• петок, 24 мај 2024
МИА Општински пул

11 април 2024

Струмица - Седум ученици од Франција 14 денови престојуваат во Струмица и во три струмички компании реализираат практична работа преку учење.

Како што соопштија од Општина Струмица, престојот на француските ученици е во рамките на соработката на ДСУ-РЦСОО „Никола Карев“ – Струмица со АФОРПА групацијата на стручни училишта од Париз, Франција, чија основна дејност е стручно образование и обука во автомобилската индустрија.

Таквата соработка меѓу двете институции е воспоставена минатата година преку препознавање на успесите на ДСУ-РЦСОО „Никола Карев“ во реализираните „Еразмус+“ активности во стручното образование и обука.

Гостите од Франција заедно со директорот на струмичкото средно училиште и професори денеска ги прими градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој ги запозна со Општина Струмица, а учениците од Париз ги споделија своите импресии од престојот и работата.

 

Струга – Струшката полиција поднесе кривична пријава против две лица, жител на селото Франгово и албански државјанин, поради „предизвикување општа опасност“, соопшти денеска СВР Охрид.

Лицата, ангажирани од месната заедница на Франгово да го чистат просторот околу селото, го собрале сметот и несовесно го запалиле.

Според СВР Охрид, 50-годишниот Б.И. од струшкото село Франгово и Л.Р.(40) од Република Албанија предизвикале пожар.

-Двајцата, со палење на отпадни материјали и стрништа во месноста „Добра вода“, атар на селото Франгово, предизвикале пожар чие ширење кон селото било спречено со интервенција на Територијалната противпожарна единица од Струга, изјави портпаролот Стефан Димоски.

 

Гостивар – Ученици од основни училишта и нивните родители во рамки на одбележувањето на муслиманскиот празник Фитр Бајрам, делеа слатки на градскиот плоштад во Гостивар. Настанот го организираше општина Гостивар во соработка со основните училишта и градинките.

На пригодно уредените штандови децата заедно со родителите и наставниците служеа од традиционалната баклава, сокови и други слатки.

Аслијан Снопче раководителката на општинскиот сектор за образование на настанот напомена дека оваа активност треба да стане традиционална.

- По повод втор ден Бајрам, сакаме да покажеме дел од традицијата во нашиот град. Со пригоден настан сакаме да ги споделиме радоста од празнувањето во што ни помагаат родителите на децата и наставниците. Ваквите настани треба да се одржуваат и во иднина за да се покаже на дело нашиот соживот во мултинационална средина, рече Снопче.

Дел од учесниците кажаа дека традиционалната гостиварската баклава е кулинарски специјалитет и се нуди на гости и блиски како изразување на гостопримство и укажување на чест.

 

Штип - Почна изградбата на нова пристапна улица во штипската населба Сењак. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека изградбата на улицата е на барање на граѓаните од неколку станбени згради кои со децении немале пристап до нивните згради и домови.

-Овде се подготвува за трасирање и бетонирање на пристап до станбените згради, коишто се наоѓаат до улицата „Сремски фронт“ и е по барање на жителите. Затоа што со годините наназад имаа проблеми со внесување на покуќнина и огревно дрво до нивните станбени згради, вели Јорданов.

Тој додаде дека инвестицијата се реализира согласно Програмата за уредување, а од буџетот се издвоени  500.000 денари, околу овие станбени згради ќе биде поставена и урбана опрема.

 

Велес - Во тек се  градежните зафати за реконструкција на спортско-рекреативниот комплекс во населба Превалец во Велес. Се реконструираат спортските терени и ќе се поставува нова урбана опрема, информираат од Општина Велес.

Тие оценуваат дека активностите се одвиваат согласно предвидената динамика.Додаваат дека  по завршувањето на градежните работи и уредувањето на просторот жителите од овој дел на градот ќе добијат убаво, модерно и функционално катче за спорт и рекреација.

 

Куманово - Активисти од Куманово, по повод денешниот Меѓународен ден на домашните миленици-11 април, апелираа за одговорно сопствеништво.

- Најголем дел од кучињата скитници се всушност миленици исфрлени од дома. Станува збор за неоговорни сопственици кои од различни причини веќе не сакаат да се грижат за миленикот. Успеваме заедно со други активисти да ги кастрираме, стерилизраме, да ги лекуваме, вакцинираме и да ги вдомиме. Но, бројката на кучиња скитници е голема во Куманово, што само говори за фактот дека кумановци не се одговорни сопственици, изјави Марина Петковска, самостоен активист.

Таа апелира сите кои сакаат да вдомат да се обратат до активистите.

- Подобро е да се вдоми, отколку да се купува. Љубовта која ја даваат е неизмерна. Оние кои веќе чуваат  да бидат одговорни да ги стрерилизираат,  кастрираат и да чипираат за да немаме цели легла исфрлени на улица, додаде Петковска.

Деветнаесет лица од Куманово биле каснати од кучиња од почетокот на година до април, соопштија денеска од СВР Куманово. Лани, според пријавите во СВР Куманово имало 80 пријави за каснати граѓани.

- Кучињата не напаѓаат без причина. Може да се служи ако има женка и само ако се во глутница, поагресивни се домашните отколку уличните кучиња, изјави Петковска.

Општина Куманово лани за каснување на кучиња на граѓани исплатила 755.596,00, а од почетокот на  годинава,  дури 537.177,00 денари.

 

Штип - Песок се црпи од коритото на река Брегалница во село Софилари, штипско, реагираат жителите. Според нив ова е загрижувачка слика и бараат да се стопира црпењето на песок. Велат дека со црпењето песок се уништува коритото на реката, а опасност претставува и за животната средина. Жителите на штипското село Софилари пријавиле и во Општина Штип, а пријавата пристигнала и до градоначалникот. Општинскиот инспектор за животна средина, Влатко Панов, истакна дека веднаш по усната пријава од страна на жителите излегуваат на терен. Ако е во нивна надлежност ќе се реагира веднаш, ако не ќе се бара вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина.

-Врз основа на поднесена пријава од страна на жители, граѓани за вонреден инспекциски надзор од место наречено Софилари до градоначалникот и со налог за постапување, ќе бидеме на терен ќе видиме дали има исцрпување на минерална суровина – песок од речно корито на река Брегалница. Доколку е во наша надлежност ќе постапиме, доколку ее во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина ќе поднесеме барање за нивно постапување, изјави Панов.

Инаку, и утринава на самото место се работеше во процесот на вадење песок од коритото на река Брегалница во село Софилари.

 

Скопје - Поради дефект на улица „Струшка“ 4, утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул.„Струшка“ и дел од „Јуриј Гагарин“.

Водоснабдувањето, како што соопштуваат од ЈП Водовод и канализација - Скопје, ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.

 

Скопје - Без вода утре од 9 часот ќе бодат дел од жителите на  населбата Камник, ресторанот и стрелиштето.

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради уличен дефект ф-100 милиметри на улица „Љубиша Самарџиќ“ (поранешна „Камник“). 

Корисниците ќе бидат без вода се до санирање на дефектот. 

Остани поврзан