• вторник, 27 август 2024
МИА Флеш

27 август 2024

Скопје - Во катастрофална состојба е пумпната станица „Таор“ која ги покрива општините Петровец, Илинден и Гази Баба и зафаќа води од околу 6 600 хектари преку 150 километри отворена каналска мрежа, оцени денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Според Трипуновски кој ја посети локацијата на пумпната станица заедно со директорот на АД „Водостопанство“ Филип Филиповски, изминативе години не се инвестирало во нејзино модернизирање и одржување поради што има сериозен ризик од загрозување на тој дел од скопската котлина.

-Ние веќе во наредната година во програма ќе предвидиме средства за модернизација на оваа станица, да се намали ризикот од евентуални штети кои би значеле излевање на водата од оваа каналска мрежа, изјави Трипуновски.

Скопје - Министерот за јавна администрација Горан Минчев, денеска учествуваше на првата панел-дискусија „Трипартитна соработка за знаења во зелена и дигитална транзиција“, во организација на партнерските организации на проектот, Центарот за развој на Југоисточен плански регион, Сојузот на Стопански комори на Македонија и Емкице КИЦ, која се одржа во Стар Дојран.

Панел-дискусијата е во рамките на проектот SEBCoVE – Smart Electricity for Buildings, поддржан од Европската Комисија.

- За Министерството за јавна администрација, спроведувањето на проектот SEBCoVE нуди можност за подобрување на стандардите на јавниот сектор преку интегрирање на нови, напредни компетенции во обуката и образованието на работниците. Ова ќе овозможи усогласување со барањата на пазарот на трудот, поддржувајќи ја дигиталната и зелена транзиција, истакна Минчев.

Скопје - Просечната оценка на социјалната вклученост на младите на локално ниво изнесува 41 отсто, а како највисоко рангирана општина во земјава е Општината Охрид. Ова го посочуваат резултатите од анализата „Индекс за социjална инклузиjа на младите на локално ниво 2023 – 2024“ изготвена од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Анализата ги рангира општините според нивните перформанси во поддршка на вклученоста и еднаквоста на младите и служи како алатка за идентификување на области што бараат подобрување и за истакнување на успешни практики што може да се реплицираат во други општини. 

За оваа анализа, се посочува, беа развиени сет на индикатори, распоредени во четири групи на интерес, како и начин на следење и прибирање на информации за истите. Во истражувањето беа опфатени сите 80 општини во државата, а како пријателски општини покрај Охрид се квалификуваат и општините Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Гевгелија.

Скопје – Комисијата за спречување и заштита од дискриминација упати жалба по пресудата на Управниот суд во врска со мислењето на Комисијата, со кое се утврди дискриминација од страна на Советот за јавни обвинители кон обвинителката Ленче Ристоска.

- Управниот суд не може да одлучува за мислења на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи тие не се управни акти, реагираат од КСЗД и бараат Вишиот управен суд да ја укине спорната пресуда и да ја врати на претходно одлучување на Управниот суд, со насока, да донесе решение за отфрлање на тужбата како недопуштена. 

Комисијата, се вели во соопштението од КСЗД, смета дека се сторени суштествени повреди на одредбите за постапката и погрешна примена на материјалното право од страна на Управниот суд. 

КСЗД упати жалба по пресуда до Управниот суд во врска со мислењето на Комисијата, со кое се утврди дискриминација од страна на Советот за јавни обвинители кон обвинителката Ленче Ристоска.

Скопје - Полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции вчера во 21:00 часот на наплатната рампа кај кумановско Романовце запреле и извршиле контрола на автобус со струшки регистарски ознаки, сопственост на превозно претпријатие од струшко Велешта, а управуван од А.Д. (54) од Куманово. При контролата било утврдено дека возачката картичка вметната во тахографот не е во сопственост на возачот кој го управувал автобусот. 

Како што информира МВР, за настанот е известен Државниот инспекторат за транспорт и врски, кој изрече глоби за возачот, правното лице и управителот на правното лице по член 23 став 5, а казниво по член 55 став 1 и член 60 став 1 од Законот за работното време на мобилните работници со патниот сообраќај и уредите за запишување во висина од 7.500 евра. Исто така, одземена е и возачката картичка.

Скопје- На граничните премини „Табановце” и „Богородица” за влез и излез од државата се чека околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, но итензитетот на патните правци надвор од градските средини е зголемен.  

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. 

Скопје - Во тек е пријавувањето за субвенциониран студентски оброк. Повикот се однесува и на потенцијалните бруцоши кои до 20 септември ќе стекнат статус на редовен студент, информираа денеска од Министерството за образование и наука. 

Потсетуваат дека во рокот за пријавување трае до 5 септември.

- Финансиската поддршка во износ од 140 денари е наменета за купување храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна, се наведува во соопштението од Министерство за образование и наука.

Скопје - НЛБ Банка обезбеди донација во вид на финансиска помош за потребите на населението погодено од разорните шумски пожари кои летово зафатија голем дел од територијата на Македонија. Донацијата е спроведена преку сметката на солидарноста на организацијата на Црвениот крст.

Банката воедно, преку дополнителна донација за набавка на опрема ќе ги поддржи и активностите на храбрите волонтери на „Доброволното Противпожарно Друштво – Пехчево“, кои со денови и неуморно се борат со огнените стихии.

Како дел од постојаната заложба на Банката за поддршка на заедницата и управување со животната средина, овој придонес има за цел да ги обезбеди многу потребните ресурси за оние кои ги ризикуваат своите животи и делуваат во исклучително тешки услови за да ги заштитат нашите заедници и животите на луѓето во погодените подрачја.

Скопје - УХМР информира дека под влијание на циклонска активност од исток, следните денови во попладневните и вечерните часови ќе има појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Особено поинтензивни процесите ќе бидат во четврток и петок кога на повеќе места ќе има пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локална појава на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град.

Во Скопје од утре до петок ќе има честа појава на пороен дожд и грмежи, а во делови од котлината и во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град.

УХМР препорачува поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења и да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека Киев ќе одговори на серијата нови руски напади во текот на изминатата ноќ, во кои загинаа најмалку четири, а 16лица беа повредени.

-Русија гаѓаше над 90 цели во нападите врз цивили и инфраструктура, рече Зеленски, пренесува Би-Би-Си.

„Несомнено ќе и одговориме на Русија за овој и за сите други напади. Злосторствата против човештвото не можат да останат неказнети“, рече Зеленски на социјалните мрежи.

Тој додаде дека во тек се спасувачки операции во нападнатите региони, пренесоа украинските медиуми. 

Киев - Украинскиот премиер Денис Шмигал изјави денеска дека неговата земја има потреба од дополнителни 15 милијарди долари за да го покрие буџетскиот дефицит за 2025 година, пренесуваат британските медиуми.

Според него, буџетскиот дефицит на земјата ќе изнесува 35 милијарди долари, а се планира покривање на 20 милијарди.

Владините податоци покажуваат дека во оваа година, украинскиот буџетски дефицит изнесува 38 милијарди долари.

Шмигал посочи дека властите предвидуваат зголемување на даноците и нови заеми на домашниот пазар за да ги надополнат средствата потребни за војната против Русија. 

Украинската Рада (парламентот) за овие предлози ќе расправа во септември.

Пекинг - Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, денеска пристигна во Пекинг во обид да ги подобри односите меѓу САД и Кина, што беа ставени под сериозен тест за време на мандатот на американскиот претседател Џо Бајден, јавуваат американските медиуми.

Саливан досега често пати има разговарано со високи претставници на Комунистичката партија за надворешната политика, во обид да се надминат разликите меѓу Вашингтон и Пекинг.

По слетувањето во Пекинг, Саливан беше пречекан од Јанг Тао, шеф на Одделот за Северна Америка и Океанија на кинеското Министерство за надворешни работи, и американскиот амбасадор во Кина, Николас Барнс.

Целта на посетата на Саливан, кој ќе престојува во Кина до четврток, е да се обиде да ја одржи отворена комуникацијата меѓу Пекинг и Вашингтон.

Остани поврзан