• петок, 23 август 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

21 август 2024

Неготино - Нов градски пазар од затворен тип започна да се гради во Неготино, инвестиција вредна над 24 милиони денари. Парите се обезбедени од општинскиот буџет.

Станува збор за простор од околу 800 квадратни метри, а ќе бидат поставени 90 тезги. Рокот за завршување на работите е до четири месеци.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска присуствуваше на поставувањето на камен-темелник, најави дека набрзо ќе биде објавен и повикот до општините за проекти што ќе бидат финансирани од централниот буџет. 

- Тоа што го добив како информација од градоначалникот веќе имаме некои такви проекти,  што се во фаза на одобрение за градба, значи веднаш може да се отпочне со процес на тендерирање и процес на реализација на тие проекти. Добро е кога се гради, добро е да си ја развиваме државата затоа што тоа го очекуваат граѓаните од нас, тоа го ветувавме, за тоа и се залагавме, нагласи Мицкоски. 

Кавадарци - Вложуваме во модерна образовна инфраструктура и квалитетен воспитно-образовен процес, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која изврши увид во активностите за реконструкција на покривот на основното училиште „Тошо Велков-Пепето“ во Кавадарци,  заедно со градоначалникот Митко Јанчев.

-Станува збор за инвестиција во вредност од 9 милиони денари обезбедени од буџетот на Министерството за образование и наука, која целосно ќе биде реализирана до крајот на 2024 година. Имаме низа тековни инфраструктурни инвестиции, а во иднина нивниот број значително ќе се зголеми, со оглед на намерите на Владата за континуиран раст на буџетот наменет за образование, рече Јаневска.  

Таа посочи дека Кавадарци е една од локалните самоуправи кои имаат визија за модерно образование и долгорочен план како квалитетот да го одржуваат, но и постојано да го унапредуваат.  

Штип - Пензионерите од Штип, Свети Николе, Кочани кои протестираа и бараа линеарно зголемување на пензиите по 5.000 денари денеска од Штип најавија и повикаа на протест на 3 септември пред канцелариите на Здружението на пензионери во Скопје. Трајче Станојков пензионер од Свети Николе и член на Иницијативниот одбор за линеарно зголемување на пензиите вели протестот е со цел оставка на актуелната претседателка, Станка Трајковска.

-На 3 септември во Скопје сите масовно да излеземе и да и кажеме на госпоѓата Станка Трајковска дека нејзината авантура со Здружението на пензионери е завршена и дека таква жена која не дава поддршка на 200.000 пензионери кои беа за линеарно зголемување не е потребна. Затоа да си поднесе оставка од нејзината функција, заедно со сите тие кои се во раководството, вели Станојков.

Трајче Митев пензионер од Штип вели дека бараат и ревизија на финансиското работење на Здружението на пензионери.

Куманово - Центарот за јавно здравје Куманово бележи неколку спорадични случаи на заболени од Ковид, соопштија денеска лекарите од здравствената установа.

Оттаму велат дека случаите се евидентирани до епидемиолошката служба, а потоа и до Институтот за јавно здравје.

- Во периодот од 1-ви до 14 август се детектирани осум случаи. Станува збор за мала бројка заболени, предамбулантски пациенти, испратени од матичните лекари, еден-двајца од општата болница, изјави примариус д-р Весна Стефановска, специјалист по микробиологија.

Центарот за јавно здравје Куманово располага со доволен број тестови. Според лекарите, дел од повозрасните, хронично болните лица ги почитуваат препораките на Комисијата, носат маски во болницата и онаму каде што има поголема фреквенција на луѓе.

Струмица - Со одлука на Советот на Општина Струмица, а на предлог на градоначалникот Костадин Костадинов, малиот градски парк во центарот на градот е именуван во Петте струмички студенти.

Според градоначалникот Костадинов, со ова се оддава најголема почит која ја заслужуваат петтемина студенти и нивните семејства.

- Заборав за Мирко Пецев, Ѓорги Јармов, Ѓорги Костуранов, Борис Белев и Стево Топчев нема да има и нема да дозволам мешање во историјата за собирање на евтини политички поени, рече Костадинов.

Инаку, во овој парк е подигнат споменик во чест на петтемина студенти, а секоја година на 13 август се одбележува годишнината од нивното убиство, кое било извршено во 1951 година на планината Беласица од тогашната власт.

Скопје - Во рамки на активностите за следење и мониторирање на квалитетот на амбиенталниот воздух на територија на Општина Илинден, на пет локации  поставени се посебни уреди за мерење на квалитетот на воздухот.

- Мерните уреди се поставени на јавни општински установи во населените места Илинден, Марино, Кадино, Бунарџик и Миладиновци. Тие претставуваат посебни сензори кои детектираат промени на амбиенталниот воздух и преку апликацијата Breathe.mk, се овозможува пријавување на загаденоста на воздухот, поднесување на извештаи за степенот на загаденост на воздухот, со датум, време, локација во живо, ниво на загадувањето што може да се почувствува и друго, информираат од општината.

Остани поврзан