• среда, 28 август 2024
МИА Флеш

21 август 2024

Скопје – Освен учебниците за странски јазици, по сите други предмети учебници ќе има во училиштата на почетокот на учебната година, повтори денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Во однос на контролата во високото образование, за што со одлука на Владата ќе се основа посебно тело, Јаневска информираше дека тоа се формира и дека од Просветниот инспекторат веќе е побаран увид во работата на неколку универзитети.  

-Сите учебници кои оваа влада ги вети, оваа година ќе стигнат до почетокот на школската година. Веќе објавивме дека е почната дистрибуцијата, сѐ уште имаме учебници во печат, но според договорот, и тие до 1 септември би требало да бидат во училиштата. Јас длабоко се надевам дека тоа ќе биде испочитувано од дистрибутерите. Повторувам дека ќе нема учебници по странски јазици, не по вина на оваа Влада, туку по вина на претходната Влада, затоа што тендерот е поништен и сѐ уште е во жалбена постапка и ништо што би било во склоп на закон не би можело да се преземе надвор од тоа, да ја чекаме да заврши таа процедура. Другото, се надевам ќе биде сѐ во ред, изјави Јаневска по увидот во активностите за реконструкција на ОУ„Тошо Велков-Пепето“ во Кавадарци.

Скопје - Традиционално силните и пријателски односи со Република Турција беа потврдени на денешната средба на министерот за европски прашања Орхан Муртезани со амбасадорот на Турција во земјава Фатих Улусој.

На состанокот, како што информира Министерството за европски прашања, била потенцирана одличната билатерална проектна соработка што се одвива преку Турската агенција за соработка и координација (ТИКА). 

Скопје - Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни годинава изнесува 41.939 денари и е за 14,8 отсто повисока отколку во истиот месец лани.

Според податоците на Државниот завод за статистика, ваквото зголемување се должи на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите Финансиски дејности и дејности на осигурување за 24,6 отсто, Административни и помошни услужни дејности 22,9 и Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување за 19,6 отсто.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите Финансиски дејности и дејности на осигурување за 21,1 отсто, Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 5,4 и Административни и помошни услужни дејности за 4,5 отсто.

Просечната, пак, месечна исплатена бруто-плата по вработен во јуни 2024 година изнесува 62.964 денари и е за 15,1 отсто повисока отколку во јуни 2023 година.

Скопје - Агенцијата за катастар на недвижности воведува нови дополнителни услуги за граѓаните во населба Драчево и нејзината околина.

- Од вчера, во канцеларијата на Агенцијата за катастар на недвижности во Драчево, жителите на Драчево, Пинтија, Зелениково, Долно Лисиче, Студеничани и околните населени места можат да поднесуваат различни видови барања до Катастарот, соопшти Агенцијата за катастар на недвижности.

Граѓаните освен постоечките услуги, сега имаат можност на едно место да поднесат барања за издавање на имотен лист, копија од план, промена во наслов, теренски барања, промена на катастарска култура, запишување на недвижности со незапишани права, како и добивање на уверенија за идентификација и историјат на недвижностите.

Скопје - Денеска во Министерството за одбрана министерот Владо Мисајловски оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Н.Е. Ами Ларсон Џејн на која се разговараше за идните иницијативи кои ќе придонесат за унапредување и интензивирање на билатерална соработка меѓу двете земји.

На средбата министерот изрази  благодарност до Кралството Шведска за континуираната поддршка во процесот на интеграција на нашата држава во ЕУ и за поддршката при справување со пожарите.

Скопје - Поднесувањето на даночните пријави за данокот на додадена вредност се одвива непрекинато и без застој. Во текот на вчерашниот ден, 523 даночни обврзници ја поднеле даночната пријава - образец ДДВ-04 и ја исполниле даночната обврска за пријава на ДДВ за даночниот период 01.07.2024-31.07.2024 година, информираат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Како што посочуваат, во Скопје од очекувани 3.462 до денеска ДДВ-04 пријава поднеле 815 даночни обврзници или 23,54 отсто, во Битола од очекувани 735 до сега даночни пријави поднеле 109 даночни обврзници или 14,83 отсто, во Прилеп од очекувани 650 до сега даночни пријави поднеле 93 даночни обврзници или 14,31 отсто, во Струмица од очекувани 719 до сега даночни пријави поднеле 135 даночни обврзници или 18,78 отсто, во Тетово од очекувани 728 до сега даночни пријави поднеле 210 даночни обврзници или 28,85 отсто, во Штип од очекувани 823 до сега даночни пријави поднеле 174 даночни обврзници или 21,14 отсто, во другите даночни одделенија во државата од очекувани 290 до сега даночни пријави поднеле 59 даночни обврзници, или 20,34 отсто.

Скопје - СДСМ тврди дека раководителот на смена не е одговорен за пропуштањето без евиденција на свадбената поворка на претседателот на Собранието Африм Гаши на граничниот премин Блаце, како што информира МВР. Според информациите на партијата, наредбата ја издал новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, Наим Рамука. Поради ова, од СДСМ бараат оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

-Вчера, СДСМ им даде рок од 24 часа на Тошковски и МВР да бидат чесни и да објават како дошло до овој скандал и кој е вистински одговорен за тоа. Наместо Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат, кога веќе секако се фатени во скандалот и мораа да го признаат, тие се обидуваат одговорност да му ја натоварат на раководителот на смена на граничниот премин Блаце. Овој човек не е тој кој дал наредба да бидат пропуштени Гаши и сватовите без контрола. Затоа, СДСМ денес ќе ги објави сите податоци од свиркачите и ќе се дознае дека ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски лажат и се обидуваат да го скријат вистинскиот кривец и извршител во скандалот, изјави на денешната прес конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска. 

Според нивните информации, наредбата ја издал новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, Наим Рамука. 

Сански Мост – Tри лица загинаа во пукање во средно училиште во Сански Мост откако вработен во гимназијата пукал во директорот, секретарката и професорка. 

Според локални медиуми, човекот влегол со автоматска пушка во училишните простории и отворил оган и притоа ги убил - директорот Нијаз Халиловиќ, професорката по англиски јазик Гордана Миџан и секретарката на училиштето Нисвета Кљуниќ. Телата на убиените се пренесени во Здравствениот дом Сански Мост, полицијата е на местото на злосторството. 
Злосторството се случило во зграда што ја делат гимназијата „Сански мост“ и гимназијата „Сански мост“.

Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград имаше средба со помошникот генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика Борис Руге и посочи дека „постојаниот ризик од ескалација на тензиите што Приштина редовно ги провоцира со неодговорни одлуки и однесување во голема мера влијае врз српскиот народ на Косово“.

-Добра средба со Борис Руге за најважните прашања, ситуацијата во регионот, безбедноста на Косово и Метохија и можните импликации од продолжувањето на едностраните потези на режимот на Курти, напиша Вучиќ по средбата на Инстаграм профилот „buducnostsrbijeav“.

Белград - Обвинетиот Урош Блажиќ денеска на почетокот на судењето во Белград призна дека на 4 мај минатата година уби девет и рани 12 лица во селата Мало Орашје и Дубона.

Повтори дека е виновен, како што изјави и на прелиминарното рочиште.

Неговиот татко Радиша Блажиќ најпрвин им изрази сочувство на семејствата на жртвите и изјави дека не е виновен за кривичното дело за кое се товари и дека не знае од каде го набавил оружјето неговиот син.

Судењето наместо во Смедерево, од безбедносни причини се одржува во зградата на Специјалниот суд во Белград.

Киев - Украинската Врховна Рада усвои закон за ратификација на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и неговите амандмани.
Според пратеникот од партијата „Голос“, Јарослав Железњак, за Законот гласале 281 пратеник, пренесува Укринформ.

Целта на законот е да ги спроведе домашните процедури потребни за стапување во сила на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и неговите амандмани усвоени од Собранието на државите членки на Римскиот статут.

Украина изјавува дека барањето на МКС за соработка може да се испраќа преку дипломатски канали или директно до Канцеларијата на Генералниот обвинител (за истрага и судење) или до Министерството за правда (за прашања поврзани со извршување на пресуди и други одлуки на МКС донесени како резултат на истрагата на случајот). Истовремено, Украина изјавува дека барањето за соработка на МКС и сите придружни документи мора да бидат доставени на украински јазик или придружени со превод на украински јазик.

Загреб - Против поранешниот директор на нафтената компанија ИНА, Дамир Шкугор, и уште шест лица е подигнато обвинение за незаконска трговија со природен гас, со што хрватската компанија е оштетена за 160 милиони евра, соопштено е денеска во Загреб.

Канцеларијата за борба против корупција и организиран криминал (УСКОК) во соопштението не ги наведе имињата на обвинетите, но медиумите пренесуваат дека обвинението е подигнато против Шкугор, неговиот татко Дане, поранешниот претседател на Хрватската адвокатска комора Јосип Шурјак, неговиот деловен партнер Горан Хусиќ и поранешната директорка на Плинара Источна Славонија, Марија Раткиќ.

Обвинети се и поранешниот раководител на Продажба на гас и енергија во ИНА, Стипе Леко, и директорот на компанијата EVN Croatia Plin, Владо Мандиќ.

УСКОК ги товари дека гасот кој го купувале од ИНА по фиксна цена од 19,5 евра го продавале по десет пати повисока цена.

Приштина - По одлуката на Министерството за внатрешни работи на Косово за продолжување на рокот за замена на српските возачки дозволи издадени за граѓаните во Косово, возачите кои нема да ги заменат дозволите до петок ќе се соочат со казни од 500 до 1.500 евра.

Заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, изјави дека српските возачки дозволи, по истекот на овој рок, ќе се сметаат за неважечки, а возачите со такви документи ќе бидат казнувани како да немаат возачка дозвола.

Остани поврзан