• вторник, 02 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

24 јуни 2024

Штип - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој првиот ден како премиер го почна од Штип, најави дека инвестицијата за ветерниот парк која официјално ќе биде објавена утре, ќе донесе 100 милиони евра поголем приход во БДП.

Како што истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања, вакви проекти ќе има уште во периодот што следува.

- Македонскиот ветер ќе донесе дополнителни 100 милиони евра годишно во БДП. Проектот ќе го објавиме утре, заедно со инвеститорот. Ветерниот парк ќе биде изграден меѓу трите општини, Карбинци, Штип и Радовиш. Се работи за инвестицијата од 400 - 450 милиони евра. Ова е исклучително значаен проект за енергетското портфолио на државата кој значително ќе го подобри перформансот на нашиот енергетски сектор. Нема специјални  закони, нема загарнтиран откуп по загарантирна цена за 20 - 30 години, туку инвеститор кој ќе инвестира 450 милиони евра, а државата ќе добие за 100 милиони евра поголем приход во БДП што треба да донесе 20 отсто од вкупното производство на струја што ќе ја направи енергетски балансирана земјава. Во периодот што следи ќе има уште вакви убави изненадувања, нагласи Мицкоски. 

Штип - Премиерот Христијан Мицкоски денеска информира дека првата владина седница ќе се одржи кон крајот на неделата. Донесени ќе бидат, како што рече, неколку одлуки, од кои повеќето формални. Тој воедно најави и дека ќе се почне со работа на новото законско решение за линеарно зголемување на пензиите.

Одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Штип каде го почна првиот работен ден како премиер, Мицкоски истакна дека новата Влада ќе гради онаму каде што нејзините претхоници оставија неуспешни проекти.

-Нема да има дуализми, ниту функционери кои ќе живеат од парите на граѓаните, ќе има намалување на институциите, ќе бдиеме тоа што го ветивме. Тоа што граѓаните го направија е доволно, сега татковината треба да направи за нив. „Граѓаните пред се“, ќе бидете мотото на нашата Влада, порача Мицкоски. 

Соопшти и дека утре или задутре ќе има состанок со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и со министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска во врска со законот за покачувањето на пензиите.

Скопје - Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, денеска поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи, за упатени закани по животот и безбедноста на судии на Уставниот суд.

Како што информираат од Уставен суд, пријавата е поднесена поради директно упатени закани кон судија односно судии поврзани со постапување по конкретен предмет од страна на Судот.

- Претседателот Костадиновски најостро ги осудува ваквите закани упатени до судиите, истакнувајќи дека во едно демократско општество, вакви и слични закани претставуваат  напад врз интегритетот на Уставниот суд, но и директен притисок врз независното и самостојно одлучување на сите судии, стои во соопштението од Уставен.

Скопје -  Билатералните односи и можностите за унапредување на соработката во различни области од заемен интерес меѓу двете земји, била тема на денешната средба на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш.

Претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, истакнала дека билатералните односи се карактеризираат со пријателство и разбирање оценувајќи дека меѓу двете земји постојат силни културни врски поради наследството на светите браќа Кирил и Методиј.

Белград - Новата Влада, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, ќе биде силно фокусирана на евроинтеграциите на земјата, изјави денеска новиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ќе бидеме силно фокусирани на спроведувањето на реформите, рече Муцунски по пристигнувањето на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и претставници на регионот на Западен Балкан, што се одржува во Луксембург, соопшти Танјуг.

Муцунски, чиј прв работен ден на оваа функција е денеска, рече дека дошол во Луксембург за да се сретне со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и заедно со своите колеги од Западен Балкан да потврди колку е важен процесот на европската интеграција за стабилноста на регионот.

-Ќе разговараме со колегите од земјите-членки на Европската унија за тоа што може ЕУ да направи, важноста на Планот за раст за Западен Балкан, кој ќе има сериозни позитивни фискални импликации за Западен Балкан. Веруваме дека ова е еден од форумите преку кои можеме заеднички да го забрзаме напредокот на целиот регион кон полноправно членство во ЕУ, рече Муцунски.

Скопје - Новиот министер за здравство Арбен Таравари денеска по примопредавањето на функцијата ги посети хируршките клиники во Клиничкиот центар, со цел увид во дисфункционалноста на компресорите во салите. По посетата на салите, тој изјави дека деновиве ќе добие извештај од направените испитувања и се надева дека до петок ќе донесе дефинитивна одлука како ќе се реши проблемот - дали ќе може да се поправи постоечкиот или ќе се инсталира нов систем.

- Денеска разговарав речиси со сите директори и со директори на општи служби. Тие кажуваат дека во некои операциони сали воопшто нема никаков мирис. Во одредени сали, посебно во абдоменална хирургија постои одреден мирис и затоа анестезиолозите не дозволуваат да функционира со централниот компресивен систем.Очекувам деновиве, утре или задутре, да добијам извештај од испитувањата што се направени и да видиме како побргу да го решиме проблемот. Ми требаат неколку дена за да донесам дефинитивна одлука - дали ќе одиме на брзо решавање на проблемот со отворање на нова набавка и веднаш инсталирање на комплетно нов систем или ќе може ова да се поправи, рече Таравари.

Прашан како сега се одвива оперативниот програм и дали е зголемен бројот на операции, Таравари одговори дека бројот на операции е редуциран, но потенцираше дека не треба да се избрзува со изнаоѓање на решение и дека треба внимателно да се работи бидејќи станува збор за човечки животи.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска потврди дека доктор Марјан Шокаровски е вратен на позицијата медицински директор на Клиниката за кардиохиругија за време на викендот од страна на заменик министерката за здравство Маја Манолева само со нејзиниот потпис и дека ја одобрува таквата одлука.

- Јас мислам дека правилно постапила по тоа што укажала Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), нормално го вратила стариот директор. Јас мислам дека одлуката е во ред. Ќе видиме во периодот понатаму можеби ќе назначиме нови директори секаде, рече Таравари на новинарско прашање по посетата на Хируршките клиники, непосредно по преземањето на должноста.

Министерот за здравство во заминување Илир Демири на крајот на мај го разреши директорот на Клиниката за кардиохирургија, а како причина за разрешувањето меѓу другото ја наведе зголемената смртност на Клиниката.

Шокаровски ги дематираше ваквите тврдења посочувајќи дека смртноста на државната Кардиохирургија е намалена, а обемот на операции зголемен. За неговото разрешување, изјави дека го смета за незаконско бидејќи изборниот процес се уште трае. 

Скопје - Модернизација на образованието и стимулација на научно-истражувачката дејност преку замена на импровизациите и ад хок одлуки со инклузивни долгорочни политики креирани со придонес на сите засегнати страни, најавува новата министерка за образование и наука Весна Јаневска која денеска ја презеде функцијата од досегашниот министер Јетон Шаќири.

Како што соопштија од МОН, по средбата Јаневска посочила дека многу скоро ќе почне процесот на темелна обнова на сите степени на формалното образование, но и на неформалното, а образовниот систем ќе биде синхронизиран со потребите на пазарот на трудот, за да не мора младите да бараат работен ангажман надвор од границите на татковината.

- Немаме намера да импровизираме во образованието. Имаме првичен и добар план за промени кои се креирани врз база на темелна анализа на моменталните состојби, во консултации со стручни лица и пошироката популација. Така што, од сите чинители на воспитно – образовниот систем очекувам поддршка за процесите кои предвидуваат крупни промени. Секако, во меѓувреме секоја сугестија ќе биде добредојдена, рекла Јаневска.

Скопје -  Орхан Муртезани стапи на должноста министер за европски прашања по денешната средба во просториите на некогашниот СЕП, со поранешниот вицепремиер задолжен за ресорот за евроинтеграциите Бојан Маричиќ.

-И официјално ја прифатив функцијата министер за европски прашања. Им благодарам на граѓаните кои и дадоа доверба на Коалицијата ВЛЕН и на раководството на Алтернатива што ми ја доверија оваа функција. Сега преминуваме во дела, секогаш имајќи го предвид интересот на граѓаните, нивната определба за радикални промени и стратешкиот интерес на земјата за евроинтеграција, објави Муртезани на неговиот фејбук профил.

Со донесување на законот за реорганизација на Владата од новиот парламентарен состав, поранешниот Секретаријат за европски прашања прерасна во Министерство за европски прашања.

Орхан Муртезани е роден во Скопје на 07.06.1984 година. Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, а постипломски студии завршил на Универзитетот Мармара, Истанбул.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска на првиот работен ден од мандатот на средба со млади од ИТ секторот порачал дека ќе работи на обезбедување услови за нивен развој и креирање иднина во државава.

- Првата официјална средба како министер за дигитална трансформација, ја почнувам заедно со младите. Сите напори и решенија треба да бидат во насока на обезбедување добри услови младите да се развиваат и да ја гледаат и својата иднина во Македонија, вели Андоновски во пишана изјава. 

Истакнал дека реформите се во фокусот на новата Влада. 

-Реформите во општеството и дигиталната трансформација се и главен акцент на новата Влада со која што ќе се овозможи и подобар стандард за живеење на младите и намалување на корупцијата, наведува Андоновски. 

Скопје - Зоран Љутков денеска ја презеде функцијата министер за култура и туризам од досегашната министерка Бисера Костадиновска Стојчевска.

Љутков истакнал дека доаѓа време на промени, а пред сите чинители од областа на културата и туризмот, претстои интензивен период на макотрпна работа и инвестиции, што воедно претставува  врвен приоритет на новата влада, информира прес-службата на Министерството за култура и туризам. 

Костадиновска – Стојчевска на новоизбраниот министер му ја честитала новата должност и му посакала успех во совладувањето на предизвиците поврзани со реализацијата на тековните и идни проекти на Министерството за култура и туризам. 

Луксембург - Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави денеска дека Западен Балкан треба да се приклучи на Европската унија пред Украина и изрази надеж дека тоа ќе се случи пред 2030 година.

Во Луксембург, каде што одржува состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, Тајани, запрашан за коментар за фактот дека Украина утре официјално ќе ги почне преговорите со ЕУ, рече дека ЕУ е подготвена да ја поддржи таа земја во секој сектор, вклучително и во борбата против корупцијата, но нагласи дека на ред треба да дојде Западен Балкан пред Украина.

„Пред Украина има многу земји од Западен Балкан. Треба да одиме понатаму и се надевам на полноправно членство на земјите од Западен Балкан пред 2030 година, а потоа треба да работиме со Украина и Молдавија. Мислам дека е важно да веднаш започнете дијалог со Украина“, рече Тајани.

Брисел - Планот на Србија за отворање рудник за литиум претставува повеќе од енергетска транзиција бидејќи може да и помогне на земјата да се приближи до членството во ЕУ, пишува „Браселс Тајмс“.

Србија сака да биде еден од најголемите добавувачи на литиум во Европа и го оживува „контроверзниот рударски проект што беше одложен“ за да ги оствари тие амбиции. Истовремено, не може да се занемари влијанието врз нејзината кандидатура за членство во ЕУ, пишува на англиски бриселскиот портал и магазин, пренесе Бета.

По големите протести на еколошките здруженија и граѓаните пред две години, српската влада беше принудена да се откаже од плановите да му дозволи на рударскиот гигант Рио Тинто да продолжи да го развива проектот и дозволите беа повлечени, потсетува бриселскиот портал.

Сега Рио Тинто доби втора шанса - српскиот претседател Александар Вучиќ минатата недела посочи дека ќе даде зелено светло за проектот доколку ЕУ и компанијата можат да дадат одредени гаранции.

Белград - Актерот Феѓа Штукан од Босна и Херцеговина денеска ќе биде депортиран во Сараево, откако вчера беше приведен на белградскиот аеродром Никола Тесла, а полицијата му врачила решение дека претставува безбедносна закана за Србија, потврди неговиот адвокат за Хина.

Штукан во неделата вечерта требаше да биде гостин на регионалниот фестивал Крокодил, но беше приведен на аеродромот Никола Тесла.

Адвокатот на Штукан, Сеад Спаховиќ, вели дека во формална и правна смисла, Штукан „ниту бил приведен, ниту уапсен“, само бил оттргнат од редот за пасошка контрола и изолиран до првиот лет за Сараево.

„Нема правен лек за решението што му го врачила полицијата“, рече Спаховиќ, наведувајќи дека документот се заснова „на проценките на официјалните ор

Виена - Растот на побарувачката на нафта во наредните години ќе се забави поради преминот кон чисти извори на енергија, што заедно со очекуваното зголемување на производството на црно злато до крајот на деценијата, може да доведе до големи вишоци на нафта на пазарот и значителни последици за нафтениот пазар, тврди Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), пренесува SEEbiz.

Во својот годишен извештај, ИЕА предвидува дека глобалната побарувачка на нафта ќе се стабилизира на 106 милиони барели дневно до крајот на деценијата, додека производствениот капацитет ќе се зголеми на 114 милиони барели дневно. Ова би значело вишок од осум милиони барели дневно на пазарот, што, со исклучок на 2020 година во време на короната, би било највисокото ниво на вишок капацитет досега.

Остани поврзан