• сабота, 10 август 2024
МИА Општински пул

9 август 2024 

Охрид – На принцот на Црна Гора, Никола Петровиќ Његош, денеска на свеченост одржана во Ќуката на Уранија на МАНУ во Охрид му беше врачена годинешната Светска награда на хуманизмот, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Свети Климент на сите светски меридијани.

Принцот е претседател на Фондацијата Његош, што во соработка со Обединетите нации и УНЕСКО има реализирано над 200 значајни меѓународни проекти од областа на хуманизмот, како и организатор на Интернационалното биенале на уметноста во Кралскиот дворец во Цетиње.

Претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, пред присутните на свечената церемонија на врачувањето на Светската награда на хуманизмот истакна дека извонредна референца на лауреатот претставува Фондацијата на Кралското семјество Петровиќ Његош со која раководи, а која во доменот на современиот хуманизам и општествениот ангажман во разни области како екологијата, урбанизамот, културното наследство, има постигнато извонредни успеси на стотици реализирани проекти за 12 години работа, што го прави принцот инспирација за дијалог меѓу народите и генерациите.

Во име на Општина Охрид наградата на принцот на Црна Гора му ја врачи претседателот на Советот на Општината Перчо Божиновски, кој посочи дека признанието е потврда дека човекољубието не познава граници, нации, раси, социјални класи, туку го вреднува човечкото универзално творештво и разбирањето меѓу различните култури препознатливо на сите меридијани.

Неготино - Свлечиште на земјиште оштети канал за наводнување во Неготинско, информираа денеска од подружницата на АД Водостопанство,  ,,Тиквеш" во Кавадарци. Оттаму соопштија дека проблемот е кај каналот над селото Тимјаник, а поради ова свлечиште кое ја скинало каналската мрежа, без вода за наводнување останале околу 350 хектари земјоделска површина. 

- Се известуваат водокорисниците од атарот на селата Тимјаник и Долни Дисан, дека веднаш ги имаме преземено сите неопходни мерки за санација на оштетувањето. Се очекува наредната недела да се нормализира водоснабдувањето, за кое навремено ќе ја информираме јавноста, подвлекоа од ,,Тиквеш" за МИА. 

Додадоа дека прават напори, санирањето да биде најбрзо што може, во рамките на нивните можности.

Куманово - Целосно реконструирани се просториите на регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во Куманово, што ќе придонесе за подобрување на квалитетот на стручното и практичното образование на учениците, информираа денеска надлежните од Делегацијата на ЕУ, Министерството за образование и од училиштето. Регионалниот центар во Куманово е капитална инвестиција во која се вложени околу три милиони евра, со кои целосно е реконструирано училишниот објект, интернатот, работилниците, со поддршка на Европската унија, преку ИПА фондовите.

Во самиот објект заменети се електрична, канализациска, водоводна мрежа, има нови училници, кабинети, лифт за ученици со попреченост, тоалети. Набавена е опрема за различни профили. Реконструкцијата е дел од програмата „ЕУ за млади“, преку која ЕУ инвестира во зголемување на вработувањето на младите.

Шефот на оддел во Делегацијата на ЕУ, Александру Албу, во обраќањето пред присутните кажа дека е важно да се вложува и во едукацијата во развој на стручното образование кои ќе одговори на барањата на пазарот на труд, да се вложи во доусовршувањето на професорите, да се привлечат ученици кон стручното образование и да се разбие стереотипот дека стручното образование е само за ученици со послаб успех.

- Стручното образование и обука не е исклучок. Министерството треба да продолжи да работи на поголем пристап до средното стручно образование, да ги подобри вештините на учениците, да се осигури дека вештините се во согласност, со барањата на пазарот на трудот. Важно е да се обезбеди соработка помеѓу провајдерите на стручното образование и обука и бизнис секторот, со што наставните програми подобро ќе одговорат на потребите на пазарот на труд, кажа Албу.

Вложувањето во средното стручно образование ја подобрува економијата, придонесува за развој на образованието на возрасните.Заменик министерот за образование и наука, Лулзим Алиу, кажа дека реконструкцијата е исклучително значајна за образованието на учениците, но и за возрасните. Во тек е постапка за набавка на опрема, клупи столови, табли, друг училиштен мебел за регионалниот центар во Куманово, но и за центрите во Охрид и Тетово.

Охрид - Во Охрид вчера во 14.00 часот полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид го лишиле од слобода М.Ч.(47) од Охрид.

При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, соопшти денеска МВР, биле пронајдени и одземени семки од канабис, стебло од растението канабис, дигитална вага со остатоци од бела прашкаста материја и грендер со остатоци од марихуана.

По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Велес - Општина Велес ја заврши изградбата на детското игралиште во Башино Село, кое се наоѓа во непосредна близина на Велес. Ова катче е опремено со современа мека подлога и забавни елементи за целосно уживање и рекреација на најмалите, информира градоначалникот Марко Колев.

Воедно поставени се и клупи за седење.

- Најдоброто за најмалите - продолжуваме посветено и ќе направиме и други детски игралишта во Велес и населените места во општината, најави Колев.

Кавадарци - Двајца советници, членови во Советот на Општина  Кавадарци, денеска доставија писмено барање до претседателот на Советот Стојанчо Рамов, да свика седница, на која ќе се расправа околу најавената намера на инвеститор, за инвестиција во регионален центар за рециклирање и третман на отпадна гума. Се работи за советниците Вуко Мелов и Павле Маневски, од советничката група на СДСМ. 

- Деновиве сме сведоци на барање на одреден инвеститор за изградба на центар за рециклирање на отпадна гума. Од она што ни е презентирано на презентацијата и во рамки на студијата, во овој центар за рециклирање, би се обработувале околу 12.000 тони гума годишно во Кавадарци. Со ова целата отпадна гума од Македонија, а можеби и пошироко би ни ја носеле на рециклирање овде во Кавадарци, рече Мелов. 

Тој се осврна и на процесот на рециклирање на отпадна гума. 

- Планираниот процес на рециклирање е т.н процес на пиролиза, односно горење на високи температури, без присуство на воздух, што предизвикува катастрофални последици по здравјето на луѓето бидејќи доведува до појава на повеќе од 200 соединенија, од кои најопасни се диоксионот и фуранот, кои се канцерогени. 

Истите водат кон трајни нарушувања на имунолошкиот, нервниот, ендокриниот систем и репродуктивните функции, додаде Мелов, нагласувајќи дека ситуацијата е алармантна. 

Кавадарци - Советот на Кавадарци ќе расправа за иницијативата за фабрика за третман на отпадна гума на 22 август,  во рамки на редовната 45-та седница. 

Ваква одлука е донесена, откако претходно, денеска,  советниците Вуко Мелов и Павле Маневски писмено побараа да се расправа по иницијативата за отворање на фабрика за третман на отпадна гума. 

Во меѓувреме, на градскиот плоштад веќе трет ден, во организација на граѓанска иницијатива, се собираат потписи против изградба на ваков капацитет од Г-1 индустрија, поради страв за сопственото здравје и животната средина. 

Велес - Општина Велес и Епархијата Повардарска во соборниот храм на Епархијата Повардарска „Свети Великомаченик Пантелејмон“ во Велес во присуство на голем број граѓани православни верници  синоќа со богата програма го одбележа денешниот празник Свети Пантелејмон заштитник на Велес и велешани.

Во предвечерието на денот  патрон и заштитник, во храмот посветен на него  митрополитот Повардарски Агатангел  одржа вечерна богослужба која не потсети на возвишените цели на животот.

Чествувањето го збогатија младите од МДПС „Премиера“ со свој поетски перформанс и „Тринити Стрингс“ чии тонови милозвучно одекнаа во дворот на црквата.

Градоначалникот Марко Колев потсети дека  низ годините Велес и велешани  го чествува Светецот Пантелејмон како патрон - заштитник на градот, кој ги чувал во многу несреќи и тешки времиња и им давал сила да продолжат понатаму.

Тој им порача на своите сограѓани да го следат  примерот на исцелителот Пантелејмон  и да  бидат богоугодни, а милоста, љубовта и трпението да ги  облее за исцеление на душите и телата.

Црквата „Св.Пантелејмон" - раскошно ремек дело надвисната е високо на еден од ридовите на Велес. Изградена во далечната 1840 година од познатиот неимар Балкански  градител на цркви Андреа Дамјанов од велешкото селото Папрадиште, заедно со неговата тајфа на градители, оваа црква пркоси на класичните базилики, внатрешно со богати иконостаси, дрворези. Црквата има  прекрасна акустика поради вградените грнчарски производи во ѕидовите,како и користење на лушпи од јајца во малтерот, поради што многу стручњаци за  акустиката ја споредуваат со  Миланската скала.

Демир Капија - Водата од водоводите на Демир Капија и Дрен не е за пиење, од комуналното претпријатие постапуваме по насоките на Центар за јавно здравје, информираше денеска Петар Јованов, раководител на Водовод и канализација при јавното комунално претпријатие ,,Бошава". 

- Дадовме известување до населението, по добиените анализи земени од Центарот за Јавно здравје Скопје. Центарот редовно зема за анализа по четири мостри. Од нив, две од градскиот водовод на Демир Капија. Анализата од едниот примерок не одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри, за бактериолошка анализа. Вториот примерок, одговара на правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење, појасни Јованов во изјава за МИА. 

Другите две мостри биле од селата Дрен и Прждево. 

- Анализата од Дрен не одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри за бактериолошка анализа. Според анализата од Прждево, водата одговара на законските и стручните прописи во однос на испитаните параметри, додаде Јованов. 

Тој нагласи дека по насоките на Центар за јавно здравје, работат на тоа да ја доведат водата во исправна состојба. Населението ќе биде навреме известено по првите примероци за исправност на водата.

Остани поврзан