• недела, 22 декември 2024

За пожарот во Расадник поднесена кривична пријава против 14-годишен малолетник

За пожарот во Расадник поднесена кривична пријава против 14-годишен малолетник

Скопје, 6 септември 2024 (МИА) - Министерството за внатрешни работи информира дека за случајот со пожарот во Расадник поднесена е кривична пријава против 14-годишен малолетник, кој заедно со уште две деца фрлале пиротехнички средства, по што се запалила сувата трева и настанал пожар во кој беа заатени околу три хектари површина.

СВР Скопје до ОЈО Скопје поднел кривична пријава против 14-годишен малолетник за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност", предвидено и казниво по член 288 од КЗ.

-Имено, пријавениот, заедно со уште две деца кои не наполниле 14 години и не подлежат на кривична одговорност, на 03.09.2024 околу 15 часот во местото викано Расадник, на територија на општина Кисела Вода во Скопје, фрлале пиротехнички средства кои претходно ги запалиле со запалка, по што се запалила сувата трева и настанал пожар кој зафатил површина  од околу три хектари, се вели во соопштението од МВР.

Со брзата реакција на полициски службеници од СВР Скопје, во координација со други служби, пожарот е локализиран и спречено е настанување на штета од големи размери.

Во пожарот, како што информираа од Скопската противпожарна единица, опожарена е површина со сува трева, грмушки, автомобилски гуми и дрва што се во Расадникот. Во гаснењето интервенирале осум протовпожарни возила и 15 пожарникари, нема повредени лица, а е причинета материјална штета.  аа/са/

Фото: МИА

Остани поврзан