• среда, 28 август 2024
МИА Радио флеш

   27  август 2024

 

Скопје - Во Берово и Лазарополе утрово е измерена најниска температура од 10 степени Целзиусови. Следат Маврови Анови со 12 степени, 13 во Битола, Претор и Попова Шапка, 14 Скопје-Петровец, Струмица, Крива Паланка, Тетово, Охрид, 15 во Демир Капија,
Прилеп, Дебар, 16 Куманово, Штип, Велес, 17 Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Крушево, 19 во Виница и 20 степени во Гевгелија.

Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Албанија, каде ќе се сретне со албанскиот државен врв.

Како што соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање, за време на дводенвниот престој во Тирана, првиот вицепремиер Меџити ќе има средби со претседателот Бајрам Бегај, со премиерот Еди Рама, а на покана на министерот за Европа и надворешни работи Игли Хасани ќе учествува и ќе се обрати на Меѓународната конференција на амбасадори, која се одржува од 26 до 28 август. 

Скопје - Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков денеска ќе ја посети Националната установа НУБ „Св. Климент Охридски“.

Како што информираат од Министерството за култура, за време на работната посета, Љутков ќе оствари средба со в. д. директорот Јовица Никчевски на која ќе се запознае со тековната состојба и со реализацијата на проектите во оваа национална установа. 

Скопје – Коалиција „Сите за правично судење“ ќе одржи промотивен настан за презентација на проектот „Независност преку отчетност-следење и проверка на судската одговорност во Северна Македонија“ кој е финансиран од страна на Британската амбасада во Скопје.

На конференцијата, како што е најавено, свои обраќања ќе имаат извршниот директор на Коалицијата, Дарко Аврамовски, вршителот на должност во Британската амбасада во Скопје Даниел Филер, како и Весна Дамева, претседател на Судскиот совет и Ѓорѓи Андонов, заменик претседател на Здружението на судиите.

Дебар - Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, телефонски разговарал со македонскиот вицепремиер и лидер на партијата Демократското движење, Изет Меџити.

-Имав задоволство да му честитам на претседателот на Демократското движење на Северна Македонија,  Изет Меџити, по повод првата годишнина од основањето на Демократското движење како алтернатива за промени, напиша Мета во објава на Фејсбук.

Тирана - Невреме проследено со обилен дожд, силен ветер, електрични празнења и град, погоди синоќа поголем дел од Албанија.

Најпогодени се Тирана, Драч, Елбасан,  Корча и Булќиза, каде улиците беа преполни со вода, која навлегла во подрумски простории, има искршени гранки од дрвја, паднати делови од покриви, уништени земјоделски посеви, објавија медиумите.

Њу Делхи - Индискиот премиер Нарендра Моди синоќа, во текот на телефонскиот разговор со американскиот претседател Џо Бајден, ја потврдил својата посветеност за враќање на мирот во Украина.

„Детално разговаравме за различни регионални и глобални прашања, вклучувајќи ја и ситуацијата во Украина. Ја потврдив целосната поддршка на Индија за брзо обновување на мирот и стабилноста“, напиша Моди на платформата X.

Вашингтон - Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, синоќа соопшти дека има напредок во разговорите за прекин на огнот во Газа, и покрај нападот од неделата на либански Хезболах врз Израел.

-Работните групи се состануваат и разговараат меѓу себе, така што секогаш има напредок, а нашиот тим продолжува да вели дека дискусиите се конструктивни, рече портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби.

Витлеем – Израелски доселеници убиле еден Палестинец и раниле уште тројца во Витлеем на Западниот Брег, додека други пет биле убиени во израелски напад врз бегалскиот камп Нур Шамс во близина на градот Тулкарм, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Израелската војска одговори дека нејзините авиони нападнале оперативен центар на милитантите во кампот и дека војниците ги блокирале рутите и вршат претреси на Западниот Брег по извештаи за киднапирање.

Сиднеј – Австралиската полиција соопшти дека уапсила повеќе од 1.600 луѓе и запленила дрога вредна 93 милиони австралиски долари (63 милиони американски долари) како дел од еднонеделна акција против недозволени дроги и организиран криминал.

Заедничката акција, наречена Операција Витреус, траеше од 19 август до 23 август и беше со цел беше да се намали достапноста на недозволени дроги низ Австралија, се вели во заедничката изјава на државните и федералните власти.

Како што пренесе ДПА, уапсени биле вкупно 1.611 лица под обвиненија поврзани со дрога. Властите, исто така, заплениле речиси 1.400 килограми дрога и повеќе од 2.500 растенија канабис, со вкупна проценета улична вредност од 93 милиони долари.

Картум - Најмалку 30 лица загинаа откако попушти брана на истокот од Судан, јавија британските медиуми, повикувајќи се на Обединетите нации.

Во инцидентот веројатно има многу повеќе жртви, откако под вода останаа најмалку дваесет села. Како резултат на пукањето на браната, погодени се домовите на околу 50 илјади лица. 

Локален функционер за суданската информативна веб-страница Ал-Тагир изјави дека проценува дека има најмалку 60 мртви.

Токио – Упадот на кинескиот воен авион во јапонскиот воздушен простор е „сериозно кршење на јапонскиот суверенитет“, изјави денеска портпаролот на јапонската влада, Јошимаса Хајаши, еден ден по инцидентот во Источното Кинеско Море.

- Нарушувањето на нашиот воздушен простор од страна на кинески воен авион не е само сериозно нарушување на нашиот суверенитет, туку е и закана за нашата безбедност и е целосно неприфатливо, изјави Хајаши.

Нион - Поранешниот голман на Италија, Џанлуиџи Буфон, на настанот на 29 август ќе ја добие Претседателската награда на УЕФА за неговите извонредни достигнувања, умешност и примерни лични квалитети. 

Наградата се доделува од 1998 година.

Њујорк – Најдобриот тенисер на светот  Новак Ѓоковиќ рано утрово го победи Раду Албот од Молдавија во првото коло на УС Опен со резултат 3:0, по сетови 6:2, 6:2 и 6:4.

Во меч што траеше 2 часа и 8 минути, 37-годишниот Србин имаше 8 асови, 10 двојни грешки и 6 освоени брејк топки од 16 шанси.

Ѓоковиќ во второто коло ќе игра со сонародникот Ласло Ѓере.

Вкупниот награден фонд на Грен слемот во Њујорк изнесува 75 милиони долари.

Њујорк - На самитот на Форумот на Пацифичките Острови што се одржува во Тонга, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, издаде предупредување за „глобален СОС“, пред се, заради порастот на нивото на морето во регионот на Тихиот Океан.

-Во Тонга сум за да издадам глобален СОС – Save our seas (Зачувајте ги нашите мориња) - заради растењето на нивото на морето, рече Гутереш.

Генералниот секретар предупреди дека на регионот на Пацификот му се заканува „глобална катастрофа“.

Вашингтон - Мисијата со четири лица „Поларна зора“ (Polaris Dawn) на „Спејс-Икс“ ќе биде одложена најмалку еден ден поради истекување на хелиум во опремата. Компанијата го објави тоа денеска, неколку часа пред планираното полетување на капсулата „Кру драгон“ (Crew Dragon) од вселенскиот центар „Кенеди“.

„Тимовите го истражуваат истекувањето хелиум, а екипажот сѐ уште е подготвен за повеќедневната вселенска мисија“, се наведува во соопштението.

Остани поврзан