• понеделник, 22 јули 2024
МИА Радио флеш

29 февруари 2024 

-Претседателот на техничката Влада, Талат Џафери денеска се обрати на Конференцијата на високо ниво, посветена на Планот за раст за Западен Балкан, која е продолжение на разговорите започнати во Скопје минатиот месец. Џафери, како што соопшти владината прес-служба, зборуваше во рамки на Панелот „Вовед во единствениот пазар“, при што ја нагласи важноста на Заедничкиот регионален пазар како можност до придобивките на внатрешниот пазар на ЕУ, за граѓаните, уште во текот на пристапниот процес. -Премиерот Џафери посочи дека Владата на Република Северна Македонија силно го поддржува Планот за раст за Западен Балкан и дека тоа е најамбициозниот механизам предложен од Европската комисија од почетокот на нашиот евроинтеграциски процес, кој потенцијално ќе го промени регионот и ќе го забрза придвижувањето кон Европската Унија, се наведува во соопштението.

-Целта на спроведувањето на Планот за раст и Развој на заедничкиот регионален пазар е граѓаните да ги почувствуваат придобивките со социо-економскиот развој на регионот на патот кон ЕУ, се до полноправното членство на Северна Македонија, наведе на својата Фејсбук страница првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој присуствува на регионалниот состанок за европска интеграција во Тирана. Информира дека во фокусот на регионалниот состанок во Тирана се соработката на земјите од Западен Балкан и спроведувањето на Планот за раст и развој на Заедничкиот регионален пазар. -Определувањето на конкретни мерки и приоритетни акции за вклучувањето на економиите во единствениот пазар на ЕУ значат забрзана интеграција на Западен Балкан и значително зголемен социо-економски развој на регионот, напиша Маричиќ.

-Собранието го донесе Законот за спорт. Законот беше предложен од Министерството за правда и со него се обезбедуваат финансиски поттикнувања за националните спортски федерации, спортските клубови, активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови и други правни субјекти кои имаат решение за вршење на дејност спорт, подигнување на спортот на повисоко ниво вонашата земја и остварување на подобри резултати како во домашни рамки така и на меѓународно ниво. Аналогно на измените и дополнувањата на Законот за данокот на добивка во делот на даночното намалување/поттикнување, во Законот за спортот се предвидува даночно поттикнување за спортките субјекти со воведување на ваучерски систем согласно кој точно ќе бидат утврдени надлежностите на спортските субјекти и органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, како и самата процедура при издавање на ваучери.

-Случајот „Тендери“ на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), застаре поради неодамнешните измени во Кривичниот законик. Во овој случај една од обвинетите беше поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска. -Уважена е жалбата на ОЈО ГОКК (со навод за застареност) и по жалба и по службена должност преиначена е ослободителната пресуда во одбивателна. Пресудата КОКЗ.бр.149/23 е донесена на 15.02.2024 година и е предадена на првостепениот суд, потврдија од Апелација за МИА. Поради измените во Кривичниот законик, донесени по „скратена постапка“ во септември лани, претходно застареа дел од обвиненијата за „Таргет-Тврдина“, „Талир“, „Траекторија“ и „Моќник“, отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

-Во Информацискиот систем за инспекциски надзор, Е- инспектор, од март ќе бидат приклучени сите инспекторати, за кои е надлежен Инспекцискиот совет на Република Северна Македонија, со што ќе се заокружи проектот за целосна дигитализација на инспекциските надзори. На денешниот брифинг за новинарите, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, претседателката на Инспекцискиот совет, Даниела Рендевска, директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска, и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат,  Рената Младеновска го презентираа напредокот и ефектите од воспоставувањето на Информацискиот систем Е-инспектор, во којшто првично започнат како пилот проект во 2021 година со поддршка на УСАИД, беа вклучени само три инспекторати. Вицепремиерката Грковска, истакна дека од минатата пролет, со поддршка на ЕБОР, биле вклучени дополнителни 13 инспекторати во алатката Е-инспектор којшто е во насока на дигитализација на процесите на инспекторатите со тоа што ќе се овозможи поголема контрола, транспарентност и поголема ефикасност.

-Дополнителниот заемник министер Цветан Трипуновски денеска одржа работна средба со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство. Оваа средба се одржа по барање на Трипуновски. На средбата се разговарало за сите отворени ситуации за кои што во минатото јавноста не била информирана. - Сега од позиција на технички заменик министер со десетина дописи се обратив до агенцијата каде што барав расветлување на многу случаи кои што во минатото останаа неодговорени. Иако поминаа петнаесетина дена и тие дописи не беа одговорени, денеска ги поразговаравме директно со директорот Бабовски и апелирав и укажав дека одговорот и транспарентноста мора да биде на прво место во интерес на сите граѓани на Република Македонија. - изјави Трипуновски после средбата.

-Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска ја изврши исплатата на директните плаќања за регистрирани презимени пчелни семејства. -Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства кои поседуваат минимум 10 пчелни семејства и го оддржувале бројот на пчелни семејства до 30 ноември 2023 година. По овој основ се исплатени 5234 пчелари со вкупна финансиска поддршка од 157.3 милиони денари.Висината на финансиската поддршка е 600 денари по пчелно семејство, информираат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

-Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на својата редовна седница во работен состав, одржана на 29 февруари 2024 година, разгледа повеќе прашања и настани поврзани со актуелниот црковен живот. Синодот посвети сериозно внимание на проучување на украинското црковно прашање и формира Комисија која ќе го проучи статусот на Православната Црква во Украина која што доби автокефалност од Вселенската Патријаршија. Претседател на Комисијата е Митрополитот Брегалнички г. Иларион, а потпретседател е Епископот Дељадровско-илинденски г. Јоаким. Истата Комисија има за цел да го проучи и проблемот со именувањето на нашата Света Црква со елинофонските Цркви.

-Учениците ги разбираат можностите што ги нуди дигитализацијата, но 43,5 проценти од испитани во анкета како најголем предизвик во дигиталната трансформација ги гледаат зачестените сајбер-напади. „Аналитика тинк-тенк“ денеска презентираше резултати од истражување спроведувано седум месеци кое опфатило 313 ученици, со примена на анкетен прашалник со 25 прашања. Анкетирани биле ученици од три средни скопски училишта – гимназиите „Никола Карев“ и „Георги Димитров“ во Карпош и средното стручно училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари. Како што истакна  Маја Христовска, проектен експерт од „Аналитика“, еден од резултатите е дека 51 процент од младите биле жртви на сајбер-напади.

-Со цел да се контролира загаденоста на воздухот во близина на Цементарница УСЈЕ АД, Општина Кисела Вода постави мерна станица во парцелата на компанијата, соопштија денеска од ОПштина Кисела Вода. Се работи за уред кој поседува инструмент од типот Аeroqual AQS-1. Класата на точност за мерење на PM 10 честички е во две мерења и опфаќа честичките PM1, PM2.5; PM 10 и TSP. Опсегот на големина на честичките е од 0.1микрометар до 40 микрометри. Мерењата ќе се вршат согласност стандардите и директивите на ЕУ.

 -Турскиот адмирал Зеки Актурк денеска изјави дека турското Министерство за одбрана добило од САД преддоговор за продажба на авиони Ф-16.- Министерството доби нацрт-договор и соодветната документација за него, испратена од САД, во врска со нашето барање за набавка на 40 нови ловци Ф-16 и опрема за модернизација во согласност со потребите на командата на воздухопловните сили на нашата земја. Проектот вклучува и муниција, материјали и опрема за модернизација на постојните ловци, истакна Актурк, додавајќи оти се разгледува преддоговорот. Според него конечната цена на договорот ќе биде позната во последната фаза од склучувањето на зделката. Турција, исто така, испрати предлог до американските власти со барање за производство на некои од компонентите потребни за модернизација на достапните борбени авиони на нејзина територија.

-Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека во Тирана, на самитот Украина – Југоисточна Европа, Србија не потпишала никакви аранжмани и договори со претседателот на Украина Володимир Зеленски за соработка во однос на оружје и муниција. - Не, ние не потпишавме никакви аранжмани со претседателот Зеленски. Ние го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина, а тие го поддржуваат територијалниот интегритет на Србија. И ние сме им длабоко благодарни. Двете земји ги поддржуваат прописите на Повелбата на ОН и резолуциите на ОН, кои се темел и основа на меѓународното јавно право, рече Вучиќ.

-Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај изјави дека премиерот Албин Курти го избрал патот на оддалечување на земјата од НАТО и, според него, тоа е во согласност со руската агенда, јави дописникот на МИА од Приштина. Во изјава за медиумите пред почетокот на денешната седница на Собранието, поранешниот премиер рече дека Косово мора да го спроведе француско-германскиот план за договор со Србија, кој води кон членство во НАТО. - За нас ќе беше од голем интерес веднаш по постигнувањето на договорот, кој е познат како француско-германски план, да почнеме да го спроведуваме за навреме да ја фатиме можноста за зачленување во НАТО. Да не ги пропуштиме овие клучни моменти на НАТО, како што е овогодинешниот, 75-ти самит. Целиот политички договор беше дека во случај на успешна имплементација, на Косово ќе му се отворат можности за интеграција, рече Харадинај.

-Европската комисија во соработка со Светска банка создава нов инструмент за финансиска поддршка наменета за зајакнување на цивилната заштита во државите опфатени со Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, меѓу кои е и Северна Македонија, како и во Грузија и Косово. Во рамки на инструментот наречен Финансиски фонд за техничка помош за превенција и подготвеност за катастрофи (ТАФФ) за 2024 година првично се предвиден шест милиони евра. Како дел од инструментот ќе биде иницирана тригодишна пилот програма за подобрување на капацитетите и подготвеноста на националните служби за цивилна заштита за справување со елементарни непогоди и хуманитарни катастрофи, преку реализација на проекти, студии и обуки за размена на знаење и искуства. 

-Според прелиминарната проценка, годишната стапка на инфлација во Шпанија падна од 3,4 отсто во јануари на 2,8 отсто во февруари и сега е најниска во последните шест месеци, соопшти денеска шпанскиот национален институт за статистика (ИНЕ). Во февруари е забележан значаен пад на цената на струјата во однос на истиот месец лани. На месечна основа, шпанската инфлација се зголеми за 0,3 отсто, во согласност со очекувањата на пазарот, се наведува на веб-страницата на ИНЕ. Базичната инфлација во Шпанија исто така падна во февруари, од јануарските 3,6 на 3,4 отсто на годишно ниво и сега е најниска од март 2022 година. Годишната стапка на базичната инфлација во Шпанија паѓа веќе седми месец по ред.

-Стапката на невработеност во Германија во февруари изнесува 5,9 отсто, што е исто како и минатиот месец, а бројот на невработени се зголемил за 11.000 месечно на 2,713 милиони. Аналитичарите очекуваа дека бројот на невработени во Германија ќе се зголемува за 5.000 месечно, пренесува Блумберг. Невработеноста во Германија и натаму е на највисоко ниво од мај 2021 година. На годишно ниво бројот на невработени во Германија се зголемил за вкупно 119.000. Највисока невработеност традиционално е забележана во Бремен и Берлин, а најниска е во Баварија и Баден-Виртемберг.

- Мит Ромни, американски сенатор републиканец, одговори негативно на прашањето дали тој би гласал за повторен избор на Доналд Трамп за претседател на САД. - Нема да гласам за него. За мене постојат два фактори кои одлучуваат кого сакам да видам за лидер на мојата земја и личност која би сакал да ја видам како пример за моите деца и внуци, изјави тој синоќа во интервју за Си-Ен-Ен. Според него, важни се позициите околу политиките на претседателот на САД, но уште поважен е неговиот карактер.- Со Трамп не се согласувам околу надворешната политика, но се согласувам со многу од нашите домашни политики. Но, има и друга димензија покрај полтиката, а тоа е карактерот. Америка како нација и како прва демократија и лидер во светот се гледа по нејзините лидери, верски, политички, универзитетски и така натаму.  Да се има претседател кој е со толку банкротиран карактер, ќе има огромно влијание на карактерот на Америка. За мене тоа е од примарна важност, изјави Ромни. 

-Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк денеска изјави дека двете страни во конфликтот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас извршиле воени злосторства и повика на истрага и утврдување на одговорност за сторителите. -Двете страни јасно ги прекршија меѓународните човекови права и хуманитарното право, вклучително и воените злосторства и можни други злосторства според меѓународното право, рече Турк, пренесен од британските медиуми. Презентирајќи го годинашниот извештај за состојбата со човековите права во Појасот Газа и окупираниот Западен Брег, Турк кажа дека неговата канцеларија регистрирала „многу инциденти кои можат да претставуваат воени злосторства од страна на израелските сили“. -Постојат индикации дека израелските сили учествувале во неселективно или непропорционално гаѓање, што е кршење на меѓународното право, рече Турк.

-Најмалку 24 лица загинаа во морето кај северен Сенегал, при потонување на брод со мигранти, изјави гувернерот на регионот Сент Луис во Сенегал, Алиуне Бадара Самб. Сепак, очевидци изјавија дека во бродот имало 200, дури и повеќе од 300 луѓе, но гувернерот повика на претпазливост во врска со овие податоци. „Бродот бил во неволја на неколку стотини метри од брегот. Брегот може да биде особено опасен поради морските струи и природата на морското дно“, додаде тој. Според Бадара Самб, чамецот можеби пловел од Жоал-Фадиут, неколку стотици километри јужно од Сент Луис. Со години, Сенегал се соочува со наплив на заминувања кон Канарските Острови, шпански архипелаг во Атлантскиот океан и порта кон Европа. Ова е особено смртоносен поморски пат преку Атлантскиот Океан, во близина на брегот на Западна Африка.

Остани поврзан