• сабота, 24 август 2024
МИА Општински пул

23 август 2024 

Македонска Каменица - Градоначалникот на Македонска Каменица Димчо Атанасовски денеска организираше прием за ученичката Михаела Павловска, која успешно ја претставуваше државава на Олимпијадата по геонауки во Пекинг, Кина.

На средбата Атанасовски ја изрази неговата искрена благодарност и почит за нејзиниот извонреден труд и успех, ветувајќи дека општината ќе продолжи да ја поддржува во нејзините идни предизвици, стоејќи зад сите млади таленти кои ја претставуваат општината  на највисоко ниво.

Дебар - Здравствениот дом „Русе Бошкоски“ во Ростуше доби нова донација од иселеник од овој крај, што е уште една потврда за поврзаноста и љубовта кон родниот крај.

- Добивме ново, целосно опремено возило за итна помош. Тоа е донација на иселеник од село Велебрдо, кој живее и работи во Швајцарија, но сакаше да остане анонимен. Од мое име, од вработените и од жителите од поширокиот регион голема благодарност и за него и за сите кои до сега ја помогнале нашата здравствена установа, рече за МИА Омер Дурмиши, директор.

Берово - Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски денеска оствари средба со Марк Елингштад, директор на канцеларијата за демократија при USAID. На средбата Пекевски изрази благодарност за поддршката што USAID преку проектот за зајкнување на капацитетите за искористување на ресурсите, ја дава за јакнење на административните капацитети на Општина Берово.

Директорот на канцеларијата за демократија при USAID, Марк Елингштад, истакна дека голема чест и задоволство е што е во посетс на Берово, град кој под водство на актуелниот градоначалник и неговиот тим има големи достигнувања за развој на градот.

Неготино - Општина Неготино обезбеди нови контејнери за селектирање отпад, соопшти денеска неготинскиот градоначалник Горан Стојанов на Фејсбук.

-Врз основа на програмата за финансирање на управување со отпад на Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Неготино обезбеди 58 нови контејнери за селектирање отпад, што ќе бидат ставени на располагање на ЈП Комуналец, пишува во објавата.

Штип - Ќе разговараме со сите социјални партнери и секако дека ќе бараме начин да ги измотивираме наставниците на сите можни начини, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска, која по посетата на Штип одговараше на прашањето дека од Синдикатот за образование и наука (СОНК) велат дека по Закон на наставниците им следува 12 проценти  зголемување на платите, оставаат простор за дијалог до 15 септември.

-Ние сме отворени за разговор и дијалог. Јас уште еднаш велам, мора реално да ја согледаме можноста, повторувам, сите вие знаете каква девастирана држава наследивме не само во образованието. Ние сега треба да го спречиме слободниот пад на државата, да ја стабилизираме, да го придвижиме кон нулата и од тука да почнеме да градиме нанапред. Со сите мои сили образложувам зошто е потребно, грчовито се борам и ќе се борам, но реалните можности се реални. Доколку изнајдеме некое решение кое не зависи само од министерот за образование и нашите желби, доколку се отвори некоја можност, се доаѓа во обѕир. Но, во овој момент јас таа можност не ја гледам, изјави Јаневска.

Скопје - Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје спроведува акција за собирање кабаст отпад во скопската општина Аеродром. На повеќе локации се поставени специјални садови во кои жителите можат да го одложат својот кабаст отпад. Садовите се поставени на булевар „АСНОМ“ бр. 68 во населба Јане Сандански, на улица „Коста Новаковиќ“ бр.48 во Стар Аеродром, на булевар „Видoe Смилевски - Бато“ бр. 19 во Ново Лисиче и на бул. АСНОМ бр.5 (кај „Рамстор“) во населбата Ново Лисиче.

- Во рамки на акцијата за собирање кабаст отпад на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје досега беа подигнати и транспортирани 130 кубни метри стар мебел и покуќнина во општината Ѓорче Петров, 170 кубни метри во општина Карпош, 130 кубни метри во општина Центар, како и 150 кубни метри во општина Кисела Вода, се наведува во соопштението. 

Виница - Сите ученици во основните училишта во Виница кои во претстојната учебна година првпат ќе посетуваат настава во прво одделение ќе добијат еднократна парична помош од буџетот на Општината. Едногласна поддршка на одлуката дадоа членовите на Советот на Општина Виница на денешната редовна седница, со што семејствата на првачињата ќе добијат по три илјади денари.

-Претходно комисиски ја разгледавме оваа одлука и ставот со пет гласа „за“ е семејствата кои имаат запишано прваче во учебната 2024/2025 година да добијат еднократна помош. Притоа, барем едниот родител на ученикот треба да е жител на општина Виница, истакна Александар Јованов, претседател на општинската Комисија за финансирање, буџет и локален економски развој.

Штип - Студентите годинава ќе имаат повеќе пари за студентски оброк. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска при денешната посета на Општина Штип најави дека планирано е зголемување на студентскиот оброк, но засега не може да каже за колку ќе биде зголемен, бидејќи какошто вели се зависи од буџетските средства кои ќе им бидат дадени на располагање.

-Што се однесува до студентскиот стандард студентите не треба да имаат дилема дека Министерството ќе биде постојан нивен соработник, партнер и поддржувач, всушност ќе биде најголем нивен поддржувач, па оттука еве им испраќам порака дека – да, размислуваме за покачување на студентскиот оброк. Влеговме во проект на реновирање на студентските домови за тие да имаат подобри услови за живот и учење и факт е дека капацитетите се малку намалени, но се обидуваме тоа да го решиме со тоа што ќе ги пренасочиме дел од студентите кон употребливите ученички домови и ќе се погрижиме максимален број на студенти да добијат легла за да можат нормално да живеат во градовите каде што ќе студираат, вели Јаневска.

Скопје - Струмица ќе биде прв град на Балканот со електрифициран јавен градски превоз во корелација со Европскиот зелен договор, најави денеска струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов при преземањето на клучевите од десетте електрични автобуси во кругот на Аутомакедонија во Скопје.

Автобусите моментно се во фаза на процедурата за царинење, регистрација и осигурување и се очекува од 1 до 6 септември да бидат доставени во Струмица, а од 11 септември да бидат ставени во тест возење во траење од најмалку еден месец, период кога ќе има бесплатен јавен превоз за граѓаните, со цел да се отстранат евентуалните недостатоци.

Остани поврзан