• петок, 09 август 2024
МИА Флеш

9 август 2024

- Следните денови времето ќе биде сончево и многу топло, особено во почетокот на идната недела, кога на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури, соопшти УХМР. Во вторник се очекува температурата да достигне 40 степени.

 - Македонските граѓани се на второ место меѓу европските нации, на овогодишниот Глобален извештај за емоции на „Галуп“, којшто покажува колкав дел од населението на секоја земја чувствува лутина или бес на дневна основа.

- Од 46 пожари на отворен простор регистрирани вчера, изгаснати се 37, два се уште се активни и седум се под контрола, информира денеска Центарот за управување со кризи. Активни се пожарите во општините  Макдонски Брод и Студеничани. 

- Рокот за достава на дела на конкурсот за наградата „Мост“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2023 година, за дела објавени на некој од јазиците на националностите, се продолжува до 1 септември (недела).

 - Општина Велес ја заврши изградбата на детското игралиште во Башино Село, кое се наоѓа во непосредна близина на Велес. Ова катче е опремено со современа мека подлога и забавни елементи за целосно уживање и рекреација на најмалите, информира градоначалникот Марко Колев.

 - МВР соопшти дека вчера, во 09.40 часот, на улицата „Маршал Тито“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода А.С.(35) од тетовско Долно Палчиште кој се сомничи дека претходниот ден на улицата „Борис Кидрич“ во Тетово извршил кражба.

- Советот на Кавадарци ќе расправа за иницијативата за фабрика за третман на отпадна гума на 22 август,  во рамки на редовната 45-та седница. Ваква одлука е донесена, откако претходно, денеска,  советниците Вуко Мелов и Павле Маневски писмено побараа да се расправа по иницијативата за отворање на фабрика за третман на отпадна гума. 

– Годишната инфлација во Грција во јули се зголемила на 2,7 отсто, наспроти 2,3 проценти еден месец претходно и 2,5 отсто за истиот период во 2023 година, зголемување што, според официјалните податоците од грчката служба за статистика, се должи на поскапувањата на цените на дел од продуктите и услугите, како што се маслиновото масло и природниот гас јави дописничката на МИА од Атина.

- Европските либерали од Европскиот парламент ја повикаа Европската комисија итно да ги преземе „сите можни мерки“ за да го потисне континуираното ширење дезинформации на платформата X во сопственост на Илон Маск, се вели во писмото во кое имале увид од Политико.

- Концептот „Просторија за притвор“, веќе познат во образовниот систем на САД, официјално се воведува во романските училишта. Според соопштението на Министерството за образование на Романија, секое училиште ќе организира простор за надзор и правила за учениците кои со своето однесување пречат во наставата.

Тагови

Остани поврзан