• петок, 06 септември 2024
МИА Општински пул

5 септември 2024 

Дебар - На територијата на Општина Маврово и Ростуше вечер ќе се врши втората теристичка (од земја)  дезинсекција за уништување на возрасните форми на комарци и останати штетници.

-Дезинсекцијата, како општа против епидемиска мерка ќе се спроведе во соработка со Центарот за јавно здравје-Тетово, според претходно утврден план и динамика, само под поволни временски услови. Тоа е согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, а врз основа на одлуката на Советот на Општина Маврово и Ростуше, информираа од Општината.

Скопје -  Граѓанската организација „Младите можат“ ја почна кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“, чија основна цел е зголемување на свесноста и информираноста за важноста на менталното здравје кај младите на возраст од 14 до 18 години. Кампањата ќе се спроведе во средните училишта во државата и ќе опфати низа едукативни активности насочени кон учениците, но и кон наставниот кадар и стручните служби.  

-Менталното здравје на средношколците не смее да биде табу тема и како заедница мора да ги поттикнеме младите отворено да говорат за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат во своето секојдневие. Целта е да понудиме конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат учениците, но и да им порачаме дека треба отворено да зборуваат за стресот, анксиозноста, меѓуврсничкото насилство, градењето доверба. Исто така, важно нѝ е да помогнеме средните училишта да прераснат во инклузивни средини кои се подготвени во секој момент да им понудат поддршка на учениците во насока на поттикнување грижа за себе, своето ментално здравје и благосостојба, вели Филип Ивковски, програмски координатор во „Младите можат“.

Скопје - Центарот за управување со кризи информира дека во текот на вчерашниот ден имало вкупно 40 пожари од кои активни се шест пожари, а еден е под контрола.

Активен е пожарот меѓу селата Пештани – Кокре – Кален – Дуње – Бонче – Крушевица – Волково, кој се шири на три крака  и тоа од селото Бонче кон селото Крушевица, превој Слива кон селото Чумово и кон селото Пештани. Гори нискостеблеста вегетација, сува трева и борова шума.

Скопје - Поради дефект на приклучна цевка на ул. „Леринска“ 55а, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од оваа улица. ЈП Водовод и Kанализација-Скопје информираа дека прекинот на водоснабдувањето ќе биде од 09:10 часот до санирање на дефектот.

Без вода поради уличен дефект на ул. „Лазар Димитров“ бр.6, ќе бидат и корисниците на дел од оваа улица од бр.2 до бр.8 и дел од бул. „Србија“ (околу сервис Борче) од 09:15 часот.

Скопје - По повод Денот на независноста - 8 Септември, в сабота во скопско Нерези ќе се одржи прослава на игралиштето, со почеток од 20 часот. Организатори на настанот се група граѓани Обединето Нерези и ова е петта година како го одбележуваат најголемиот државен празник.

- Идејата за одбележување на празникот ја инициравме десетина луѓе за време на карантинот, кој беше воведен поради корона вирусот. Првата прослава ја организиравме во 2020 година, и од година во година, бројот на присутни расте. Ние, секако, ја сакаме Македонија. Но, можеби карантинот ни даде повеќе слободно време и дојдовме на идеја да почнеме една убава манифестација, велат од Обединето Нерези.

Остани поврзан