• вторник, 27 август 2024
МИА Општински пул

19 август 2024

Куманово - Реконструкции на улици, на училишта, како и проект за изградба на кружен тек во Куманово се дел од проектите кои ги реализира Јавното претпријатие „Куманово план“, информираа денеска надлежните од претпријатието.

- Изминатиов период изработени беа повеќе проекти. Бројката на изработени проекти е во завршна фаза, голем дел се завршени и се веќе во фаза на реализација. Сите барања доставени од општина Куманово се во фаза на изработка, изјави в.д. директорката на „Куманово план“, Сања Јакимовиќ Петковска.

Штип - Штипското Јавно претпријатие (ЈП) „Стипион“ од септември воведува две нови автобуски линии на територија на општините Штип и Карбинци. Директорот на ЈП „Стипион“-Штип, Панче Стефановски вели дека со новите линии се воведува и четврта зона која ја опфаќа новата линија од Трговскиот центар до селата Лакавица, Софилари, Пенуш, Драгоево, Селце, достапна за учениците но и сите останати граѓани. Втората линија која се воведува е во правец кон Општина Карбинци, односно кон селата  Караорман и Долни Балван. Целта е граѓаните од сите населени места да може да го користат градскиот превоз и побрзо и поевтино да простигнат до саканата локација.

-Уште со почетокот на функционирање на градскиот превоз кон граѓаните се обврзавме дека главен фокус има развојот на оваа дејност како и постојаното подобрување на оваа дејност. Со започнување на учебната година во функција ќе бидат ставени две нови линии, едната е на територија на Општина Штип која ќе оди до Лакавица и Селце, а втората до Долни Балван и Караорман, вели Стефановски.

Кавадарци - Кавадарци сака обиколница од околу 14 километри што би го забрзала развојот на општината и регионот, бидејќи дневно низ градот поминуваат околу илјада тешки товарни возила или шлепери, што минуваат низ над седумдесет проценти од градските улици. Со обиколницата што би чинела неколку милиони евра, би се влијаело позитивно врз екологијата и безбедноста во сообраќајот, а и жителите нема да бидат вознемирувани. Таа би почнала од по Неготино кон Кавадарци и би завршила кон Витачево, би имала големо значење и за идниот граничен премин кон Грција. 

За овој голем капитален проект беше разговарано денеска на работнаta посета што ја остварија заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и пратениците од оваа општина. Беше извршена презентација на предлог-проект за оваа инвестиција. 

Скопје - Со цел подобрување на патната инфраструктура Општина Илинден продолжува да работи со интензивно темпо, пришто извршено е асфалтирање на улица „5“ во Стопански комплекс Илинден. Во рамки на градежните работи извршена е изградба и  асфалтирање на улицата во должина од околу 110 метри, информираат денеска од Општината.

Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски извршил увид во работните активности на терен и истакнал дека изградбата на оваа улица е од големо значење за секојдневното функционирање на локалните компании кои гравитираат во тој дел на економската зона.

Карбинци - Ранци и училишен прибор и годинава ќе добијат првачињата во Општинското основно училиште (ООУ)„Страшо Пинџур“, како и во подрачните училишта  во Општина Карбинци.

Градоначалникот на Општина Карбинци Виктор Паунов најави дека традиционално како и секоја година и годинава родителите на дечињата ќе добијат еднократна помош од 3.000 денари. Прв пат од септември во училишните клупи ќе седнат околу 50 првачиња, бројка што е речиси идентична како и лани.

Скопје - Во текот на изминатиов викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа низа активности за подигнување отпад од диви депонии во повеќе скопски општини.

-Отстранети се вкупно 50 кубни метри отпад лоцирани на улиците Скупи и Московска - во скопската општина Карпош, улицата Никола Пушкаров (во близина на старата општина) - во општината Ѓорче Петров, како и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) - во општината Чаир, информираат од јавното претпријатие. 

Скопје - Општина Ѓорче Петров за учебната 2024/2025 година обезбеди ранче и прибор за секое прваче во сите шест основни училишта.

-Како и минатите две години, општината повторно им излезе во пресрет на родителите кои имаат прваче, со што на овој начин, финансиски им се олесни во однос на трошоците кои ги имаат за нивните ученици, информираат од Општина Ѓорле Петров.  На овој начин, додаваат оттаму, повторно покажуваат грижа и за најмладите граѓани кои, како што велат,  возбудено го чекаат првиот школски час.

Штип - На 20 и 21 септември во Штип ќе се одржи 16. издание на манифестацијата „Пастрамалијада“. На денешнта прес-конференција Александар Арсовски како организатор од Општина Штип и познатиот македонски водител Миро Кацаров истакнаа дека новата локација за оваа манифестација е  улицата „Ванчо Прќе“, а со голем број гости и изведувачи, пастрмајлии и добри вибрации се очекува масовна посетеност и одлична забава. И годинава ќе се одржи традиционалното сечење на џиновската пастрамајлија, како и натпревар во брзо јадење.

-Имаме одлични изведувачи, пред се македонски изведувачи. Имаме и нова локација, ова е трета локација по ред на улицата „Ванчо Прќе“. Мислам дека ќе биде најдобро оваа година, оти ќе биде во центарот, ќе биде масовно и ќе има мнолгу вибрации, вели Кацаров.

Велес - Во СВР Велес, 41-годишниот велешанец синоќа пријавил дека околу 01.20 часот во казино во Велес бил физички нападнат од Љ.Н., информира портпаролот на СВР Велес Биљана Ѓаковска.

Од СВР Велес содаваат дека се превземаат мерки за расчистување на случајот. 

Пробиштип - Од 250 до 300 хектари борова шума и трева изгореа за 24 часа во пробиштипските села Неокази, Трипатанци, Бунеш,  Ратавици. Градоначалникот на Општина Пробиштип Драган Анастасов вели дека пожарот синоќа е целосно изгаснат, благодарение на дождот. Посочува дека овој пожар бил опасен за месното население, бидејќи огнот се доближил на три метри од првата куќа во село Неокази, а исто така бил опасен и за пожарникарите од ТППЕ Пробиштип, Кавадарци и Штип, кои учествувале во неговото гаснење.

-Приоритет на сите нас беше да се спасат домовите на самите луѓе за да нема поголема материјална штета. Она коешто денеска се констатира е дека има изгорено борова шума, а домови и друга инфаструктура нема оштетено, вели Анастасов.

Радовиш - Во Радовиш со повеќе манифестации почна одбележувањето на заштитникот и патронот на градот - Свети Спасо Радовишки.

Векендов се одржа традиционалната манифестација „Меден Радовиш“, која се организираше по трет пат, на која покрај производи од мед беа изложени и други земјоделски производи, производители на локална храна и специјалитети и невладини организации што работат во областа на туризмот. Денеска одбележувањето продолжува со промоција на книгите „Државата е излажана“ од Здравко Тумбовски и „Народната медицина препорачува-лекување со билки и мед“ од Благој Митев.

 

 

 

Остани поврзан