• петок, 23 август 2024
МИА Општински пул

23 август 2024

Скопје - Поради уличен дефект на ул. „Лисец“ бб прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од оваа улица и од цело Горно Лисиче.

Прекинот во снабдувањето со вода ќе биде од 11:15 часот до завршување на санација на дефектот.

Скопје - Започна поставувањето на светилките ТИП 4 кои се и последна фаза на паметното осветлување на јавни површини во Општина Центар. Тип 4а и Тип 4б се декоративни светилки и ќе бидат инсталирани на пешачки патеки и споредни улици низ целата општина односно близу основни училишта, градинки, паркови, шеталишта итн. Ќе бидат поставени вкупно 261 парчиња, а денес инсталирањето започна од шеталиштето кај ПС Беко.

Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека ова е последната фаза на поставување на паметни светилки низ делови на општината, а следната фаза е поставување на паметни ормари кои ќе го дадат финишот и крајниот ефект од економичното паметно осветлување.

Радовиш - Вечер во Радовиш, на плоштадот „Свети Спасо Радовишки“, ќе се одржи 14. Меѓународен фестивал на староградски песни и серенеда „Саноќ седам“. Фестивалот ќе почне со дефиле на учесниците пред платото на Центарот за култура „Ацо Караманов“ со изведба на серенади.

На Фестивалот учествуваат друштва од ансамбли од Бугарија и нашата земја, а први ќе настапат домаќините, „Распеани радовишани“. Покрај нив, староградски песни и серенади ќе исполнат Вокалниот октет „Прилеп“, Вокално инструменталната група „Елеганс“ од Ќустендил, Бугарија, „Распеани струмичани“, КУД „Распеани гевгеличани“, Вокално инструменталната група „Орнаменти“ од Штип и „Хор Шчипјани“.

Кавадарци - Пожар синоќа ја зафати фабриката „Ником“ во Кавадарци. На терен интервенирала Територијалната противпожарна единица од Кавадарци со екипи на Комуналец, Шумското стопанство Бор, како и екипи од Велес и Неготино.

Утрово, од Противпожарната единица потврдија за МИА дека пожарот бил локализиран околу 01:30 часот, но нивна екипа останала на терен за да ја следи состојбата. 

Струга - Со портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ за германската поетеса Катрин Пиц, „Браќа Миладиновци“ за македонската поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова и „Млада Струга“ за Филипа Сара Попова денеска продолжува програмата на 63. издание на „Струшките вечери на поезијата“.

Во рамки на програмата предвидени се и поетски читања на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, промоција на преведеното издание на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци" за 2023 година и на Антологијата „Од поети за поети“, чествување на годишнините на петмина македонски поети, како и поетско кафе „Версополис“.

Скопје - Со претставата „Мојот маж“, Драмски театар ќе учествува во натпреварувачката програма на Фестивалот на медитеранскиот театар Пургаторије 2024 во Црна Гора. Претставата ќе се игра во недела на летната сцена во Тиват.

При претставувањето на годинaшната програма на „Пургаторије“, директорот на Центарот за култура Тиват, Горан Божовиќ истакна дека во програмската селекција на реномираниот театарски режисер и професор на Академијата на уметностите во Нови Сад, Борис Лијешевиќ се наоѓаат десет претстави што со огромен успех се играат на матичните сцени во Северна Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Скопје - Кино на отворено ќе има вечер и во деновите од викендов во општина Кисела Вода, со  бесплатни филмски проекции во паркот „Македонија“ пред Домот на културата „Билјана Беличанец”.

Како што информира Општина Кисела Вода, во трите вечери со почеток во 21 часот ќе бидат прикажани современи филмови од македонски автори наградувани на реномирани меѓународни филмски фестивали.

Скопје - Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје во текот на вчерашната ноќ отстранија 60 кубни метри отпад од повеќе обемни диви депонии лоцирани во неколку скопски општини. Активностите, како што информира „Комунална хигиена“ - Скопје,  се реализираа на улиците „Васил Чакаларов“ и „Рузвелтова“ во општина Карпош и на булеварот „Македонско-косовска бригада“ во општина Чаир.

- Утринава е забележано одлагање големи количини отпад од картонска амбалажа на две локации во централното градско подрачје - на сообраќајна површина на булеварот „Кирил и Методиј“ и на паркинг-просторот лоциран на улицата „Димитрија Чуповски“. Непрописно одложениот отпад беше подигнат и транспортиран од страна на екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје, се наведува во соопштението.

Делчево - Во организација на Национална установа Центар за култура ,,Никола Јонков Вапцаров" вечерва ќе се одржи Меѓународниот фестивал за хумор ,сатира и карикатура ,,Пијанец 2024". 

Во рамки на настанот ќе биде претставен литературен портрет на афористичарот Васил Толевски, ќе биде претставена Изложба на карикатури од Панде Петровски, додека Изложба на илустрирани програми ќе има младата Софија Ситновска.

Скопје - Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите - ОДАС од Град Скопје бара до почетокот на учебната година да обезбеди автобуси кои ќе сообраќаат навремено и ќе бидат достапни за учениците и студентите да може непречено да одат на настава.

Во допис до медиумите ОДАС укажува дека „нефункционалниот и несигурен јавен превоз може да ги остави средношколците и студентите без начин да стигнат на училиште или факултет“. 

Берово - Берово денеска го слави Денот на ослободувањето, 23 Август. Значајниот датум во Берово ќе се одбележи со повеќе активности кои ќе започнат со положување свежо цвеќе пред споменикот на паднатите борци, а потоа свечено ќе биде отворен и Саемот ,,Малешевијата на дланка" како и Етно плоштад фестивалот.

-Денешниот ден е од историско значење на општина Берово, кога е остварен вечниот идеал за слободно Берово. Низ историјата од секогаш постоеле луѓе, кои со своите визии, храброст и смелост, се истакнувале од обичниот народ. Храброста, пожртвуваноста на тие луѓе, ние денес ја градиме , негуваме и почитуваме и се гордееме со нивните дела. Нивниот дух и денес бдее над градот и ни го осветлува патот, кон  нашата слободна иднината, истакнаа од Општина Берово.

Струмица - Општина Струмица денеска ги добива десетте автобуси за воведување на електричен јавен превоз. По тој повод во просториите на „Аутомакедонија“ во Скопје ќе се одржи информативна средба на која може да се погледнат пристигнатите автобуси.

На настанот ќе присуствуваат и изјави ќе дадат градоначалникот Костадин Костадинов и Драги Поп Стојанов, директор на ЈСП „Струмица-Транспорт“.

Скопје - Дел од корисниците од населба Железара во општина Гази Баба и  објектите околу градинката, од 8 до 12 часот денеска ќе немаат електрична енергија. 

Како што информира РЦУК по известување добиено од ЕВН Македонија АД, од 8 до 9 часот утрово струја ќе немаат дел од корисници од село Крушопек во општина Сарај, од 9:30 до 10 часот корисниците од село Арачиново во општина Арачиново и во истиот период (9:30 до 10:00) и корисниците од селата Брњарци и  Сингелиќ во општина Гази Баба.

Скопје - По годишноодморската пауза вратите на кинотеката, домот на седмата уметност, во септември повторно се отвораат. Разновидноста, во неколку форми, е карактеристика на оваа понуда за гледачите. Различни жанрови, разновидни земји во кои се продуцирани, разновидно време во кои се создадени. Оваа инклузивност го подразбира и значителниот број  на регионалните копродукции, како дел од месечнава програмска понуда.

Ќе се стартува со турско-македонската копродукција НАЈТЕШКОТО НЕШТО, снимена по сценарио на Оливер Ромевски, а во режија на Сердар Акар. На ова се надоврзуваат играни, документарни, музички филмови кои го имаат префиксот, како и почетните – регионални копродукции. Публиката во кинотеката ќе биде во можност да ги проследи играните филмови ЗДРАВИ И ЖИВИ, ШТРКОТ, како и нешто постариот КАРАУЛА во режија на филмскиот волк Рајко Грлиќ. На програмата ќе се најде и музичкиот документарец ЕФТЕРКЛАНГ- БЕНДОТ МАКЕДОНИУМ, кој го отвори годиншеното издание на фестивалот СИНЕДЕЈС. Филмот е данско-македонска копродукција и е првиот филм каде што како продуцент се јавува МКЦ.

Кавадарци - Во рамките на меѓународната Ликовна колонија „Михајлово - Кавадарци 2024", што ја организира Здружението Ликовна колонија Михајлово - Кавадарци во соработка со Дом на култура ,,Иван Мазов - Климе" и со финансиска поддршка на Министерството за култура, градоначалникот и локалната самоуправа, синоќа во Музеј галерија Кавадарци беше отворена изложба на дела од ликовниот уметник Драган Најденовски - Најдо.

Ликовната колонија се одржува по 28. пат, присутни се триесетина ликовни уметници од земјава и странство. 

Скопје - Полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Охрид  синоќа во 19.20 часот во Охрид го лишиле од слобода охриѓанецот З.Р.(53) во чиј угостителски објект при претрес била пронајдена и одземена бела прашкаста материја.

-По преземени мерки и активности и добиена наредба од Основен суд Охрид, бил извршен претрес во неговиот угостителски објект во Охрид, при што била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. Подоцна, исто така со судска наредба, бил извршен претрес и во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја и бела прашкаста материја, соопшти денеска МВР.

 

Остани поврзан