пред судот во Корча ќе одговара за кривично дело „криумчарење стока за која се наплатува акциза и избегнување царински давачки“.

Скопје - Продолжува реконструкцијата на спортските игралишта во сите населени места на територија на општина Илинден. Деновиве е отпочната реконструкцијата и на фудбалското игралиште за мал фудбал во населено место Бујковци, информираат од Општината.  
Во рамки на реконструкцијата целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, ќе биде поставено лед осветлување, заштитна ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден, со што ќе се добие комплетно нов лик на овој спортски терен во Бујковци. 

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски извршил увид во почетокот на работните активности на фудбалското игралиште, пришто истакна дека со реконструкцијата на игралиштето младите и од ова населено место ќе добијат комплетно реконструиран и убаво уреден простор каде во спортски дух ќе го поминуваат слободното време. Тој додал дека средствата за реализација на овој проект се целосно обезбедени од Буџетот на Општина Илинден. 

Остани поврзан