• петок, 09 август 2024
МИА Радио флеш

9 август 2024 

- Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Македонски Брод до Основното јавно обвинителство Кичево денеска поднела кривична пријава против Д.Т.(57) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување шумски пожар“, казниво по член 227 став 5 од Кривичниот законик. Како што соопштија од МВР, пријавениот во повеќе наврати, на 15.07.2024, на 30.07.2024, 02.08.2024, на 05.08.2024 и на 07.08.2024 во атарите на селата Слатина и Грешница, општина Македонски Брод, предизвикувал пожар на отворен простор, кој се проширувал и настанувале пожари на поголема површина, каде горела трева и нискостеблести растенија.

- Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари работна средба со Флакрон Беџети, заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тема на денешната средба беа тековните работи во министерството. „Преку разговор и добра координација министерството функционира за доброто на земјоделците и граѓаните“, истакна Трипуновски.

- Младите од Северна Македонија и од останатите пет земји од Западен Балкан имаат нова можност за бесплатна едукација од областа на филмот. Мрежата Edu Cuts, како дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs)“, поддржан од British Council, објавува повик за учество на млади филмски ентузијасти на програмата Prishtina Kino Kabaret, што го организира 16. издание на фестивалот PriFest – International Prishtina Film Fest. Како што се наведува во соопштението за проектот, фестивалот ќе се реализира од 10 до 15 септември 2024 година во Приштина, Косово.

 - Лагата може има разни пакувања, таа се завива во обланда, се шара, се украсува и се прави сѐ за таа да изгледа што поубава, но сепак таа на крајот останува само лага. Затоа неретко за многу работи велиме дека се „шарени лаги“. Водени од оваа констатација и со желба колку е можно покреативно да ги предупредат граѓаните за постоењето и штетните последици од лажните вести, Центарот за современи уметности ја креираше уметничката акција „Лицидерски колачиња и лажни вести – слатки лаги и горчлива вистина“, преку која ја потенцираат важноста на темата на лажните вести кои нѐ опкружуваат и влијаат на нашите ставови и перцепции. - Во оваа акција изборот на предлошката односно лицидерското срце и колаче воопшто не е случаен. Овие „колачиња“ кои на големо се изработувале во периодот од крајот на 18 век па наваму во западна Европа, централна Европа и на Балканот имале за цел да привлечат интерес и да ги залажат купувачите да купат нешто што им е непотребно бидејќи лицидерските колачиња во минатото иако биле „колачиња“ не можеле да се јадат од причина што содржеле гипс за можат долго време (некогаш и со години) да ја задржат својата форма и колорит и всушност само се викале колачиња а биле ритуални сувенири и играчки, информираат од Центарот за современи уметности.

– Рано утрово значително е подобрена ситуацијата со пожарот во централниот дел на грчкиот остров Крит, во општина Ретимно, што е активен веќе трет ден, а интервенираат над 250 пожарникари, како и авиони и хеликоптери, јави дописничката на МИА од Атина. Борбата со огнените јазици траеше во текот на ноќта, во текот на вчерашниот ден од бројот 112 за итни случаи беа испратени осум пораки, од кои седум за евакуација на жителите на населени места во близина на пожарот.

 - Контакт центар на Владата на Србија, каде граѓаните ќе можат да се информираат за проектот „Јадар“, утрово почна со работа, јавија српските медиуми. Центарот го отвори министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, а на прашањата на граѓаните ќе одговара до 10 часот. Контакт центарот ќе работи во работните денови од 9 до 15 часот. Во организација на еколошки здруженија, протести поради најавата за експлоатација на литиум вечерва ќе се одржат во Лесковац, Чачак, Ниш, Врање, Лазаревац, Владимирци и Мали Зворник. Досега граѓански протести се одржани во 41 град низ Србија. В сабота в о 19 часот ќе започне централниот митинг во Белград.

- Од утре почнувам разговори со актуелните министри и други експерти, изјави кандидатката за вршител на должноста технички премиер на Бугарија, Горица Гранчарова-Кожарева по средбата со претседателот Румен Радев, јави БТА. „Ќе формирам кабинет за да се обезбеди нормално функционирање на државата додека не се формира редовна влада“, рече таа. Кожарева истакна дека најважна задача на преодната влада е одржувањето фер избори.

- Албанскиот премиер Еди Рама и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараа за билатералните односи, како и за регионални и глобални прашања. - Дирекцијата за комуникации на Турција соопшти дека за време на разговорот претседателот Ердоган рекол дека односите меѓу Турција и Албанија се на напредно ниво и дека соработката во одбранбената индустрија дополнително ќе се зајакне преку комерцијални, економски и воени контакти, објави Топ чанел. Турскиот претседател се осврнал и на „ фрустрирачките напори на терористичката организација ФЕТО да освои терен во Албанија“. Тој изразил уверување дека „Тирана ќе продолжи да работи на елиминација на структурата на групата во образовниот, здравствениот и религискиот сектор".

- Турските власти, за периодот 2005-2024 година, уапсиле вкупно 2.667.379 илегални мигранти, покажуваат податоците од истражувањето на Агенцијата за планирање на општина Истанбул. Истражувањето е направено врз основа на податоците на Генералниот директорат за миграција на турското МВР. Од почетокот на годинава до август се приведени вкупно 126.766 илегални мигранти. Во студијата се наведува дека моментално во Турција престојуваат 3.103.606 Сиријци кои имаат статус на привремена заштита.

- Вооружените сили на Украина соопштија дека синоќа извршиле успешен напад врз воздухопловна база во руската област Липецк, на речиси 300 километри од границата меѓу двете земји. „Погодени беа магацини со наведувани бомби и други објекти во реонот на базата“, се вели во соопштението. Како резултат на нападот избувнал голем пожар, пријавени се и повеќекратни експлозии, прецизираат од украинскиот Генералштаб. Според извори на украински медиуми од ГШ, поголем дел од авионите на аеродромот на базата не успеале да го напуштат аеродромот навреме кој бил запален како последица на верижна експлозија.

- На премиерата на филмот заснован на најпродаваниот роман на американската писателка Колин Хувер - „Ова завршува со нас“ (It Ends With Us), во Лондон, синоќа глумицата Блејк Лајвли се појави во едноставен, а елегантен костум со цветни детали. И нејзината колешка од филмот, Изабела Ферер носеше фустан со цветни мотиви. На првото прикажување на романтичната драма во британската престолнина, Лајвли рече дека претворањето на романот во филм е „голема одговорност, но и можност“. - Кога треба да ги исполниш очекувањата на група луѓе кои се толку страсно поврзани за изворната приказна... Да можеш да ги исполниш очекувањата на луѓето на кои толку многу им е грижа - тоа е прекрасно!, рече глумицата.

- Јапонскиот премиер Фумио Кишида го откажа планираното четиридневно патување во Казахстан, Узбекистан и Монголија бидејќи е зголемен ризикот од потенцијално силен земјотрес во голема област на Тихиот Океан во близина на централна Јапонија. Јапонската метеоролошка агенција го издаде првото такво советување за областите околу коритото Нанкај, неколку часа по земјотресот со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала што вчера го погоди југозападниот дел на земјата. Откако присуствуваше на мировната церемонија во Нагасаки по повод 79-годишнината од американското атомско бомбардирање, Кишида на прес-конференција во градот рече дека го откажал патувањето во странство за да „се фокусира на одговорот на владата и ширењето на информациите“ за потенцијалниот голем земјотрес.

- Осумнаесетгодишен Ирачанец е приведен во Виена во врска со истрагата за наводен заговор за напад на концертот на американската пејачка Тејлор Свифт во главниот град на Австрија, соопшти денеска австриското Министерство за внатрешни работи. Министерството наведува дека приведениот Ирачанец потекнува од истиот круг како главниот осомничен, 19-годишен Австриец со потекло од Северна Македонија. Свифт вчера, денеска и утре требаше да пее на виенскиот стадион „Ернст Хапел“, но концертите се откажани.

Остани поврзан