• петок, 09 август 2024
МИА Радио флеш

   9  август 2024

 

Скопје - Утрово најсвежо беше во Лазарополе каде се измерени 11 степени Целзиусови. Следат Маврови Анови со 12 тепени, 13 Берово, 14 Попова Шапка, 15 Крива Паланка, Тетово, Битола, 16 Прилеп, Охрид, 17 Скопје-Петровец, Крушево, Претор, 18 Демир
Капија, 19 во Штип, Струмица, Велес и Виница и 20 степени во Скопје кај Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија.

За изминатите 24 часа до 8 часот (во l/m2) најм,ногу воден талог има наврнато во Пожаране - 8 л/м2, потоа 5 л/м2 во Тетово, 4 во Крушево, 3 Маврови Анови и 2 л/м2 на Попова Шапка. Дадените вредности за количината на врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената.

Скопје -  На граничните премини Табановце за влез и на Богородица за излез од државата, се бележи зголемена фреквенција на возила, што е карактеристично за летниот период, но исто како и на останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања, соопшти АМСМ.

Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози со зголемен интензитет на патните правци надвор од градските средини.

Делчево - Над 200 играорци синоќа во Делчево го промовираа фолклорното богатство од Северна Македонија, но и од Србија и Бугарија во рамките на 29-то издание на традиционалните „Голачки фолклорни средби“. На летната сцена пред Спомен домот „АСНОМ“ учество земаа 12 културно - уметнички групи и ансамбли, оркестри, пеачки групи и инструменталисти. 

Поради забраната за движење во шума и потенцијалната опасност од пожари, фестивалот и годинава се одржа на летната сцена во Делчево, и тоа со одлука на сите релевантни фактори кои се дел од организацијата на оваа фестивалот.

Скопје - Овогодинешната, јубилејна 35. Ликовна колонија Галичник ќе започне на 12 август и ќе трае до 19, а ќе биде посветена на темата на колективната културна меморија. 

Во прекрасниот амбиент на едно од најубавите планински села во земјава ќе творат 10 уметници. Тоа се: Кристине Ледерер - Австрија, Ивана Хостник - Србија/Словенија, Лучезар Бојаџиев - Бугарија, Софија Димова - Бугарија, Марина Касијаниду - Кипар, Елија Калогјани - Грција, Стефан Корнацки - Полска, Ил Џафери - Косово, Клелија Живковиќ - Северна Македонија и Дарко Алексоски - Северна Македонија.

Охрид – Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва го нуди концертот посветен на македонските композитори Томислав Зографски и Стојче Тошевски, со настапот на уметниците Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтиари на пијано и Васил Богоевски на виолина.

Анастасија Грговска е родена во Куманово каде го започнува своето музичко образование во класата на проф. Драган Грговски, а го продолжува во класата на проф. Славица Мицовска. Средно образование завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски -Луј“, во Скопје. Во 2013 година дипломира со највисока оценка Кум Лауде на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Марија Ѓошевска.

Париз - Селекторот на српската кошаркарска репрезентација, Светислав Пешиќ изјави дека е горд на тоа како одиграле неговите кошаркари, но дека победникот на крајот го решиле „една или две топки“. 

На констатацијата од српските новинари дека судиите го решиле натпреварот, Пешиќ одговори: „Во Србија постои реченица која ја користиме, кој губи има право да се лути“.

Софија - Бугарскиот претседател Румен Радев ја именуваше заменик-претседателката на Ревизорската комора Горица Гранчарова-Кожарева за кандидат за вршител на должноста премиер, соопштија од прес-службата на претседателот, јави БТА.

Шефот на државата претпладнево ќе ја прими кандидатката за привремен премиер, за да ја задолжи да формира привремена влада.

Актуелниот премиер Димитар Главчев претходно денеска ја повлече искажаната подготвеност да ја прифати функцијата по вторпат за да се намали политичката тензија, објави Министерскиот совет на својата веб-страница.

Софија - Бугарскиот технички премиер Димитар Главчев ја повлекува искажаната подготвеност да ја прифати функцијата вршител на должноста премиер по вторпат со цел намалување на политичката тензија, објави Министерскиот совет на својата веб-страница, јави БТА.

Главчев му се заблагодари на својот тим за сработеното. Тој ќе продолжи да ја врши функцијата до именувањето на нов вршител на должноста премиер.

На брифингот одржан на 5 август во Советот на министри, Димитар Главчев изјавил дека ќе ја прифати функцијата привремен премиер доколку претседателот на Бугарија, Румен Радев, повторно му ја понуди.

Тирана - Академијата на науките на Албанија упати покана за учество со научен придонес на Меѓународната научна конференција „Развој на националното образование и албанскиот јазик", јави албанската државна агенција - АТА.

- Конференцијата ќе се одржи во ноември во Музејот на албанската азбука во Битола, Северна Македонија. Предлозите може да се испратат директно на адресата на научно-организацискиот комитет или Академијата на науките, кои ќе ги поддржат учесниците на конференцијата, наведува Агенцијата.

Оваа конференција е планирана како дел од "настаните за одбележување на годишнината од историскиот Конгрес во Битола и официјалниот празник на албанскиот јазик во Северна Македонија".

Истанбул - Единаесет лица загинаа, а 24 се повредени кога патнички автобус удрил во мост во областа Полатли, округот на Анкара, јавија турските медиуми.

Автобусот удрил во колона под мостот околу 5:00 часот по локално време, во правец кон Ескишехир.

На местото на несреќата пристигнаа пожарникари, медицински и спасувачки екипи.

Гувернерот на регионот на Анкара, Васип Шахин, рече дека првичните информации укажуваат дека возачот заспал бидејќи нема индикации дека се обидел да закочи.

Вашингтон - САД, Катар и Египет ги повикаа Израел и палестинската милитантна група Хамас да ги продолжат преговорите за прекин на огнот во Газа и за договор за ослободување заложници на 15 август, јави ДПА.

„Време е да се обезбеди итно олеснување и на долготрпеливиот народ во Газа и на долготрпеливите заложници и нивните семејства“, истакнаа лидерите на САД, Катар и Египет во заедничка изјава.

„Дојде време да се склучи прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците и затворениците“, изјавија во заедничка изјава американскиот претседател Џо Бајден, египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и емирот на Катар Тамим бин Хамад Ал Тани.

Вашингтон - Стејт департментот набљудува како руските власти постојано се обидуваат да го ограничат пристапот на граѓаните до информации, и веста дека Кремљ ја успорува и блокира работата на Јутјуб е уште една потврда за ова, изјави синоќа портпаролот Метју Милер.
Изјавата доаѓа откако корисниците во Русија се пожалија на пречки и недостапност на Јутјуб во таа земја. Милер нагласи дека руските власти прават големи напори да го ограничат пристапот на луѓето до независни информации.
-Тоа се прави со забрзано темпо од почетокот на сеопфатната инвазија на Украина во февруари 2022 година. Тие постојано се обидуваат да ја ограничат способноста на руските граѓани да добиваат информации за акциите на својата влада.

Њујорк - Земјите-членки на ОН го одобрија првиот документ за борба против кибер-криминалот и покрај жестокото противење на бранителите на човековите права кои предупредија против глобалната алатка за надзор.

По тригодишни преговори и конечно двонеделна сесија во Њујорк, „Конвенцијата на ОН против компјутерскиот криминал“ беше одобрена со консензус и треба да биде поднесена до Генералното собрание на светската организација за формално усвојување.

Москва - Најмалку шест лица се ранети во нападот со украински беспилотни летала врз областа Липецк во Русија, а во регионот е прогласена вонредна состојба, изјави утрово регионалниот началник Игор Артамонов.

Артамонов на Телеграм напиша дека жители утринава биле евакуирани од делови на регионот Липецк по напад на украински беспилотни летала што предизвикале експлозии и прекини во снабдувањето со електрична енергија, откако бил оштетен објект на енергетската инфраструктура.

Лос Анџелес - Сенаторка од Демократската партија во Калифорнија синоќа објави дека преминува во Републиканската партија, притоа критикувајќи го раководството и политиката на нејзината поранешна партија.

Мари Алварадо-Хил рече дека долго време е демократка, но таа и Демократската партија повеќе не ги делат истите вредности откако беше избрана во 2022 година.

„Последниве две години откако сум во Сенатот, не ја признавам партијата на која и припаѓам“, рече Алварадо-Хил. „Демократската партија не е партијата во која се потпишав пред неколку децении“.

Токио - Јапонија за првпат издаде предупредување за зголемен ризик од силен земјотрес во блиска иднина.

Предупредувањето е издадено синоќа и ги повикува луѓето да бидат внимателни, но да не се евакуираат. Исто така, беше истакнато дека предупредувањето не значи дека е неизбежен голем земјотрес, туку дека е поверојатно од вообичаено да се случи.

Предупредувањето е само неколку часа по земјотресот со интензитет од 7,1 степени според Рихтеровата скала што го погоди јужниот остров Кјушу, но не предизвика големи штети.

Но, експертите се во состојба на зголемена готовност поради локацијата на епицентарот, на работ на пукнатината Нанкаи, област на сеизмичка активност што се протега долж јапонскиот брег на Тихиот Океан.

Каракас - Претседателот на Венецуела Николас Мадуро објави дека социјалната мрежа Х е „суспендирана“ на десет дена.

Агенцијата задолжена за телекомуникациите „одлучи да го прекине пристапот до социјалната мрежа Х за период од 10 дена“, рече Мадуро, нагласувајќи дека тоа е на негов предлог.

„Никој нема да ме замолчи, ќе се спротивставам на шпионажата на технолошката империја. Илон Маск е сопственик на Х и ги прекрши сите правила на социјалната мрежа со поттикнување омраза и фашизам“, продолжи Мадуро, кој редовно го обвинува американскиот милијардер за заговор против него.

Нагасаки - Нагасаки  денеска ја одбележа 79-годишнината од американското бомбардирање со атомска бомба врз градот во Втората светска војна, а градоначалникот Широ Сузуки на комеморацијата повика на укинување на нуклеарното оружје поради зголемената загриженост за негова можна употреба.

На овогодинешната комеморација, неколку амбасадори го откажаа своето учество откако градот во југозападна Јапонија одлучи да не ги покани претставниците на Израел на комеморацијата.

Остани поврзан