• петок, 06 септември 2024
МИА Општински пул

5 септември 2024

Кавадарци - Претставници на УЈП денеска реализираа советодавна средба со закупувачите на штандови за манифестацијата „Тиквешки гроздобер", со цел да ги информираат за нивните законски обврски при продажбата на производи во рамки на оваа традиционална стопанско туристичка и културна манифестација. 

- Во соработка со Општината заедно со учесниците кои закупиле штандови имаме работна средба, со што како институција настапуваме превентивно и укажуваме на доброволно почитување на даночните закони. Учесниците на манифестацијата знаат за обврските, но секогаш постојат некои прашања што заеднички на ваквите средби ги разјаснуваме, информираше Тања Костова Винарова, асистент во Одделение за услуги и утврдување на данок, во изјава за медиумите. 

Целта е, како што истакна таа, да се информираат јавноста и сите учесници што вршат промет на добра и услуги, задолжително да користат одобрен фискален апарат и во доволен број, да го евидентираат остварениот промет за секоја фискална каса и најдоцна наредниот ден да го уплатат дневниот промет кај носителот на платен промет, да издаваат фискални сметки, а исто така на видно место да имаат истакнато соопштение со кое ги информираат купувачите за нивната обврска да бараат фискални сметки.

Прилеп - Пожарот во Мариово не стивнува, туку е проширена огнената линија на преку 25 километри. На теренот се повеќе од 150 професионалци, чија најголема грижа е пламенот да не ги зафати селата и други објекти, изјави началникот на прилепскиот кризен штаб Ирена Стерјоска Локвенец. Со огнот се опфатени околу 8000 хектари.

-Критично е кај селото Крушевица, загрозено е од два фронта. Таму имаме лоцирано доста екипи, таму се и 50 припадници на АРМ и на полицијата и вложуваат надпросечни напори да се изборат со стихијата. На теренот се и пожарникари, не само од Прилеп, туку и од повеќе градови. Гори и под репетиторите кај селото Штавица и за среќа, огнот слегува надолу, но за среќа не е опфатена боровата шума. Ветрот го смени правецот и пожарот се движи и кон селото Пештани. И таму имаме противпожарни екипи за да го заштитат селото. Пожар има и над манастирот кај Прилепец, на околу 1000 метри. Сите сили се насочени на локализирање на пожарот и на заштита на селата и објектите, рече Стерјоска Локвенец.

Скопје - Вчера вечер, реонски парк во општина Ѓорче Петров беше исполнет со магијата на музиката и уметноста, благодарение на прекрасниот концерт организиран од општината, во соработка со Здружението за поддршка на палијативни пациенти и нивните семејства „Палиум“.

Настанот беше посветен на Меѓународниот ден на семејството, а преку нотите на музиката заедно покажавме дека радоста и љубовта кон семејството се нашата мотивација која не движи низ секојдневието.

„Ви се заблагодарувам на сите што дојдовте да уживате во настапите на Елена Андоновска, Дарко Билбиловски, Кристијан Бенито и трите Културно-уметнички друштва (КУД). Вашето присуство ја направи оваа вечер посебна и незаборавна.“ изјави Градоначалникот Александар Стојкоски. 

Скопје - Општина Кисела Вода ги опремува сите 230 училници во сите основни училишта со пречистувачи на воздух. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ја објави оваа значајна мерка која треба значително да помогне во заштита на здравјето на најмладите, како и во создавање на здрави еколошки навики кај нив.

Како што соопштија од Општината, овој процес е започнат летово со поставување на пречистувачи во ООУ „Невена Георгиева Дуња”, денеска се поставуваат во ПОУ „Кузман Јосифовски Питу”, а во наредниот период, сите училници во сите основни училишта во општина Кисела Вода, ќе добијат пречистувачи на воздух.

Ова е уште чекор кон создавање поздрава и побезбедна средина, каде нашите деца ќе можат непречено да го следат своето образование и да растат во услови што го штитат нивното здравје. Ќе потсетам дека поставивме мерна станица во парцелата на Цементарница УСЈЕ. Претходно ја ставивме во функција мерната станица кај Домот на култура “Билјана Беличанец”, секоја година по неколку пати организираме масовни акции за пошумување, доделуваме субвенции за набавка на пелети како еколошки енергенс, интензивно работиме на имплементација на проекти за енергетска ефикасност. Во Буџетот за 2024 година предвидовме средства и за набавка на фотоволтаици. Воедно, покрај тоа што обезбедивме пречистувачи на воздухот за сите училишта. Наскоро ќе поставиме и пречистувачи на воздух и во поголемите паркови на територија на Општина Кисела Вода, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Крива Паланка - Отворен е повикот за ученици од основните училишта во Крива Паланка за бесплатно изучување на француски јазик преку Фондацијата „Бел идеал" од Франција. И годинава, четврта учебна година по ред, оваа фондација овозможува бесплатна сесија на изучување француски јазик за основците од Крива Паланка, со цел поттикнување љубов кон франкофонијата, францускиот јазик и култура.

Досега околу шеесетина ученици од четврто и петто одделение од основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ од Крива Паланка посетуваа часови што ги овозможи „Бел Идеал", на иницијатива на претседателката на Фондацијата, Јадранка Бојковска -Бенреждал.

Активностите имаат за цел промоција и афирмација на француската култура и јазик по што е познат мојот роден град. Токму затоа продолжуваме со иницијативата и вложувањата за поддршка на сите млади што имаат интерес за запознавање со француската култура и изучување на јазикот. Бесплатно изучување на јазикот е овозможено преку неделни часови за ученици од четврто и петто одделение низ иновативни и интересни методи. Со тоа, отвораме нови можности и перспективи за овие млади личности, рече Бенреждал, која е родена во Крива Паланка, а денес живее и работи во Париз, Франција.

Струмица - Закупувачите на штандови на манифестацијата „ЕГЗИТ“, која се одржува утревечер во Струмица задолжително да користат одобрен фискален апарат и во доволен број, да го евидентираат остварениот промет за секоја фискална каса и најдоцна наредниот ден да го уплатат дневниот промет кај носителот на платен промет, да издаваат фискални сметки. Исто така на видно место да имаат истакнато соопштение со кое ги информираат купувачите за нивната обврска да бараат фискални сметки, беше соопштено по денешната заедничка средба на закупците на штандови, претставници на Општина Струмица и Регионалната дирекција на УЈП во Струмица.

Според заменик директорот на Регионалната дирекција, Александар Николов, УЈП како институција постапува превентивно и укажува на доброволно почитување на даночните закони.

Покрај закупувачите на штандови, физичките лица кои ќе вршат продажба на производи од времен карактер (храна,пуканки,крофни) пред да почнат со дејноста да поднесат барање за паушално плаќање на данокот од вршење на дејност од времен карактер, во подрачната единица на УЈП. Врз основа на поднесеното барање УЈП издава решение со утврдени аконтации на данокот на личен доход, со прилог налози за плаќање на данокот за остарениот приход во периодот додека ја вршеле дејноста, изјави Николов.

Струмица - Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов ги награди струмичките пожарникари со по 10 илјади денари за, како што објави, неизмерната почит и благодарност кон нив.

-Заедно со членовите на Советот ја надополнивме одлуката за бесплатно користење на паркинг просторите на подрачјето на Зоните А и Б за нивните приватни возила за сите вработени во ТППЕ Струмица, а со започнувањето на новиот електричен градски превоз нашите пожарникари ќе можат да го користат бесплатно, објави на својот фејсбук профил струмичкиот градоначалник.

Додаде дека претходно во повеќе наврати пожарникарите добиле финансиска награда по една просечна плата и според Костадинов така треба одговорните градоначалници да се грижат за службите и граѓаните.

Скопје - Општина Илинден почна со изградба на ново детско и кошаркарско игралиште во населено место Бучинци. Во рамки  на детското игралиште ќе бидат поставени детски реквизити, лулашка, лизгалка, клацкалка, клупи, канти за отпадоци за почиста и поубава средина, партерно уреден простор со павер елементи. Дополнително, во рамки на детското игралиште се гради кошаркарско игралиште со бетонска подлога, кош и партерно уреден простор, информираат денеска од Општина Илинден. 

На терен увид на работните активности направил градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакнал дека децата и младите од Бучинци ќе добијат ново катче каде можат да го поминуваат слоборното време во игра, забава и спортски дух. 

Кавадарци -  Вкупно 14 лица во државата досега не ја почитувале забраната за движење во шума без одобрение. Вака одговорија од МВР на прашање од МИА, во врска со тоа колку лица биле затекнати во шума, во време на забрана за движење без одобрение. Забраната за движење во шума без одобрение, беше донесена на 15 јули како превенција од пожари. 

- За непочитување на забрана за движење во шумски предели односно за движење без одобрение во шума за време на забрана, на 14 лица (по четири лица затекнати на подрачје на планина Беласица - Струмица и Градечка Планина - Валандово, три лица на планина Огражден - Пехчево, две на подрачје на Неготино и едно на подрачје на Крива Паланка) им се издадени записници за констатиран прекршок по Закон за шуми, што ќе бидат доставени до подрачни единици на Шумска полиција за понатамошно постапување, се вели во писмениот одговор. 

На прашање од МИА, СВР Велес одговори дека за време на забрана за движење во шума, на подрачјето на СВР Велес има затекнато две лица кои не ја почитувале забраната. 

Струмица - Од страна на Медицински центар Гевгелија синоќа во 23 часот било пријавено дека во станбена зграда на улица „Љубланска“ во Гевгелија било пронајдено починато машко лице без документи за идентификација, соопштија денеска од СВР Струмица.

Увид на местото извршила екипа на ОВР Гевгелија, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција

Скопје - Општина Кисела Вода од денеска е првата општина во Македонија која постави тактилни патеки во своите простории, со што се овозможи полесен пристап до услугите за лицата со оштетен вид. Исто така, на вратите на сите сектори и одделенија имињата се испишани со Брајово писмо, а ќе биде назначен офицер, односно вработен, за комуникација со лица со попречености кои ќе им помага при добивањето на услуги од општината, информираат од Општина Кисела Вода.

Градоначалникот на општината Орце Ѓорѓиевски вели дека достапноста на јавните услуги мора да биде право на секое лице, а не привилегија.

-Со поставувањето на тактилните патеки и употребата на Брајовото писмо во општината, правиме уште еден чекор кон целосна инклузија на сите наши сограѓани, намалувајќи ја нивната маргинализација и овозможувајќи им активна и рамноправна улога во општеството, истакнал тој. 

Остани поврзан