• четврток, 25 јули 2024
МИА Општински пул

23 мај 2024 

Гостивар - Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари нема решено дали ќе биде во идниот владин состав како министер. Тој потврди дека дел од пишувањата на некои медиуми за распределба на владините ресори и функционерски места се точни.

Според Таравари, можеби денеска или утре ќе биде објавен дефинитивно договорот меѓу идните владини партнери, ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.

- Освен нас, се надевам и друга партија, сега немам информација од ВМРО дали е постигнат договор и со ЗНАМ, така што следните 24 до 48 часа, сигурно ќе биде објавено, рече Таравари.

Скопје - Во организација на Министерството за култура, а во рамки на културната програма за одбележување на традиционалната манифестација „Ден на светите Кирил и Методиј“ во Ватикан, попладнево во салата „Балдини“ во Рим, концерт ќе одржи Камерниот оркестар на Битола, кој како секстет ќе настапи со солистката Нада Талевска-Спасовска.

Како што информираат од Министерството за култура, на концертот во чест на сесловенските просветители ќе бидат изведени македонски изворни песни, меѓу кои и „Бор садила мома Евгенија“, „Елено ќерко“, „Јовано Јованке“, „Налеј, налеј“, сплет од староградски песни за Битола, византиски песни и други дела од богатата македонска изворна музичка ризница.

Скопје - По повод 24 Мај - Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, денеска на Православниот-богословски факултет „Св. Климент Охридски“ ќе се одржат Првите Кирилометодиеви научни средби.

Научните средби се во организација на Институтот за национална историја и Православниот-богословски факултет „св. Климент Охридски“ со цел одбележување на патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и зачувување и афирмирање на вековните македонски историски и црковни традиции. 

Скопје - Јавното сообраќајно претпријатие Скопје информира дека утре поради државниот празник Св.Кирил и Методиј, јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен ред.

Како што посочуваат од ЈСП Скопје, дежурни од 7 до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и во Ѓорче Петров.

Жичарницата ќе работи вообичаено, од 10 до 20 часот, при што од 19:00 до 19:30 часот е последно возење кон врвот, односно во 19:45 часот надолу. 

Скопје - Од Паркот на Франкофонијата започна инсталирањето на Тип 3 светилките кои се дел од паметното осветлување на јавни површини во Општина Центар. Овие светилки имаат различен и декоративен дизајн и истите ќе бидат инсталирани во паркови, шеталишта, основни училишта, градинки и на други локации. Од Тип 3 светилките ќе бидат инсталирани 715 парчиња со моќност на светилка од 34W. Градоначалникот Горан Герасимовски појаснува дека новите ЛЕД светилки немаат еколошки штетни материјали, немаат UV зрачење, имаат висок и предвидлив животен век, намалена потрошувачка на електрична енергија, висока светлосна ефикасност, одличен индекс за рендерирање на бои, лесни се за рециклирање, помалку привлекуваат ноќни инсекти и се отпорни на вибрации и удари.

„Со инсталирањето на паметното јавно осветлување се покажа дека Општина Центар е носител на иновации кои носат бенефити на граѓаните. Со новото осветлување општината ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем. Ова лед осветлување со технологија за автоматско димирање односно подесување на светлината следејќи го заоѓањето на сонцето не само што носи заштеди туку и нови инвестиции кои ќе произлезат од тие заштеди“, порачува Герасимовски.

Куманово - Над 80 проценти од Куманово има вода во домаќинствата, соопштија денеска надлежните од јавното претпријатие „Водовод“. Во наредниот период се очекува целосно стабилизирање на водоснабдувањето. Во моментов без вода се повисоките делови од градот, граѓаните од „Народна Револуција“, од „Франц Розман“, „Бајрам Шабани“, граѓаните од делот во близина на градските гробишта. Кај граѓаните од централното градско подрачје, според информациите, целосно е стабилизирано водоснабдувањето.

- Над 80 отсто од граѓаните непречено добиваат вода од водоснабдителниот систем. Во текот на наредните неколку часа се очекува целосно стабилизирање во сите делови од градот. Напомнуваме водата да се користи како техничка, се до конечна потврда од Центарот за јавно здравје кои треба да направат три последователни анализи кои ќе ја потврдат исправноста на водата на пиење, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојамновски.

По првата анализа резултатите се очекуваат во рок од 48 часа, а потребни се три последователни анализи.

Скопје - ЈУ Детски културен центар (ДКЦ) - Карпош традиционално и оваа година ќе ја реализира манифестацијата „Цртање на асфалт“ која се одржува по повод 24 Мај, Денот на македонските просветители Св.Кирил и Методиј.

Манифестацијата ќе се одржи во Детски културен центар Карпош под мотото „Ја учам азбуката, моите први букви“, а ќе учествуваат предшколските установи од Скопје. 

Скопје - Корисниците од улиците „100“, „101“, „102“ и „103“ во населбата Волково во Општина Ѓорче Петров денеска од 9:00 до 10:00 часот ќе останат без напојување со електрична енергија.

Од 9:00 до 12:00 часот, без струја ќе бидат и дел од корисниците од улицата „Иван Хаџи Николов“ во населбата Драчево во Општина Кисела Вода, а од 9:00 до 15:00 часот, корисниците од улицата „Гаврил Константиновиќ“ во населбата Лисиче во Општина Аеродром.

Остани поврзан