• вторник, 27 август 2024
МИА Флеш

26 август 2024

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска најави дека многу бргу ќе има кадровска промена во мешовитата историската комисија со Бугарија, без да изнесува детали. Според него, актуелната мешовита комисија не ги оправдала очекувањата и не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ. 

- Не, политичка позадина нема. Нормално е дека нова влада, нови луѓе коишто управуваат со новата влада, да има и кадровски промени. Не гледам тука што е страшно. Лично ако мене ме прашувате за мислење мислам дека актуелната мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Инаку, да – логично е кога имате нова влада да има и промени во одредени институции, не гледам тука зошто би имало политика, изјави Мицкоски, која беше на манифестацијата по повод роденденот на Мајка Тереза.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Скопје– Имаме политички структури и сили во државата кои ќе злоупотребуваат и ќе манипулираат со одредена група на луѓе за да предизвика етнички инцидент за да можат да го заштитат богатството и се она што крадеа изминативе седум години од граѓаните без разлика на нивната етничка припадност. Токму тоа е единствениот начин да магнетизираат публика за најавената дестабилизација или организирање протести коишто ги планираат оваа есен, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-Не смееме како граѓани тоа да го дозволиме и како Влада и како претседател на Владата апелирам до граѓаните да не наседнуваат на овие милионерски заговори. Погледнете ја зградата недалеку од овде, додека тие таму издаваат и милиони заработуваат го злоупотребуваат граѓанинот. Додека тие печалат и летуваат во монденски летувалишта и скијаат во монденски скијалишта, недалеку од оваа зграда договараат за нивните планови, купуваат трговски центри со ваши народни крадени пари. Да не дозволиме овие криминалци да ја дестабилизираат Македонија затоа што Македонија е наша заедничка татковина и така ќе продолжиме и во иднина да се однесуваме како Влада, рече Мицкоски во одговор на прашање при денешната прослава на 114-годишнината од раѓањето на скопјанката Гонџа Бојаџиу - Мајка Тереза.

Нагласи дека Гонџа Бојаџиу е личност која што е светска, безвременска со нејзиното однесување.

Скопје - Сите заслужуваат повисоки плати, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за барањето на наставниците за повисоки плати од 12% и најавата за евентуални протести. Мицкоски е дециден дека секој кој работисогласно Закон и Устав и се труди заслужува повисока плата.

- Како Влада во рамките на овие два месеца направивме ребаланс на буџетот, со којшто обезбедивме средства за законските усогласувања и тука исто така не треба никој да има дилема. Во зависност од динамиката на консилидирање на буџетот, при формирањето на буџетот за следната година подготвени сме да седнеме, со сите синдикални единици, организации и да разговараме, вели Мицкоски.

Тој истакна дека за само два месеца успеале да ги консолидираат институциите, министерствата и буџетот кои биле во распаѓање.

Скопје – Судскиот совет на Република Северна Македонија на денешната седница донесе повеќе одлуки меѓу кои за објавување на оглас за избор на претседатели на Основните судови во Гевгелија, Радовиш, Струмица, Делчево, Берово, Крушево и Охрид.

По разгледувањето на извештаите за исполнетост на критериумите за избор на претседател на основните судови во Кочани, Охрид, Радовиш и Струмица, Советот одлучи постапката да продолжи за двајцата пријавени кандидати кои ги исполнувале критериумите за Основен суд Кочани, судиите Спиро Борисов и Сузана Милева, и донесе одлука да се објави нов оглас за избор на претседател на Основен суд Охрид, бидејќи кандидатот што се пријавил имал навремена но нецелосна апликација.

Во врска со огласите за Основен суд Радовиш и Основен суд Струмица, информираа дека на огласот немало пријавени кандидати и донесоа одлука да биде објавен нов оглас.

Дополнително, беше донесена одлука да се објави нов оглас за избор на претседател и за основните судови во Делчево, Берово и Крушево. 

Скопје - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најавува дека ќе продолжат вонредните инспекциски контроли во Скопје, откако минатата недела кај некои оператори со храна се утврдени недоследности во однос на хигиената и во однос на ставањето во промет небезбедни производи.

Истовремено, нагласува АХВ, се спроведуваат и редовните контроли согласно Годишниот план.

Минатата недела беа спроведени засилени контроли во главниот град како честа туристичка дестинација. Контроли беа спроведени кај оператори со храна, вклучувајќи ги Бит Пазар, Пластичарска улица и Старата скопската чаршија. Таму контроли беа спроведени кај 62 оператори - кафе барови, ресторани, гостилници, сендвичарници, пекарници, слаткарници бурекџилници, ќебапчилници, месарници и чајџилници и други. 

Вонредни контроли во Скопје минатата недела беа спроведени и кај оператори кои се занимаваат со трговија на производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната. Надзори се спроведени кај десеттина оператори и еден магацин за оваа категорија производи. Со контролите најдени се оператори со нерегистрирана дејност при што е наложено нивна регистрација.

Скопје- Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година, вкупниот број на малолетни корисници на социјална заштита изнесувал 14 962, додека вкупниот број на полнолетни корисници на социјална заштита бил 55 028.

Од вкупните права на социјална заштита кај малолетните корисници, најголемо учество имаа услугите на социјална работа кои изнесуваа 45.1 %, додека од вкупните права на социјална заштита кај полнолетните корисници, најголемо учество имаа услугите за социјална заштита кои изнесуваа 83.5 %.

Во 2023 година, 35 380 носители на домаќинства (број на домаќинства) биле корисници на гарантирана минимална помош.

Приштина – Косовската полиција соопшти дека во неделата уапсила државјанка на Северна Македонија, под сомнение за измама, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешниот 24-часовен извештај на полицијата се наведува дека осомничената измамила лице во врска со одредена исплата на 12 јули во градот Подујево.

„На 25.08.2024 година, уапсена е осомничена жена, државјанка на Северна Македонија, која ја измамила жртвата од машки пол, Косовар, во врска со исплата“, се вели во соопштението.

По налог на надлежен обвинител, на осомничената ѝ е одредена мерка притвор.

Неготино - Пет мигранти од Мароко биле откриени вчера во товарен воз кај Криволак, соопштија денеска од СВР Велес. 

- Вчера во 12.20 часот на Железничка станица Криволак, при запирање на товарен воз кој сообраќал на релација Граничен премин Богородица – Граничен премин Табановце, полициски службеници од Полициската станица Неготино пронашле пет лица мигранти од Мароко. Мигрантите биле предадени на полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово,  за понатамошна постапка, информираа од СВР Велес.

Скопје - Утре времето краткотрајно ќе биде стабилно, а во периодот потоа во попладневните и вечерните часови, претежно во планинските подрачја ќе има појава на краткотраен пороен дожд и грмежи.

Како што најавуваат од УХМР, во среда нестабилно ќе биде претежно во северозападните делови од земјата, а повеќе услови за нестабилност ќе има од четврток кога на повеќе места ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Дневната температура ќе биде во постепено опаѓање.

Париз – Францускиот суд му го продолжи притворот на основачот на Телеграм, Павел Дуров, кој во саботата беше уапсен на аеродромот во Париз поради наводни прекршувања поврзани со апликацијата Телеграм.

Истражниот судија кој го води случајот му го продолжи притворот на Дуров (39), а тој може да трае најмногу 96 часа, изјави извор близок до истрагата, а пренесува Гардијан. Кога ќе заврши таа фаза на притвор, судијата може да одлучи да го ослободи Дуров или да поднесе тужба и да одреди натамошен притвор.

Дуров беше приведен во саботата вечер на аеродромот Бурже во Париз, веднаш по излегувањето од приватниот авион со кој долетал од Азербејџан. Како што беше претходно објавено, тој беше уапсен по налог поврзан со прекршувања од популарната апликација за пораки.

Прага - Чешкиот премиер, Петр Фијала, денеска во Прага апелираше кон земјите во кои расте руското влијание толку многу што тие „ја загрозуваат хармонијата во Европа и безбедноста на другите“, да се постапува трезвено и прагматично, без разлика колку другите земји во Европската унија и НАТО да се фрустрирани од тоа.

- Неизбежна е темелна расправа за тоа како да се пристапи кон земјите каде што руското влијание достигна такво ниво што не само што ја загрозува хармонијата во ЕУ или НАТО, туку на тој начин и безбедноста. Јас сум за максимално реалистично и прагматичен пристап и да не се водиме од фрустрација, иако разбирлива. Нашиот одговор мора да бидат промислени чекори, рече Фијала на редовните консултации на чешките амбасадори.

Премиерот во своето обраќање до амбасадорите, за разлика од претходните години, не ја спомена Вишеградската група во која се Унгарија и Словачка и во нив расте влијанието на Русија, туку како најблиски партнери ги спомена Полска и Германија, како и САД кога станува збор за безбедноста.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија истрелала повеќе од 100 проектили и лансираше 100 беспилотни летала за време на најновиот утрински напад врз Украина.

-Нанесена е голема штета на енергетскиот сектор, рече Зеленски на каналот Телеграм.

Британските медиуми јавуваат дека Зеленски повторно ги повика сојузниците да се држат до договорот за набавка на противвоздушни системи и ракети и додаде дека Украина и нејзините партнери треба да создадат заеднички противвоздушен договор за „соборување руски беспилотни летала и ракети“.

Русија синоќа лансираше неколку десетици беспилотни летала камикази кон Украина, а утрово изврши масовен напад со крстосувачки и балистички ракети, јавија претходно украинските медиуми.

Експлозии се слушнаа во Киев, Луцк, Запорожје, Одеса, Лавов, Харков и други украински градови.

Софија - На 27 октомври Бугарија ќе ги одржи седмите парламентарни избори во последните три години, најави претседателот Румен Радев, откако актуелните парламентарни партии не успеаја да формираат влада, пренесе Н1.

Радев најави дека утре во Народното собрание заклетва ќе положи новата техничка влада на Димитар Главчев, која ќе ја води државата до изборите.

-Утре ќе го објавам указот за одржување на предвремени парламентарни избори на 27 октомври, рече Радев откако Главчев му го врачи списокот со имињата на министри во привремената влада.

Бугарија не успеа да формира стабилна влада откако антикорупциските протести ја соборија владејачката коалиција предводена од централнодесничарската партија ГЕРБ во 2020 година.

Остани поврзан