• понеделник, 06 мај 2024

Со читање поезија од роднокрајни автори, во Делчево одбележан Светскиот ден на поезијата

Со читање поезија од роднокрајни автори, во Делчево одбележан Светскиот ден на поезијата

Делчево, 21 март 2024 (МИА) - Со читање на поезија од девет роднокрајни автори денеска во Делчево беше одбележан 21 Март, Светскиот ден на поезијата. Настанот беше организиран во заедничка соработка помеѓу Јавната локална библиотека „Илинден“ и деветолетката „Ванчо Прке“. 

Целта на настанот, како што информираше директорката на библиотеката, Биљана Петровска, е да се даде до знаење дека поезијата не е застарена форма на уметност, а нејзината убавина треба и мора да се негува и чува.

- Во училиштето, учениците читаа поезија од наши роднокрајни автори. Библиотеката од збирките поезија кое се наоѓаат во роднокрајното одделение, избра девет песни од наши роднокрајни автори и тоа: Христина Деолска, Билјана Поповска, Билјана Начовски, Перса Стојчевска Стојановска, Николинка Митрева, Маја Цврдачка, Сабри Демиров, Стеван Спасовски, Киро Филиповски. Со тоа сакаме да покажеме дека поезијата не е застарена форма на уметност, а нејзината убавина треба и мора да ја негуваме и чуваме, рече Петровска.

Светскиот ден на поезијата, како што додадоа од деветолетката, „Ванчо Прке“ е покана да се размислува за моќта на јазикот и целосен развој на креативните способности на секој човек.

- Светскиот ден на поезијата значи поддршка на поезијата, враќање на усната традиција на поетски рецитали, промоција на едукацијата за поезијата, обновување на дијалогот меѓу поезијата и другите уметности (театарот, танцот, музиката, сликарството). Ова беше уште еден убав настан, благодарност до ЈЛБ „Илинден“  и до сите ученици кои прекрасно рецитираа. Се надеваме дека и понатаму ќе имеме добра соработка, додадоа oд ООУ „Ванчо Прке“.

Одлуката 21 Март да се прославува како Светски ден на поезијата како е усвоена во Париз во 1999 година, на 30. сесија на УНЕСКО. Оттогаш денот на поезијата се празнува со книжевни собири низ цел свет и поетите од сите континенти праќаат пораки во чест на стиховното творештво. вс/ар/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан