• четврток, 29 август 2024
МИА Радио флеш

22 август 2024 

- Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска се очекува денеска на средба со координаторите на советничките групи да го презентира планот за излез од кризата во главниот град. Средбата на координаторите ја закажал претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески.  

Очекувањата на првите луѓе на советничките групи се таа да презентира план за состојбата во „Комунална хигиена“ и хигиената во главниот град, но и за Јавното - сообраќајно претпријатие и како да се надмине проблемот со автобусите во Скопје. Сепак, велат од советничките групи, останува да се види со каков план ќе излезе Арсовска на денешната средба, која треба да започне во 11 часот. 

- Во државава е евидентиран раст на заболени од Ковид-19, а надлежните апелираат да се почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести. Од 12 до 18 август регистриран е 271 нов случај на коронавирус, според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), што претставува зголемување од 60.4 отсто во однос на претходната недела.

Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ во изјава за МИА рече дека засега, состојбата со Ковид-19 не е алармантна кај нас и нема простор за паника кај граѓаните.

- Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство д-р Оливер Миланов денеска ќе се обрати на завршниот настан на проектот финансиран од Европската унија „Подобрена контрола на болести кај животните и имплементација на системот за безбедност на храна“.

На настанот на кој ќе бидат презентирани достигнувањата на проектот финансиран од Европската унија, заклучоците и препораките за идните активности, ќе се обратат и Штефен Худолин, раководител на Секторот за операции при Делегација на ЕУ во Скопје и Емили Бирош, проект менаџер на CAPA-AETS Consortium, имплементатор на проектот. 

- Со традиционалното садење дрво и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2024 година, истакнатиот француски поет и драматург,  Жан Пјер Симеон, денеска во Струга почнува 63. издание на Струшките вечери на поезијата.

Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ во Домот на поезијата, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“. За отворањето на Фестивалот, директорот Тодорче Тасевски најави дека ќе има специјално подготвена сценографија, која ги истакнува потенцијалите на сценскиот простор преку поврзување на главната со летната сцена. 

- По светската премиера на DOC NYC, документарниот филм „Патување пеш“ („The Walk“) вечер премиерно ќе биде прикажан пред македонската публика во рамки на затворањето на 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Куршумли Ан.

Документарниот филм на македонската режисерка Тамара Котевска го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка што патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, во обид да си најде дом. Ова е филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза, разоткривајќи ја одисејата на Амал, преку два континента, симболот на бегалците низ цел свет. Филмот се снимаше две години, на територија на повеќе од 10 земји.

-По посетата на Сараево, директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс пристигна во Белград. Нема официјални информации за посетата на Барнс на Србија, ниту пак се знае кои теми се на маса, јавија белградските медиуми.

Поранешниот дипломат и поранешен амбасадор на САД во Русија, а сега клучна фигура во администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, Вилијам Барнс, ја започна својата „балканска турнеја“ со посета на Босна и Херцеговина.

- Во Хрватска на крајот на јуни оваа година биле регистрирани 248.255 деловни субјекти, од кои 72,2 проценти или 179.241 се активни, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Од вкупниот број на регистрирани деловни субјекти, најмногу има трговски друштва, 170.417. Од нив, 84,2 проценти или 143.512 се активни. Институции, тела, здруженија и организации имало 75.709, од кои активни се 35.025 или 46,3 проценти, додека задруги имало 2.129, а активни се 704. На крајот на јуни во Хрватска работеле и 105.222 субјекти во занаети и слободни професии, покажуваат податоците на ДЗС.

- Американскиот економист, професор на Универзитетот Колумбија, Џефри Сакс рече дека Србија со право се стреми да одржува добри дипломатски односи со сите партнери - САД, Русија, Европската унија (ЕУ), земјите од Заливот, Кина и други.
„Ако нешто не им се допаѓа на САД, тоа е неутралноста. Ти си со нас или си против нас“, тоа е нивната стандардна позиција, која се заснова на ароганција и речиси никогаш не успева“, наласи Сакс во интервју за НИН.

Тој изјави дека Србија и балканскиот регион воопшто ќе напредуваат со мир, обновување на економските односи меѓу ЕУ и Русија, одржување на отворена трговија и соработка со Кина, силни економски односи меѓу Балканот и Блискиот Исток, мир во Палестина (имплементација на решението за две држави за Израел и Палестина под надзор на Обединетите нации) и европското партнерство со кинеската иницијатива „Појас и пат“.

- Дванаесетгодишно момче е прогласено за виновно затоа што на интернет застанал во одбрана на тероризам, објави Пол-Едуар Лалуис, државниот обвинител од градот Монбелијар на истокот на Франција.

Активностите на интернет на тоа момче, кое објавувало и споделувало повеќе од 1.700 пропагандни видеа или сцени на масакри, го привлекле вниманието на француските власти, пренесува парискиот весник Фигаро.

- Австралија објави инвестиција од 570 милиони американски долари за домашно производство на проектили, во обид да ги зајакне воените капацитети во услови на регионална трка во вооружување.

Министерот за одбранбена индустрија Пат Конрој објави договор за развој на поморски и воздушно лансирани проектили во фабрика северно од Сиднеј.

- Од следната недела, Бразил ќе ги заостри правилата за влез без виза, соопшти вчера владата. Чекорот следува откако мигрантите сè почесто ја користат јужноамериканската земја како меѓустаница на патот кон САД и Канада.

Од понеделник, странските патници без бразилска виза, кои транзитираат низ Бразил на пат кон друга држава, мора да патуваат директно до својата дестинација или да се вратат во својата земја, соопшти бразилското Министерство за јавна безбедност.

-  Претседателскиот кандидат Роберт Ф. Кенеди Јуниор се очекува да се откаже од трката за Белата куќа, објавија американски медиуми, а независниот кандидат треба да има големо обраќање во текот на неделава.

„Њујорк тајмс“ и „Си-Ен-Ен“ објавија дека Кенеди, чија поддршка беше 8,7 проценти во анкетата на „Хил“ ширум земјата оваа недела, ќе го поддржи републиканскиот кандидат Доналд Трамп по откажувањето.

- Најмалку 55 влади ширум светот користат ограничувања за патување како дел од нивната репресивна тактика против перцепираните политички противници, се вели во извештај на Фридом хаус објавен денеска.

Одземањето државјанството, наметнувањето забрани за патување, одземањето пасоши и одбивањето на конзуларни услуги се меѓу методите што ги користат авторитарните режими за ограничување на слободата на движење на луѓето што се смета за закана, според Фридом Хаус.

- Бројот на смртни случаи поврзани со топлотни бранови во Обединетото Кралство се предвидува дека ќе се зголеми повеќе од шесткратно до крајот на векот, ако светот се загрее за 3 степени Целзиусови, покажува една студија.

Но, смртните случаи поврзани со студ – кои моментално се многу повисоки од оние поврзани со топлина – се предвидува да се зголемат само малку, достигнувајќи речиси 70.000 годишно до 2100 година, според анализа објавена во списанието „Лансет Глобал Хелт“.

Остани поврзан