• понеделник, 26 август 2024
МИА Општински пул

26 август 2024

Штип - Во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ - Штип во тек се уписите на ученици во основното музичко училиште, кое иако не е задолжително, интересот е задоволителен, оцени денеска директорот на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, Горан Кавраков.

Посочи дека уписниот рок за основното музичко образование ќе трае до 31 август, а е започнат на 1 април годинава.

Скопје - Водата во Скопје е безбедна и микробиолошки исправна, соопшти денеска Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје. 

Според неделниот лабораториски извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, направени од 19 август до 23 август годинава,  сите анализирани примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Кочани - Здружението на пензионери од Кочани денеска беше домаќин на спортски четиримеч со екипи од збратимените здруженија од Кавадарци, Куманово и Прилеп. 

На стадионот „Никола Мантов“ натпреварувачите ги одмерија своите сили и вештини во повеќе спортски дисциплини, што истовремено беше и проверка на нивната подготвеност за натамошните натпревари на државно ниво. Кочанското Здружение беше како добар организатор на игрите на кои учесниците покажаа солидна физичка подготвеност, а во одделни дисциплини имаше и голема конкуренција. 

Кавадарци - Село Сопот добива детска градинка, соопштија денеска од Кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. 

- Продолжуваат градежните работи за реконструкција и адаптација на објектот што ќе биде пренаменет во детска градинка на површина од 170 квадратни метри. Село Сопот ќе добие ново детско катче за најмалите и најмилите. Изведувач е фирмата „Бошкоски и Тошески инженеринг-Теракота Прилеп“, соопштија од Кабинетот на Јанчев. 

Скопје - Градот Скопје и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) потпишаа Меморандум за разбирање со цел заедничка имплементација на дополнителни активности со цел подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје, информираат денеска од Град Скопје. 

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на церемонијата на потпишувањето го истакнала значењето на проектот на ЕУ за чист воздух, кој го спроведува УНОПС со поддршка од Европската Унија.

Струга - Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ја посети специјализираната болница за нефрологија во Струга, каде во тек е реконструкција и подобрување на условите за третман на пациентите во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2“, преку Програмата „Инвестициски проект со дигитална компонента од Грантовата шема“. 

Досега, што соопшти ресорното министерство, набавен е систем за централно снабдување со кислород за три сали за хемодијализа и интензивна нега, набавен, инсталиран и ставен е во функција систем за реверзибилна осмоза, а поставени се и соларни панели на покривот на објектот.

Скопје - Капиталните инвестиции во 2024 година во вториот квартал се историски највисоки од било кога во минатото. Споредбено со претходниот мандат, во вториот квартал во 2024 година во основниот Буџет има реализација на капитални инвестиции во износ од 103,6 мил денари што е за 2,5 пати повеќе од 2017 и 2018 година, за 1,9 пати повеќе од 2020 година и за 25,34% повеќе од 2019 година која е најдобра во мандатите на претходните, но е година кога се добила помош од државата во износ од 64 мил денари.

-До крајот на годината износот наменет за капитални инвестиции во најмала рака ќе биде удвоен согласно динамиката на реализација на проектите кои ги имаме започнато, со што 2024 година ќе биде најуспешна во историјата на општина Кисела Вода по реализација на капитални инвестиции. Од покрупните инвестиции кои се планирани во буџетот и веќе се во фаза на реализација се: изградба на ново основно училиште, проширување на капацитетите на градинките и изградба на нова, изградба на спортски игралишта, детски катчиња, паркови, изградба и реконструкција на улици, патеки, паркинзи и подземна инфраструктура секаде каде што е потребна, целосна дигитализација на општината … 

Скопје - Не е вистина дека има долг од 100 милиони евра. Сите комунални претпријатија во Македонија имаат 100 милиони евра. Долгот на „Комуналец“ во Гостивар е околу седум или осум милиони евра, не повеќе и тоа се долгови што се наследени од пред да дојдам јас за градоначалник, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

- И јас прочитав, меѓутоа сакам да демантирам, 100 милиони евра нема логика. Меѓутоа, има тенденции, посебно од ДУИ, да прикажат такви вести спектакуларно. Значи, уште еднаш проверете и се надевам дека медиумот којшто го објави ќе бара извинување дека не е 100 милиони евра, одговори министерот на новинарско прашање.

Скопје - Поради скината цевка на улица „Христо Ботев“, бр.1, денеска, од 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улица „Ташко Караџа“, „Христо Ботев“, „Бапчор“  и „Габреш“, населба Автокоманда. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 13.00 часот до санирање на дефектот.

Дебар - По повод големиот празник Успение на Пресвета Богородица, во народот позната како Голема Богородица, во Бигорскиот манастир ќе се одржи сеноќно бдение, со Света архијерејска литургија.

- Возљубени поклоници на Царицата Небесна, ве известуваме дека на денот кога ја славиме „летната Пасха“, односно сечесното Успение и Преселување на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, во Свештената бигорска Обител ќе се одржи сеноќно бдение, коешто ќе започне утре, 27 август, во 21 часот, стои во соопштението на Бигорскиот манастир.

Крива Паланка - Големиот концерт од проектот „Македонијо во срце те носиме“ синоќа го преполни градскиот плоштад во Крива Паланка, а паланчани и бројните гости на градот уживаа во два и пол часовната програма со најголемите имиња од македонската музичка естрада.

На сцената во центарот на „Градот на културата за 2024“ прозвуче македонска патриотска музика во изведба на познатите македонски интерпретатори, благодарение на проектот на  „Сендеровски продукција“. 

Струмица - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов со фрлање на првите лопати со бетон во камен темелникот го означија почетокот на изградбата на новиот пазар во Струмица, кој ќе биде најголем во државата.

Според струмичкиот градоначалник, пред три години како кандидат за таа функција ја ветил изградбата на пазарот и тоа не било каков туку најголем и најдобар.

Tетово - Планинарски тури, еколошка акција, еко-базар се дел од настаните коишто во деновите од викендот се одржаа на Попова Шапка во рамки на „ПроШарај 2024“. Втора година по ред, преку повеќе активности, организаторите упатуваат порака дека Шар Шланина постојано инспирира и дека е место за релаксација, авантури и дружба. Дводневната програма на тема планина, одржливост, рециклирање беше наменети за сите возрасти.

- Тинејџерите овојпат имаа камп кој што трае два дена, со кратка тура до Јелак, каде што учеа основни планинарски вештини, поставување шатори, како треба се облечат за на планина итн. За најмалите еко катче кадешто бојат на рециклирани материјали. За возрасните имаме екобазар, еден од основните карактеристики на сите настани досега на Шарам. Имаше две работилници за возрасни, панел дискусија на тема „Планината во нас“, планинарската тура оваа година беше до Антени, а имавме и еко акција. За забавата се задолжени локални зведувачи од Тетово. Ја избравме Попова Шапка за место за одржување на настаните, од една страна поради љубовта кон неа, од друга страна поради револт, затоа што сѐ се организира на други центри, а Шапка нуди многу природни убавини, вели организаторката Александра Новеска од „Шарам“.

Скопје - Екипата на „Чомбе Марино“ го освои првото место на турнирот во мал фудбал „Мршевци 2024“, на кој оваа година учествуваа 24 екипи со околу 250 натпреварувачи, информираат од Општина Илинден.

Второто место и припадна на „ДПФ“ Сервис професионал, а третото на „Компанија Атанасовски“. За најдобар играч беше прогласен Пеце Даиловски од екипата на ДПФ, а за најдобар голман Никола Спасов од екипата на Чомбе Марино.

 

Остани поврзан